И Хајндл на „свадба“, ама без невеста
7 јули 2016Свадба без невеста. Вака се коментира епилогот од напорите на германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл да оствари средби со лидерите на сите четири партии - потписнички на Договорот од Пржино, чие спроведување подолг период е во застој. Дипломатската мисија број 4 на Хајндл е реализирана со тројца партиски лидери, но врз неа темна дамка остави отсуство на лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Специјалниот пратеник вчера оствари средба само со „делегација на ВМРО-ДПМНЕ“, но партијата не објави кој учествувал во разговорите. Неофицијално, на средбата биле присутни министрите кои пред една недела беа именувани и за вицепремиери: Никола Тодоров и Никола Поповски. Ова се смета за еден вид „реприза“, со оглед дека Хајндл со Поповски имаше средба и во Министерството за надворешни работи.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Хајндл бил навремено информиран за отсуството на Груевски, а според дипломатски извори, германскиот пратеник не бил известен за тоа.
Пред четири дена (3.07) портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов објави фотографии од Никола Груевски на аеродромот во Рим, со обвинување дека тој таму ги троши дел од украдените пари за купување скапи брендови. Веднаш потоа од ВМРО-ДПМНЕ стигна објаснување дека партискиот лидер заминал на свадба кај пријател. Но, никој не очекуваше дека свадбата толку долго ќе трае и дека ќе биде причина за отсуство на Груевски од средбата со Хајндл, и тоа во многу критичен момент за земјата: кога ЕК и скрати на Македонија 27 милиони евра од ИПА-фондовите, ЕУ повика дека „решението на кризата треба да биде прашање на денови, а не на недели и месеци“, а медиумите објавија и информација дека Унијата донела одлука за кратење на дополнителни 69 милиони евра од ИПА фондовите, како и да и ги одземе надлежностите на Владата за менаџирање со европските пари.
Бегање од реалноста
Во владејачката партија не се забележува загриженост за ваквите состојби. Од таму вчера само повторија дека Груевски не бил присутен на средбата со Хајндл од причини кои се соопштени: со семејството е на приватно патување.
„Тој беше лично поканет на свадба кај пријател надвор од Македонија уште пред неколку месеци. Престојот во странство го завршува заклучно со 7-ми јули“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Не е првпат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и други партиски функционери да отсуствуваат од договорени средби со странски дипломати. Тоа се случи и кога се разговараше за одложување на изборите. Груевски беше во Скопје, но не присуствуваше на средба со гарантите на Договорот и таа задача и ја остави на други партиски функционери. Тактиката за бегање од разговори без дипломатски ракавици, беше видлива и кога амбасадорите на земји - членки на ЕУ дојдоа пред Владата за да ја достават оценката дека не се исполнети условите за фер - избори на 24-ти април. Немаше кому да ја предадат, бидејќи им било речено дека техничкиот премиер си заминал.
Според домашни дипломати, во недостиг на официјални информации, тешко е да се каже дали станува збор за политичка некултура или за оправдано и навреме најавено отсуство.
„Дали станува збор за намерно ескивирање на средбата или не, најдобро ќе покажат следните потези - односот кон пораките од ЕУ, подготвеноста за нивна имплементација и.т.н. Ако тие бидат ескивирани, ќе биде јасно што стои во заднината“, велат тие.
Партиски извори, пак, тврдат дека „Груевски преку свадбата во Италија си обезбедил алиби за да избегне уште една тура тешки разговори“, какви што наводно веќе имал со еврокомесарот Јоханес Хан, при неодамнешната посета на Брисел, на 28 и 29 јуни.
Како што информираше тогаш државната агенција МИА, „на средбата Груевски и Хан имале отворен разговор, во кој според Груевски, ги допреле сите теми што ја засегаат Република Македонија“. Груевски тие средби ги оцени како многу корисни и изјави дека било интересно да се дебатира со сите бриселски соговорници и „да се даде максимум да се намалат штетите што опозицијата и ги направи во изминатиот период на Република Македонија“. Само еден ден по „многу корисните средби“ на Груевски, Европската Комисија ѝ скрати на Македонија 27 милиони евра од ИПА-фондовите.
Исти теми, исти проблеми
Хајндл на одвоени средби вчера по четврти пат ги слушна ставовите на партиските раководства околу решенијата за илез од кризата. На средбата со лидерот на СДСМ заеднички било констатирано дека нема време за губење и дека е неопходно брзо решение за кризата - преку прецизирање конкретни чекори за исполнување на двата клучни услова за брзи и фер избори.
„И за Избирачкиот список и за медиумите, можен е договор во следните денови, ако за тоа постои политичка волја, бидејки на маса се конкретни технички чекори што треба да се направат, а коишто може да не зависат од политичките партии“, посочил Заев на средбата.
Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, на средбата било истакнато дека како партија остануваат посветени кон постигнување на позитивни решенија кои ќе бидат рационални и ќе го запазат општествениот интерес.
„Беше постигната согласност дека е потребен конструктивен пристап и отвореност на сите политички чинители. Истовремено беше истакнато дека изборите се прифатливо, посакувано и единствено решение за надминување на политичката криза, но базирајќи се на претходните искуства и однесување на СДСМ, тоа треба да биде без неосновано лицитирање на нови термини кои подоцна ќе бидат одлагани“, се вели во соопштението.
Како што соопшти ДУИ, Ахмети и Хајндл претежно разговарале околу прашањата за пречистување на Избирачкиот список и медиумите, како и за предусловите за одредување на датум за предвремените избори. Според лидерот на ДПА, Мендух Тачи, можниот датум за избори и решенијата за излез од кризата ќе се знаат по посетите на Хајндл, но и на американскиот заменик-државен секретар Викторија Нуланд, која доаѓа во Скопје на 11 јули.
Нема позитивни работи
„Се надевам дека оваа посета ќе влијае врз развојот на настаните“, оцени вчера амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав.
„Минатата недела јас и амбасадорите на другите членки на ЕУ дадовме изјава и тоа не беше само изјава заради изјава. Сакаме да ги поттикнеме сите страни да постигнат договор во однос на Пржинскиот договор. За жал нема многу позитивни работи што можат да бидат пријавени денеска“, изјави Орав по работниот ручек со Хајндл. Тој се надева дека денеска ќе продолжат разговорите во Работната група, но не ја коментира нивната содржина.
„Нашата улога е да ги собереме сите партии заедно и да им помогнеме да го унапредат процесот. Меѓународната заедница има блиски консултации и очекуваме дека политичката криза наскоро ќе биде завршена“, порача Орав.
Хајндл при последната посета ги обелодени трите точки од неговата мисија - исполнување на условите за фер - избори, овозможување на СЈО да ја врши работата и итно спроведување на реформите.
Од она што може да се смета за нов елемент во разговорите, се растечките заложби за формирање на специјално судско оделение што ќе ги процесуира предметите на СЈО, како и продолжување на поставениот рок во кој СЈО може да покрене обвинение, бидејќи поради опструкциите и притисоците обвинителството изгуби многу време.