Кина: партнерот наскоро ќе стане ривал
16 март 2015Германската канцеларка Меркел во неделата во Хановер го отвори компјутерскиот саем Цебит, заедно со кинескиот вицепремиер Ма Каи и сопственикот на Алибаба, Џек Ма. Годинава Кина е партнер на Цебит, но на дигиталниот пазар двете земји се ривали
Не толку одамна никој не знаеше ништо за Џек Ма или за Алибаба. Со неговата интернет платформа тој ја револуционализираше трговијата во Кина, а на Волстрит заработи милијарди. Сега тој го отвора Цебит и говори за своите амбиции.
„Епл нема да биде иднината. Но Епл ни покажува како ќе изгледа иднината“, рече Џек Ма, сопственикот на Алибаба.
Потоа ги покажа и сопствените идеи. Најновото: плаќање со еден клик преку препознавање на лице.
погледајте видео на оваа тема:
Кинескиот вицепремиер Ма Каи и тоа како би сакал да се појават повеќе кинески претприемачи како Алибаба, кои ќе бидат во состојба да се натпреваруваат со западните. Настапот на Кина на Цебит и онака може да се оцени како самоуверен. Повеќе од 600 фирми дојдоа во Хановер. Некои од најголемите компании се тука, но Кина сепак има уште долг пат кон технолошкиот врв.
За десет години Кина ќе биде модерна индустриска сила. Тоа е најавата од кинеската влада. Но за да стигне таму, на земјата ќе и биде потребна најновата технологија. Тоа би можело да значи голема добивка за германските понудувачи.
Но, што доколку Кина во иднина стане голем ривал? Германската канцеларка Ангела Меркел е насочена кон соработка, но во истовреме апелира да се создаде заеднички европски дигитален пазар.
„Потребна ни е рамка која ќе создаде подобри услови за инвестиции во дигиталните услуги низ цела Европа, без разлика кој ги нуди“, рече Меркел на отворањето на Цебит.
Тоа ќе треба брзо да се развива, затоа што без разлика што Германија и Кина на Цебит говореа за соработка, на крајот тие се сепак конкуренти на дигиталниот пазар.