Италија повторно го става на дневен ред проширувањето на ЕУ
6 ноември 2019Советот за општи работи на Европската Унија повторно ќе го отвори прашањето за проширувањето, по неуспехот да се постигне консензус на самитот во Брисел минатиот месец. Иницијативата е на Италија чиј претседател, Серџо Матарела денеска во Рим го информирал својот гостин, шефот на македонската држава Стево Пендаровски за следните чекори.
Северна Македонија и Албанија не добија датум за почеток на преговори со ЕУ, и покрај позитивната препорака од Европската комисија. Скопје беше блокирано од Франција која бара најпрво да се изврши реформа на методологијата на преговарачкиот процес.
Според најави од дипломатски извори кои ги пренесува агенцијата Миа, проширувањето би можело повторно да се најде на дневен ред на состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ на 19 ноември. Дали Франција дотогаш ќе ја претстави новата методологија, останува неизвесно. Како што денеска изјави и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар: „многу е рано да се зборува за нова методологија“.
Претседателот Пендаровски денеска на средбата со италијанскиот домаќин уште еднаш потенцирал дека неговата земја нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ и не се прифатливи алтернативни модели за градење на односи на земјите од Западен Балкан со Унијата, различни од стандардите што ги поминаа сите членки во ЕУ како кандидати.