Кинески инвеститори купуваат германски фабрики
8 април 2015Линго Конг седи на управувачкиот пулт на една мала постројка во Билефелд. Тој е еден од малубројните кинески работници на производителот на машини за шиење Диркоп Адлер. За фабриката, тој е незаменлив. Електроинженерот е важна поврзница со матичната фирма во Шангај. Ако се појави проблем при управувањето со монтажата, Конг може брзо и јасно да посредува. Тоа е јасна предност, истакнува шефот на управата на претпријатието, Дитрих Ајкхоф.
Ајкхоф веќе со децении бил во претпријатието, кога шангајската Гонг-група во 2005 година го купила овој германски производител на машини за шиење. Навраќајќи се наназад, Ајкхоф истакнува-промената беше голема. „Оваа источновествалска директност која кај нас е традиционална, не е секогаш добро примена во Кина“. Затоа, било потребно постепено меѓусебно привикнување, раскажува шефот.
Претпријатијата со богата традиција произведуваат за цел свет
Со машините за шиење од Диркоп Адлер се шијат седишта, ербег-перничиња за автомобили, сигурносни појаси, но и навлаки за мебел или облека. Над 90 проценти од машините се наменети за извоз. Се произведува во фабрики во Чешка или Романија. Но, развојот, крајната монтажа и контролата на квалитетот секогаш се вршат во Билефелд. Околу 300-те работници во погонот во Северна Рајна Вествалија се сите стручно обучени. На оваа работа со жиг на квалитет „меид ин Џерманик“ се потпираат и инвеститорите на ШангајГонгГруп. Се разбира, сомничавоста кон Кинезите беше голема, раскажува Јерг Бунте. Монтерот веќе 30 години е во Диркоп Адлер. „Се разбира, кај нас постоеја стравови за егзистенцијата. Дали ќе останеме во овој погон, дали ќе ги задржиме нашите работни места?“, тоа биле грижи кои ги мачеле вработените. Подоцна, овие стравувања се покажале неосновани, вели Бунте, тие со кинеската матична фирма работат исто како и претходно.
Во купувачка треска
Според истражувањата на консултантското друштво ПрајсВатерхаусКуперс од 2014 година, во фабриките за производство на постројки и машини во светски рамки има толку многу фузионирања и преземања како никогаш досега. Посебно паѓа во очи големиот удел на инвеститори од еврозоната во овие зделки. Но, лани била вистински рекордна година за кинеските производители на машини. За разлика од порано, Кинезите сега не се трудат само да преземаат патенти и купените производни погони да ги префрлат во сопствената земја. Денес кинеските инвеститори постапуваат како и мнозинството останати: ги користат евтините кредити и поволните финансиски средства на светските пазари за окрупнување. Овој интерес ја обединува цела машининска индустрија, потврдува и консултантот Мартин Тебен од ПрајсВатерхаусКуперс. Претпријатијата ја надминаа финансиската криза. „Тие повторно заработуваат многу пари“. А тие пари, според Тебен, се обидуваат да ги инвестираат и да купат други фабрики.
Преземањата како спас
Понекогаш инвеститорите се покажуваат и како финансиска потпора. На ваков ефект се надева и фабриката за производство на алати Гилдемајстер, исто така од Билефелд. Гилдемајстер веќе долго соработувала со јапонскиот концерн ДМГ Мори Сеики. Сега претстои преземање. Помош во криза, зашто поради падот на вредноста на рубљата и силниот швајцарски франк, раководството насетува големи тешкотии. Гилдемајстер тесно соработува со руски партнери и живее од извоз. Кај Диркоп Адлер кинескиот сопственик се покажа како спасител. Во 2008 година 155 години старата фирма се најде во тешка економска криза. Со милионските инвестиции и кредити, инвеститорот ШангГонг и‘ помогна на фабриката во Билефелд повторно да застане на нозе.
ШангГонгГруп расте и натаму
ШангГонг групата неодамна ги купи и производителот на машини за шиење Пфаф од Кајзерслаутерн и КСЛ од Лорш. Таму, исто како и во Билефелд, кинеското преземање немаше речиси никакво влијание врз производството и фабриките. Промените се забележливи повеќе на шефовските спратови: шефот на управата Ајкхоф работи врата до врата со финансиската директорка Јинг Женг. Соработката со неа веќе со години тече добро, раскажува Ајкхоф. Само на едно овој Германец не се навикнал: апсолутното сфаќање на хиерархијата од страна на колешката и безусловната послушност кон претпоставените.